1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Предадете го забранетиот нож - ќе добиете Нетфликс!

СБ | СН | агенции
7 септември 2024

Бројот на напади со нож во Германија минатата година се зголеми на 8.951 регистриран случај. Тоа е повеќе од 24 напади на ден. Германскиот полициски синдикат предлага да се бори против тоа - со Нетфликс.

https://p.dw.com/p/4jCNU
Не е познато колку нелегални ножеви „пеперутка“ има во Германија
Не е познато колку нелегални ножеви „пеперутка“ има во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

На крајот на јули годинава, 17-годишно момче заедно со неговите двајца браќа (22 и 26 години) нападна и тешко повреди тројца мажи на Кенигштрасе во центарот на Штутгарт. Ова, по големиот пораст на бројот на напади со нож ширум Германија, го поттикна германскиот полициски синдикат да даде предлог кој, според шефот на синдикатот Јохен Копелке, ќе придонесе за намалување на бројот на напади со нож.

„Забранетите и опасни ножеви мора итно да се отстранат од приватни раце - за поголема јавна безбедност“, изјави Копелке. Тој смета дека потенцијалните напаѓачи треба да се охрабрат доброволно да ги предадат своите ножеви на властите.

Затоа тој предложи на сопствениците на забранетите ножеви „пеперутка“ да им се понуди годишна претплата на Нетфликс доколку го предадат својот нож на властите.

Претседателот на германскиот полициски синдикат, Јохен Копелке
Претседателот на германскиот полициски синдикат, Јохен КопелкеФотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Копелке се осврна на дискусиите кои се водеа во Германија во 2009 година - во тоа време имаше предлог нелегалното огнено оружје да ѝ се предаде на полицијата. Во март истата година, 17-годишно момче на повеќе локации во Виненден застрела и уби 15 луѓе, а на крајот и себеси.

Забранетиот „пеперутка“ нож

Потоа, од редовите на владејачката коалиција дојдоа предлози на сопствениците на нелегално огнено оружје да им се понуди награда доколку го предадат оружјето на полицијата. Тогаш дојде предлог од партијата на Зелените да се награди сопственикот со купопродажен ваучер во вредност од 50 евра за секое предадено парче оружје.

Таа акција требаше да биде временски ограничена, бидејќи тогаш се проценуваше дека во Германија има околу 30 милиони парчиња нелегално огнено оружје.

За тие предлози се разговараше некое време, но на крајот се откажаа. Но, шефот на Сојузниот синдикат на германската полиција Копелке не ги заборави и сега ја претстави својата варијанта - ножот „пеперутка“ во замена за Нетфликс.

Не е познато колку нелегални ножеви „пеперутка“ има во Германија. Станува збор за нож на склопување чие сечило е скриено меѓу две надолжни половини од метална рачка од која може да се извади со нивно расклопување. Вакви ножеви во Германија може да се купат за помалку од 10 евра.

Во германските медиуми предлогот на Копелке најчесто се нарекува „необичен“ или „бизарен“.“.