Граѓаните не го плаќаат цехот за украдената струја
14 септември 2022Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) не ги признава кражбите на електрична енергија во крајната цена и тие се на товар на Електродистрибуција Скопје. Доколку некој потрошувач има добиено сметка која е отстапување од реалната состојба, може самостојно да го отчита броилото и да ја пријави состојбата.
Високите сметки за струја, издатоците за мрежарина, кои некогаш се поголеми и од потрошената електрична енергија, како и кражбите на струја, се во фокусот на вниманието во екот на енергетската криза. Прашањето особено се актуелизираше по обелоденувањето на информацијата дека само во Општина Арачиново за една година се краде или не се плаќа струја во вредност од 6 милиони евра, а околу 50 милиони евра е вредноста на украдената струја само од Скопскиот регион во една година. Загуби на струја има и во други општини како .на пример Куманово - 16%, Тетово - 12%, Гостивар 19%, Кичево 12%...
Кој ќе го плати цехот?
Оттаму и прашањето кој ќе го плати цехот за потрошената, но ненаплатената струја? Според првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, потрошувачите го плаќаат само тоа што ќе го потрошат. „РКЕ не ги признава кражбите на електрична енергија во крајната цената што ја одредува и истите се на товар директно на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје. Дополнително, доколку некој потрошувач има добиено сметка во која има отстапување од реалната состојба, може самостојно да го отчита броилото и да ја пријави состојбата, по што ЕВН ХОМЕ е должен веднаш да издаде нова коригирана сметка со реална состојба“, вели Бислимоски, кој имаше средба со Мирјана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ), каде секојдневно пристигнуваат поплаки од граѓаните во однос на сметките за струја.
Во врска со висината на т.н. мрежарина, која во одредени сметки е поголема во однос на енергијата. Бислимоски вели дека потрошувачите на електрична енергија во земјата отсекогаш плаќале за користење на електропреносниот и електродистрибутивниот систем.
До 30 јуни 2022 година, трошокот за користење на електропреносниот и електродистрибутивниот систем беше вклучен во цената на електрична енергија. Имајќи го ова предвид, како и обврските од законодавството на Европската унија за поголема транспарентност на цените РКЕ, на 27 јуни 2022 година донесе тарифен систем за продажба на електрична енергија, со што се направи поделба на вкупниот надоместок за испорачана електрична енергија на: надомест за електрична енергија, пренос и дистрибуција. „Оваа поделба на вкупниот надоместок ЕВН ХОМЕ го пресликува во фактурата за испорачана електрична енергија за секој потрошувач, со цел секој да има увид кој износ го плаќа и за што го плаќа“, вели Бислимоски.
Граѓаните забележуваат дека кај некои мрежарината е повисока отколку потрошувачката. Бислимоски вели дека причина за качување на сметките е покривањето на загубите поради цената на струјата.
„ЕВН Хоум откупува струја од ЕСМ и факт е дека таа цена е субвенционирана од државата и е 48 евра за мегават час. Тоа е првиот дел од сметката. Вториот дел, кој е повисок, е мрежарината. Тоа е пренос, оперативни трошоци, покривање загуби во мрежата и амортизација. Загубите до годинава беа околу 30 отсто. Годинава ЕСМ ги продава загубите за 143 евра или околу 10 денари по киловат, а претходно биле околу 3-3,5 денари. Во останатиот дел РКЕ ги држи цените“, вели тој. Ако ЕСМ понудел цена од 56 евра, тогаш мрежарината би била пониска за околу 40 отсто отколку сега. „ЕСМ се јави на тендер со 143 евра“, истакна Бислимоски за Студио 10 на ТВ24.
Поплаки
До Организацијата на потрошувачи изминатиов период пристигнале повеќе случаи во врска со сметките за електрична енергија, каде што износот за надоместокот за дистрибуција на електрична енергија е поголем од надоместокот за потрошена електрична енергија. Бислимоски вели дека тоа е така затоа што одредени домаќинства кои внимаваат на потрошувачката и истата ја имаат насочено во ниска тарифа (евтина тарифа) трошат електрична енергија која е далеку пониска и изнесува 10 евра за MWh, додека трошоците за мрежарина се исти и во висока и во ниска тарифа.
Граѓаните реагираат и на фактурите за електрична енергија поради двојна пресметка на деновите опфатени во две последователни фактури, каде во наредната се јавуваат повторно истите денови за кои претходно е фактурирано. Иако ЕВН објаснува дека граѓаните треба да го гледаат пресметковниот период на втората страна од фактурата (во делот на детални информации), од ОПМ напоменуваат дека пресметковниот период треба да е идентичен односно да не се доведуваат во заблуда со различно претставени пресметковни периоди во една фактура и се надеваат дека ЕВН ова ќе го исправи.
Неодамна и народниот правобранител Насер Зибери информираше дека и оваа институција е преплавена со поплаки од граѓаните за нередовно читање на струјомерите и за високи сметки што им биле испорачувани по читањето. Само минатата година до Омбудсманот пристигнале 88 претставки за електричната енергија, од кои најголемиот дел се однесуваат на нередовно читање на броилата и за високи фактури кои следеле по порамнувањето на цената.