1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грабеж на струја од 150 милиони евра

31 август 2022

Најголемите грабежи во светската историја се ништо во споредба со тоа што се случува кај нас. А ние, онака ноншалантно, го гледаме и му придаваме значење помалку од разголената фотка на Карлеуша. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4GFCS
Арачиново
Арачиново (архивска фотографија)Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Во раните утрински часови на 22 февруари 2006 година, банда од најмалку шест мажи, од кои некои вооружени, украле од депото на банката Секуритас во Кент, Велика Британија, износ од 54 милиони фунти. Тоа е најголемата ваква кражба во британската историја.

Во март 1972 година, професионалните провалници Амил и Џејмс Динсио со нивните внуци, шура и двајца други соработници, го извршиле најголемиот грабеж во историјата на САД. Тие со динамит направиле дупка на покривот на сефот во банката Јунајтед Калифорнија и ограбиле 30 милиони долари во готовина и вредни предмети.

Грабежот на дијаманти во Антверпен се случи во февруари 2003 година. Грабежот, кој бил проценет на над 100 милиони долари во дијаманти, златен накит и пари, се смета за „Грабежо на векот“.

Ова се некои од најголемите кражби во светската историја. Аматери!

Во една земја на брдовитиот Балкан се организирал и извел грабеж на струјаво износ од 150 милиони евра во текот на една тешка година. 

Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Триумфалниот влез во Арачиново 

Пред една недела прочитав еден официјален податок, кој го објави ЕВН, дека во Македонија се краде струја во износ од 5% од вкупната потрошувачка на електрична енергија. И толку. Помина „послабо“ од вест за разголена фотка на Карлеуша. Потоа малку се позанимававме со арачиновци и нивното неплаќање на струја, па некако се доби впечаток дека Арачиново и уште две, три села ја крадат струјата во земјата. Нормална, и на место, беше критиката и негодувањето за нееднаквиот третман на државата кон нејзините граѓани. Не смее да се дозволи некој да не плаќа струја, вода, комуналии, а други да плаќаат. Глупаво е да се преговара со една група на луѓе, да се замолуваат да не крадат толку и да почнат барем по малку да плаќаат, а други да не можат глава да кренат од сметки, извршители, кредити. Затоа и критиката и гневот беа оправдани. Ни малку не исчезна гневот кога, онака триумфално, ЕВН влезе во Арачиново, небаре го ослободиле.

Но, она што изостана е клучното прашање - колку се 5% од вкупната потрошувачка на електрична енергија? Одговорот е околу 320 гигават часови годишно. Во пари, тоа пред неколку години изнесуваше „скромни“ 10-15 милиони евра годишно. Денес тоа се околу 100 милиони евра, пресметано по просечната цена на берзите на електрична енергија за периодот од почетокот на годинава до крај на јули 2022 година. Цената на струјата во август е за речиси 50% поскапа од онаа на крајот на јули, така што, ако вака продолжи трендот на цената на струјата на светските берзи, годишната кражба на струја во Македонија, во пари, оваа тешка 2022 година ќе достигне неверојатни 150 милиони евра. Грабеж во износ од 150 милиони евра!

Епохалниот грабеж 

Ајде сега малку да го анализираме овој епохален грабеж преку официјални податоци и бројки. Според податоците од Државниот завод за статистика, секој жител годишно троши по 1.475 киловат часови електрична енергија, а едно просечно македонско домаќинство со четири члена, годишно, во просек троши 5.900 киловат часови. 

Ако 320 гигават часови се 320 милиони киловат часови, тогаш кражбата од 5% е како сите жители на Кавадарци, Валандово, Берово, Дојран, Радовиш, Гевгелија, Крива Паланка, Неготино, Свети Николе, Виница, Ресен, Пробиштип, Делчево и Пехчево да си трошат бесплатно струја цела година. Да, да, сите овие 14 градови заедно, односно сите домаќинства и жители кои живеат во овие 14 градови во државата да не платат ниту еден денар за струја цела година. Според последниот попис, во сите овие градови живеат околу 220 илјади жители. Кога вкупниот број на жители на сите овие градови ќе се помножи со 1.475 киловат часови, колку што годишно во просек секој човек троши електрична енергија, доаѓаме до бројката од 320 гигават часови електрична енергија годишно. Точно толку, колку што годишно се краде струја во Македонија.

Ова значи дека во Македонија се краде струја во количина доволна да задоволи просечна потрошувачка на 220 илјади нејзини граѓани. Од друга страна, Арачиново има 2.848 домаќинства, па доколку ниту едно од нив не плаќа струја, а трошат како што троши секое нормално македонско домаќинство, годишно ќе потрошат струја во вредност од 5-6 милиони евра. Токму толку, колку што ЕВН по „освојувањето“ на Арачиново објави дека бил износот на украдена струја од ова село на годишно ниво. Огромна сума се 5-6 милиони евра годишно, се согласувам, ама до 150 милиони евра?

Затоа велам, најголемите грабежи во светската историја се ништо во споредба со тоа што се случува кај нас, пред наши очи, во оваа исклучително тешка година. А ние, онака ноншалантно го гледаме и му придаваме значење помалку од разголената фотка на Карлеуша. 

Има ли спас? 

Изгледа граѓаните како да се предадоа. Како да нема спас. Или пак како ние да сме многу богата земја. Како никогаш да не секнува оваа „крава музара“.

- повеќе од авторот: Даночна реформа или даночна проформа?

Ќе ја завршам колумната како и обично со предлог. Предлагам да се направи тим од надлежни државни органи и ЕВН и во рок од 30 дена да ги откријат, исклучат и санкционираат сите оние кои крадат струја во ова многу тешко време. Целта мора да е нула киловати кражба на струја. Сѐ друго е неприфатливо. Потоа, книжно да се одобрат сите компании во Македонија со приоритет на производствените фирми, во вредност од 320 гигават часови потрошена електрична енергија. Компаниите се мачат и пропаѓаат под притисокот на високата цена на струјата, па ослободување од плаќање за овие 320 гигават часови годишно, ќе биде значајна помош во вакви тешки деловни услови. Затоа што овие 320 гигават часови и вака и така ги плаќаме, па подобро е наместо да се крадат, да се насочат како директна владина помош кон компаниите.

- повеќе од авторот: Просјачка сага

Според Марк Тулиј Кикерон, најголемиот говорник на римската република, постојат два вида на неправда - првиот се однесува на неправдата што луѓето ја нанесуваат (кражба на струја), а вториот кога луѓето и кога можат, не и се спротивставуваат на неправдата што им се нанесува на другите.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.