Нетанјаху во Берлин: Германија и Израел во кризни времиња
16 март 2023Ова беше само уште еден од оние приеми кои се организираат по повод некаков јубилеј. Но говорот кој пред неколку дена во Берлин го одржа германскиот претседател Франк Валтер Штјанмаер, и тоа по повод одбележувањето на 50 години од основањето на израелскиот Универзитет Хаифа, беше невообичаен за шеф на германска држава. Имено ова беше невообичаен политички говор. Штајнмајер критички се осврна кон Израел, односно на развојот на внатрешно-политичките случувања во земјата. Германскиот претседател изрази загриженост поради „ескалацијата на омраза и насилство“ во изминативе недели и месеци, и за „планираната реконструкција на правната држава“ од страна на израелската влада. Германците, рече тој, „секогаш гледале со голем восхит кон силното и енергично владеење на правната држава во Израел, особено што знаеме колку оваа силна и енергична правна држава е неопходна во регионот.“ Ова се зборовите на Франк – Валтер Штајнмајер кој во два мандата беше и министер за надворешни работи на Германија, од 2005-2009 и од 2013 – 2017.
Овие негови зборови делуваа како еден претседател на држава да му помага на друг претседател на држава. Штајнмаер го појасни и ова – во „редовна комуникација сум со мојот пријател и колега по должност Исак Херцог“ и полага надеж во неговиот „мудар и помирувачки глас во израелската дебата.“ А 62-годишниот Херцог, кој на средината на 2021 ја презема претседателската должност, е најважниот актер кој ја опоменува владата на Нетанјаху поради што и самиот се најде под притисок.
Спорна судска реформа
Ултра-десничарката влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху имено планира да го реформира судскиот систем, а таа реформа би можела во целост да го промени демократскиот поредок на државата. Според планот е предвидено израелскиот парламент Кнесет со просто мнозинство да може да ги надгласува, односно да укине одлуки на Уставниот суд. Еден дел од планираната реформа веќе влезе во парламентарна процедура и во тек е прво читање.
Јасната и јавна критика која пред неколку дена ја изнесе Штајнамаер на сметка на израелската внатрешна политика е преседан. Вакво нешто јавно нема кажано ниту еден германски претседател. Генерално, Германците ретко ја критикувале израелската внатрешна политика, дури и кога јавно се коментирала окупацијата на палестинските подрачја.
Односот меѓу Германија и Израел е посебен и секогаш ќе биде во знакот на масовното убиство на шест милиони Евреи од страна на нацистичка Германија. Во исто време билатералните односи импресивно се развиваа по 1965 година кога СР Германија и Израел воспоставија целосни дипломатски односи.
Помирување и пријателство
За раното помирување, пред сè е заслужен Давид Бен-Гурион (1886-1973). Легендарниот прв израелски премиер многу рано почна да се залага за подобрување на односите со “поинаквата Германија“. Бен – Гурион и првиот германски канцелар Конрад Аденауер (1876-1967) се состанаа само два пати, во 1960 и 1966. Но, без разлика, и двајцата државници оставаа впечаток дека се работи за пријатели. Првите официјални разговори меѓу Сојузна Република Германија и Израел започнаа уште во 1952. Најпрвин се зборуваше само за репарации, односно за преземањето на одговорност на Германија за злосторствата врз Евреите извршени за време на националсоцијализмот. Подоцна се воспоставени и тајни контакти со цел извор на германско оружје во Израел.
Кога се дозна за ова во 1964 година во регионот во кој традиционално владеат големи тензии, предизвика голема возбуда. Тоа од друга страна беше и краен поттик за воспоставување на билатерални дипломатски односи во 1965 година. Овој потег многу луѓе во младата еврејска држава тешко го примија, а доаѓањето на првиот германски амбасадор во Израел беше проследен со нереди.
Кол, Меркел и Шолц во Израел
Меѓусебните односи и солидарност со текот на времето станаа сè подобри благодарејќи на заедничките комеморации и посети на германските политичари. Хелмут Кол додуша за својот 16 годишен мандат како канцелар само два пати го посети Израел, но Ангела Меркел пак осум пати беше во посета на израелската држава. Првата посета на актуелниот канцелар Олаф Шолц беше во март 2022 година. Врв на билатералните односи беше настапот на Ангела Меркел во Кнесетот каде во 2008 година одржа говор како прв странец претседател на влада, и тоа на германски - јазикот на сторителите на злосторствата. Делуваше видно трогната во моментот додека ги изговараше следниве зборови: „Секоја сојузна влада и секој канцелар пред мене е обврзан со посебна историска одговорност на Германија за безбедноста на Израел. Таа историска одговорност на Германија е дел од државниот темел на мојата земја, а тоа за мене како сојузна канцеларка значи дека за безбедноста на Израел никогаш не може и не смее да се преговара.“
„Германија, во тоа можете да бидете сигурни, и во иднина цврсто ќе стои на страната на Израел,“ рече и канцеларот Шолц во март минатата година за време на посетата на меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим, посветен на жртвите на Холокаустот. Во оваа прилика тој посебно ја истакна историската одговорност на Германија за државата Израел. По разговорите со тогашниот премиер Нафталиј Бенет, Шолц најави дека наскоро ќе упати покана целата израелска влада да дојде во Берлин на германско-израелски меѓувладини консултации.
Заладување на односите
Токму овие консултации се можеби и најјасниот показател на отуѓувањето, наспроти сите тие историски обврски. Прва таква средба на двете влади е одржана во 2008 година во Ерусалим. До 2018 се одржани уште шест, три во Берлин и три во Ерусалим. Но, со оглед на актуелната политичка констелација и во едната и во другата земја, според многу набљудувачи, во овој момент е тешко замисливо одржување на ваква средба. Шолц секако дека му честиташе на Нетанјаху откако повторно ја презеде премиерската функција кон крајот на 2022. Притоа ги спомена и посебните тесни односи меѓу двете земји. Но, германската страна критички гледа на влезот на десно-екстремистичките партии и политичари во новата израелска влада. Некои од нивните цели, меѓу другото се и изградба на еврејски населби на оние подрачја кои Палестинците ги сакаат за нив како дел од идната држава Палестина.
Критики од Берлин
На почетокот критиките од германска страна можеа да се слушнат само од портпаролите на владата во Берлин, но на крајот на февруари загриженоста и критиките доаѓаат и од двајца важни германски министри. Министерот за правда Марко Бушман, како прв член на германската влада го посети Ерусалим по доаѓањето на новата израелска влада. И имаше јасна порака, и за време на разговорите во Израел и на Твитер.
Бушман испрати опомена дека „мора јасно да се позиционираат против тенденциите кои ја загрозуваат правната држава“. Овој политичар од редовите на германските либерали додаде дека се работи за „зачувување на либералната демократија“ и предупреди на можните последици од „загрозување на правната држава“. Ретко кој досега од германска страна така јасно и критички се осврнал на внатрешно-политичката ситуација во Израел.
И Израел има свои критики
Сега во Берлин доаѓа Нетанјаху. Оваа посета е придружена со тензија како никогаш досега. Германија и Израел - историски оптоварената приказна за односите меѓу двете земји ќе биде побогата со едно ново поглавје. Но и гостинот од Израел доаѓа со одредени критики, бидејќи Германија сè уште има проблем со делумно висок степен на антисемитизам. Кога Шолц беше во Израел никој не можеше ниту да насети што ќе се случи на Документа во Касел, на еден од најважните уметнички настани во светот на кој беа изложени антисемитистички мотиви.
Можеби и Шолц и неговиот гостин, по заедничкиот ручек изјавите за медиумите ќе ги дадат токму од она место на кое во август 2022 година канцеларот стоеше со палестинскиот претседател. Махмуд Абас тогаш се пожали на „повеќеслоен Холокауст“ врз Палестинците, а Шолц молчеше и не изреагира никако. Дури нешто подоцна канцеларот го осуди овој „испад“ на Абас, но горчливиот вкус остана.