Абас предизвика огорченост со изјавата за Холокаустот
17 август 2022Германскиот канцелар не смета дека постои „апартхејд“ на палестинските територии окупирани од Израел. Олаф Шолц, по средбата со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, во Берлин, изјави дека не сака да го прифати тој израз.
Абас, од своја страна, пред новинарите упати сериозни обвинувања против Израел и зборуваше за „апартхејд“. Тој, исто така, побара од Европската унија и Обединетите нации да ја признаат палестинската држава. Палестинците во моментов имаат само статус на набљудувач во ОН.
Шолц, меѓутоа, го отфрли барањето на Абас. Германија и натаму го поддржува решението со „две држави“ помеѓу Израелците и Палестинците, рече канцеларот, додавајќи дека „не е време тука нешто да се менува“.
Абас го изрази своето разочарување што и САД не презеле чекори за нова иницијатива за Блискиот Исток по посетата на американскиот претседател Џозеф Бајден. „Сè уште чекаме по зборовите да следат практични чекори“, рече Абас во однос на Бајден, кој исто така се изјасни за решение со „две држави“.
Абас го обвини Израел за „Холокауст“
На крајот од прес-конференцијата, претседателот на Палестинците предизвика иритации со изјавата дека Израел врши „холокауст“ врз Палестинците. Шолц, кој стоеше до него, со очигледен гнев и скаменет израз на лицето ги следеше изјавите на својот гостин и се обиде да се спротивстави, но портпаролот на канцеларот Штефен Хебештрајт соопшти дека прес-конференцијата е завршена веднаш по одговорот на Абас. Прашањето на новинарот на кое одговараше Абас беше веќе однапред најавено како последно, а Хебештрајт подоцна изјави дека Шолц бил огорчен од изјавата на Абас.
Абас беше прашан дали на 50-годишнината од атентатот врз израелските спортисти на Олимписките игри во Минхен во 1972 година, извршен од палетински терористи, ќе му се извини на Израел, на што тој не одговори директно и рече дека Израел „од 1947 година до денес извршил 50 масакри во палестинските села и градови - 50 масакри, 50 холокаусти“.
Новинарката на ДВ од Берлин, Нина Хазе, која беше на прес-конференцијата, вели: „Еден шеф на германска влада вообичаено не би оставил таква недипломатска изјава без коментар. Шолц не остави добар впечаток. Во исто време, не е јасно дали Абас ѝ направи услуга на својата кауза со тоа што намерно го испровоцира германскиот канцелар на овој начин. Ова може да се одрази на идната подготвеност на Шолц да пружи поддршка“.
Шолц: Неподносливо и неприфатливо
Германскиот канцелар Шолц подоцна јасно ја осуди изјавата на претседателот на Палестинците. „За нас Германците, секое релативизирање на Холокаустот е неподносливо и неприфатливо“, изјави Шолц за весникот „Билд“. Слична изјава Шолц во меѓувреме објави и на Твитер:
Критика дојде и од ополномоштеникот на германската влада за проблемот со антисемитизам, Феликс Клајн: „Со својата релативизација на Холокаустот, претседателот Абас не покажа никаква чувствителност кон нас, германските домаќини“, изјави Клајн за РНД. „Тоа важи и во врска со поставеното прашање за атентатот на Олимписките игри, извршен од ПЛО-терористи.“
Новиот германски амбасадор во Израел, Штефен Зајберт, ја критикуваше Холокауст-споредбата на Абас како погрешна и неприфатлива. „Германија никогаш нема да толерира обид за негирање на уникатноста на злосторствата на Холокаустот“, напиша Зајберт на Твитер.
- повеќе: Германија на страната на Израел – долга историска приказна
Германската опозиција го критикуваше Шолц што веднаш не реагирал. „Неверојатен настан во Канцлерамтот. Сојузниот канцелар требаше јасно да му противречи на палестинскиот претседател и да побара од него да ја напушти зградата!“, напиша на Твитер претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц.
Остра критика од Меѓународниот Аушвиц-Комитет
Меѓународниот Аушвиц-Комитет го обвини Абас дека намерно ја искористил политичката бина во Берлин за „да ја оцрни германската култура на сеќавање и односите со државата Израел“.
Извршниот потпретседател Кристоф Хојбнер изјави: „Со својата срамна и несоодветна споредба со Холокаустот, Абас повторно се обиде да им оди на рака на антиизраелската и антисемитската агресија во Германија и Европа“. Хојбнер ја критикуваше и германската влада: „Неверојатно и чудно е што германската страна не беше подготвена за провокациите на Абас и што неговите изјави за Холокаустот на прес-конференцијата поминаа без спротивставување“.
Гневни реакции во Израел
Израелската влада во меѓувреме остро ја отфрли споредбата на Холокаустот. Тоа што Абас го обвини Израел дека „извршил 50 холокаусти, додека е на германска територија, не е само морален срам, туку и монструозна лага“, изјави израелскиот премиер Јаир Лапид, додавајќи: „Историјата никогаш нема да му прости.“
Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц исто така ги осуди изјавите на претседателот на Палестинците. Оној кој сака мир „не треба да ја искривува вистината и наново да ја пишува историјата“, предупреди министерот. Претседателот на Меморијалниот центар на Холокаустот „Јад Вашем“, Дани Дајан, ги осуди изјавите на Абас како „застрашувачки“. „Германската влада мора соодветно да реагира на ова непростливо однесување директно во Канцлерамтот“, побара Дајан.