1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските банки во стрес

Инго Натусиус | АРД
16 март 2023

По банкротот на Банката на Силиконската долина и турбуленциите околу Кредит Свис расте загриженоста во европскиот банкарски сектор. Растат и сомнежите дали ЕЦБ ќе остане на најавеното зголемување на каматите од 0,5%.

https://p.dw.com/p/4OlBf
Седиштето на Европската централна банка во Франкфурт на Мајна: Колку ќе биде зголемена референтната каматна стапка?
Седиштето на Европската централна банка во Франкфурт на Мајна: Колку ќе биде зголемена референтната каматна стапка?Фотографија: Florian Gaul/greatif/picture alliance

Сеништето од банкарски банкрот ја прогонува Европа - откако на крајот од минатата недела се затвори американската Банка на Силиконската долина- СВБ, турбуленции има и во европскиот финансиски сектор. Прашањето за ликвидноста на една од најголемите банки, Кредит Свис, вклучи тревога кај економистите. И натаму има многу аргументи за зголемување на референтната каматна стапка од 0,5% од страна на Советот на Европската банка во четврток, но сомнежите дека ќе се случи овој најавен чекор растат.

Саудиската национална банка во минатата година инвестираше 1,5 милијарда долари во Кредит Свис банката. Алмар Ал Кудари, претседател на саудиската банка, за Блумберг изјави дека повеќе од таа сума нема да се вложува во и оти неговата банка нема интерес да поседува повеќе од сегашните 9.8% акции. Сопственоста на повеќе од 10% од акциите повлекува и построг државен надзор, повисока регулатива за транспарентност и построга регулација. Во време на разнишан финансиски сектор по банкротот на Банката на Силиконската долина, ова интервју предизвика пад на акциите кај речиси сите банки. Кредит Свис загуби речиси една третина од нејзината берзанска вредност. „Ние сме силна банка“, изјави во едно интервју извршниот директор на банката, Улрих Кернер, во обид да ја смири ситуацијата, што е нетипично за оваа бранша, и додаде: „во основа ги исполнуваме и надминуваме сите регулаторни барања. Нашиот капитал и ликвидност се многу, многу јаки.“

Finanzmarkt Credit Suisse Logo
Фотографија: Fabrice Coffrini/AFP

Неспоредлива ситуација на двете банки

Неспоредливи се разликите меѓу средната по големина и брзорастечка Банка на Силиконската долина и етаблираната голема банка Кредит Свис. Американската банка банкротираше поради купување и задржување на огромни износи на фиксен приход. Поради континуираниот раст на каматите, овие ниско оданочени хартии од вредност, сѐ повеќе губеа на вредност. Намалувањето на вредноста на главницата ја уништи банката. Завршниот годишен извештај на Кредит Свис пак покажува дека обврзниците се драстично намалени и сочинуваат само еден мал дел од билансот. Но кога се шири „кризното расположение“ поединечни случаи повеќе не играат никаква улога. Едноставно се чувствува анти-банкарско расположение. Многу економисти од финансискиот сектор се обидуваат да ја смират ситуацијата. Ги потенцираат разликите и се обидуваат да ја претстават Европа во поповолно светло. Што се однесува до вработените во банките, нивниот личен интерес е јасен. Надзорното тело Бафин, кое е дел од  германското Министерство за финансии, исто така мора да биде внимателно. Фактот што од Бафин за агенцијата Ројтерс изјавија дека во моментов нема знаци дека во Германија клиентите ги повлекуваат парите од банките, не кажува многу. Во моментов никој нема конкретни докази за „повлекување на капитал од банките“.

Многумина сметаат дека банкарска криза во Европа е малку веројатна

Сега посебна тежина имаат гласовите кои надвор од потенцијално погодените или политички мотивирани чинители. Па така, рејтинг агенцијата Мудис уште во вторникот посочи дека европските банки имаат многу помалку обврзници од американските. Затоа е малку веројатно дека банкарската криза од Америка ќе се прелее во Европа.

USA Silicon Valley Bank
Фотографија: Brian Snyder/REUTERS

Претседателот на Германскиот институт за економски истражувања Марсел Фрачер исто така ја смирува ситуацијата. За разлика од банкарската криза во 2008 година, сега проблемот не е лошо банкарство, туку брзиот раст на каматите. „Многумина беа неподготвени“, изјави Фрачер, кој и самиот долго време работеше во Европската централна банка. Кристин Лагард, претседателката на Европската централна банка, најави дека на седница на советот на ЕЦБ во четврток ќе се донесе ново покачување на каматите од 0.5%. Тоа дополнително ќе ги оптовари банките, без оглед дали имаат хартии од вредност со ниска камата,  или се соочуваат со проблеми со финансирањето.

Ќе има ли покачување од половина процент?

Марк Вал, главниот економист за Европа на Дојче банк, во вторникот настапи со претпазливи проценки. Во светло на еден „глобален финансиски потрес од непознати размери и времетраење“ тој очекува покачување на каматите од само 0.25%. Поголем дел од другите независни експерти во браншата, таканаречени ЕЦБ набљудувачи, пак утрото сѐ уште беа на ставот дека каматите ќе бидат зголемени за 0,5%. Но, како што проблемот со Кредит Свис банката станува сѐ појасен, и тие станаа попретпазливи со проценките. „Можам да си претставам дека новата неизвесност ќе влијае на одлуката на ЕЦБ“, изјави за германските медиуми, главниот економист на Дека Банката, Улрих Катер. Неговиот колега од Комерцбанк, Јорг Кремер утрово првично изјави дека постои 75% проценти веројатност за зголемување на каматните стапки. „И јас очекувам зголемување на каматните стапки во таа висина“. Со оглед на зголемената загриженост околу Кредит Свис банката, подоцна и тој стана повнимателен со проценките. Податоците од финансиските пазари во средата попладне покажаа дека очекувањата на мнозинството се оти ќе следи покачување на каматите од само 0,25%.

Deutschland Europäische Zentralbank
Фотографија: Daniel Roland/AFP

Можни се енормни последици за националните економии

Многумина критички гледаат на фактот дека банките кои се во ризик од банкрот - како што е моментално во САД - државата ги поддржува и спасува. Често се зборува дека државата застанува на страната на големиот капитал, додека малите и средни компании се изложени на „ударите“ на пазарот. Банкрот на голема банка бездруго би имал енормни последици за националните економии. Во таков случај работни места ќе загубат банкарите, и оние многу добро платените меѓу нив, но би биле уништени и депозити од приватни лица, инвестиции во пензиски и капитални фондови, па сѐ до финансирањето на бројни компании. Проблемите во банките се отров за целата економија. „Но, така е кога од земјата каде што тече мед и млеко (= периодот на нулта камата) ќе ве вратат назад во нормала (= нормални каматни стапки од 3 до 4 проценти)“, саркастично вели главниот економист на Дека, Катер. „Додека да се навикнете повторно на таквите услови, прво некое време е прилично непријатно“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема