1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банки кои се преголеми за да пропаднат

23 март 2011

Светскиот финансиски систем се‘ уште не е способен да преживее нова, голема криза, предупредуваат експерти на Меѓународниот монетарен фонд. Големите банки и понатаму претставуваат ризик за светскиот финансиски систем.

https://p.dw.com/p/10g8K
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во извештајот на соработници на ММФ, кој го поддржаа првите луѓе на институцијата, се наведува дека во глобални рамки не постои модел за постапување со големите банки кои би западнале во криза, или пак за нивно реструктуирање, така што товарот на нивните евентуални долгови не би паднал врз даночните обврзници.

Се истакнува дека е нужно да се намали комплексноста на големите финансиски институции, да се ограничи нивното работење и да се подобри структурата на нивниот капитал. Експертите заклучуваат дека во многу земји не е ништо променето во структурата на финансискиот состав. До истиот заклучок дошла и професорката Мехтхилд Шротен од германскиот Институт за економски истражувања, која вели дека и покрај кризата расте бројот на системски важни банки.

„Бројот на банки релевантни за системот дури се зголеми, а и нивната важност за системот е зголемена. Во банкарскиот сектор расте бројот фузии, во тоа учествуваат и големите банки. Кога доаѓа до спојување на големи банки, се создаваат огромни банки, а со тоа и институции кои се уште порелевантни за финансискиот систем“.

Проблематични „стрес-тестови“

Во меѓувреме, драматично порасна и нивото на државната помош за големи банки, поради стравот дека евентуалната нивна пропаст би значела катастрофа која треба да се избегне по секоја цена. Па така, најголемиот дел од банките станаа „преголеми за да пропаднат“.

Во Германија досега не успеа идејата, превентивно да се намали бројот на системски важни банки.

Symbolbild IWF und Schuldenkrise
Фотографија: AP Graphics/DW

„Во моментов никој точно не знае што се крие зад банкарските биланси. Но, имајќи предвид дека во меѓувреме им беше овозможено да префрлат дел од своите бизниси во ткн. „лоши банки“, може да се претпостави дека нивните биланси се далеку подобри отколку пред неколку години“, вели Шротен.

Колку се овие претпоставки точни ќе покаже следниот „стрес-тест“ кој го наложи новата европска институција за контрола на банките ЕБА. Во 88 банки, од нив 13 германски, ќе биде спроведено хипотетично сценарио со кое ќе се симулира повеќемесечна рецесија, а банките ќе мораат да задржат што поголем дел од својот капитал. Резултатите ќе бидат познати до крајот на јуни.

Експертите предупредуваат дека „стрес-тестовите“ не се многу меродавни. Имено, минатата година, од 91 банка тестот не го минаа само 7, но меѓу нив не беа четирите банки кои подоцна ја урнаа ирската економија.

Автор: Ролф Венкел/Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска