„Балансерот“ повеќе го нема, но се крчка нов закон
10 октомври 2024Балансерот повеќе го нема, но веќе се подготвува нов закон. Со него, според министерот за здравство Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, ќе се предвиди не само етничката застапеност, туку и застапеност на сите категории на луѓе што живеат во државата.
Коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд, кој во средата (09.10) го укина балансерот - како алатка за вработување по етничка основа во државните институции, Таравари вели дека бидејќи етничката припадност е уставна категорија, неопходен е нов закон. „Уставниот суд за 100 дена реши да ги извади на површина проблемите кои седат со години, 4-5 години. Тоа се проблеми коишто треба да се решат. Мислам дека етничката припадност е веќе уставна категорија. Се надевам дека набргу ќе има нов закон“, вели Таравари.
„Вреди“ нуди решение
По укинувањето на балансерот, и првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити најавува нова алатка завработување по етнички клуч.
„По одлуката на Уставен суд за балансерот, Вреди веднаш ќе пристапи кон ново решение. Како ќе се именува, дали балансер или закон за правична застапеност, за ова нема дилеми дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите во јавната администрација за да се изберат најдобрите, но и за правичната застапеност. Владините партнери сè уште немаат усогласено решение како да се заштити правичната и соодветна застапеност како темелна вредност на Уставот при вработувањата во јавната администрација“, вели Меџити во изјава за „Слободен печат“.
„Не треба да се брза со решение“
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, смета дека владината коалиција има политички капацитет да почне со дијалог за да се најде соодветно решение кое би било солгасно Уставот, но дека не треба да се брза, туку да се отвори широка и јавна дебата.
Според Минчев, правичната застапеност на ентичките заедници е многу важна уставна категорија. Измените кои што треба да се однесуваат на правичната застапеност на етничките заедници се однесуваат на два закона кои се во надлежност на Министерството за јавна администрација.
„Идејата за потпишување на изјава на нотар за чувство на етничка или национална припадност, за мене е понижувачка. Добро е да легнат тензиите, со ладни глави, да се отвори широка дебата во јавноста, да се вклучат и експертите кои се во рамки на реформите на јавна администрација, да се вклучи академската заедница, со цел да се најде долгорочно, содржајно, соодветно решение кое ќе биде во рамки на Уставот“, вели Минчев.
Стручност и компетентност
Уставниот суд го укина балансерот, со што државните институции во иднина не ќе можат да објавуваат огласи во коишто ќе се наведува припадност на заедница, а во регистарот на вработени во јавниот сектор нема да се евидентираат податоците за вработените во институциите. За вработување во државната администрација ќе важи принципот на стручност и компетентност.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, образложувајќи ја одлуката рече дека е донесена со мнозинство гласови и нема да важи ретроактивно. Според него, лага и манипулација се тврдењата дека Уставниот суд укинал права на заедниците. Според Костадиновски, јавната администрација е ‘рбетот на државата, а потребата за квалитетни услуги, не познава етничка припадност или каква било припадност, туку стручни, компетентни, квалитетни ефикасни услуги и стручни и компетентни службеници.
На ваквата одлука бурно реагираше ДУИ, која оцени дека одлуката на судиите е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на државата.