Поради злоупотреби - балансерот оди во историја
12 јули 2024Балансеротќе биде укинат поради злоупотреби. Во Министерството за јавна администрација (МЈА) од вкупниот број вработени административци, 43 отсто се од етничките заедници и ова е предмет на ревизија, најави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
„Балансерот во минатото беше предмет на злоупотреби. Имавме случаи каде етнички Македонци се пишуваа Албанци и каде етнички Албанци се пишуваа Македонци. Имавме и случаи каде припадници на други етнички заедници се пишуваа Македонци. Јас тоа можам да го конкретизирам и со актуелниот случај, согласно новата систематизација и бројот на вработени во новото МЈА каде од вкупниот број вработени кои припаѓаат на јавната администрација, 43 отсто се од етничките заедници“, вели Минчев.
Слабостите на балансерот
Алатката којашто беше воведена во 2016 година за да помогне за соодветна и правична застапеност на етничките заедници при вработувањата во администрацијата изминативе години често беше мета на критики и укажувања дека се злоупотребува.
Укинувањето на балансерот е едно од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ, коешто се најде и во нивната партиска програма „Платформа 1198“. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна при посетата на Тетово изјави дека Европската Унија е таа која препорачува да се укине алатката која одредува вработување државни службеници по етничка припадност. Тој потсети дека препораката на ЕУ е следствено на скрининг процесот којшто е веќе направен.
„И ако тие велат дека треба да се укине, тогаш што ни преостанува тоа. Не ни преостанува ништо друго освен да работиме согласно препораките коишто доаѓаат од самата ЕУ. Тоа е резултат од скрининг процесот“, рече Мицкоски, додавајќи дека земјата треба да напредува согласно компетенции, а не според пол, етничка или верска припадност.
Доработка на законите за администрацијата
Министерството за јавна администрација ја почна постапката за повлекување на предлог-законите за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на административните службеници. Целта е да се изготват поквалитетни решенија.
Минчев, на брифинг со новинарите, најави широка јавна дебата за законите и изрази надеж дека тие ќе бидат донесени и ќе стапат во сила од јануари 2025 година. Со новите законски решенија, прв пат ќе се формира и агенција за стручно усовршување и обука на административците, но уште се размислува дали овој орган ќе биде дел од Министерството за јавна администрација или од Владата.