1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден: Американската демократија е нескршлива

ЖА / агенции
8 февруари 2023

Во говорот за состојбата на нацијата американскиот претседател вети поддршка за Украина се` додека е тоа потребно.

https://p.dw.com/p/4NDZV
Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо БајденФотографија: Jacquelyn Martin/REUTERS

Во својот говор за состојбата на нацијата американскиот претседател Џо Бајден скицираше слика на САД кои под негово водство совладале историски предизвици.

„Ковидот веќе не го контролира нашиот живот...А пред две години нашата демократија беше конфронтирана со најголемата закана по граѓанската војна. Иако е оштетена, нашата демократија денес останува непокорна и нескршлива", изјави претседателот Џо Бајден синоќа во Капитол пред пратениците од двата дома на Конгресот, членовите на Врховниот суд, министри и високи воени претставници.

Во релативно кусиот дел од говорот посветен на надворешната политика, Бајден и` вети американска поддршка на Украина толку долго колку ќе биде потребно. Руската инвазија претставува испит за целиот свет, а во реакцијата на неа САД презедоа лидерска улога, истакна Бајден: „Го обединивме НАТО, создадовме глобална коалиција."

Осврнувајќи се на односите со Кина, Бајден ја подвлече подготвеноста на САД за соработка, но: „Како што покажавме минатата недела, доколку Кина го загрозува нашиот суверенитет, ќе ја штитиме нашата земја, како и што направивме", посочувајќи насоборувањето на кинески балон за кој се претпоставува дека бил во шпионска мисија над САД.

Говор за состојбата на нацијата - претседателот Џо Бајден во Конгресот на САД
Говор за состојбата на нацијата - претседателот Џо Бајден во Конгресот на САДФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Тежиштето на 70-минутниот говор на претседателот меѓутоа беше на внатрешната и економската политика и успесите на неговата влада во креирање работни места. Бајден ги обвини фармацевтските компании дека премногу го наплаќаат инсулинот, ги обвини технолошките компании дека спроведуваат профитен „експеримент" врз деца, а особено го критикуваше профитот на нафтените компании, залагајќи се за повисоки даноци за милијардерите. Претседателот се заложи за реформи во полицијата, образованието и трудовото право, како и за повторно воведување на правото на абортус на федерално ниво.

Бајден иницира и окончување на кавгите во Конгресот околу горната граница на задолжувања - ако таа не биде подигната во идните месеци, на земјата и` се заканува платежна неспособност.

Од конгресните избори ланската година, Републиканците го контролираат Претставничкиот дом, е дел од нив поставуваат услови за својата согласност, кои Бајден ги одбива.

Со оглед на ново воспоставените односи на моќта во Конгресот, прашање е до кој степен демократот Бајден може да ги реализира своите планови. Во својот говор претседателот повеќепати зборуваше за своите „републикански пријатели", повикувајќи на заедничка соработка.

Но, по уште претходно објавените извадоци од обраќањето на Бајден, републиканската гувернерка од Арканзас, Сара Хакаби Сандерс претстави мрачна слика на состојбата во земјата. Радикалната левица ја води земјата во погрешен правец и ги гори нејзините тешко заработени пари. Им наметнува високи цени на бензинот на граѓаните и празни регали во супермаркетите, изјави поранешната портпаролка на екс претседателот Доналд Трамп.

Говорот на претседателот за состојбата на нацијата, кој според уставот е должен да го поднесе како еден вид извештај во Конгресот, е истовремено најважната негова можност да му се обрати на народот, а оваа година тој е и предвесник за сезоната на жестока претседателска кампања во 2024 година. 80-годишниот Бајден се обидува да добие поддршка од своите демократи за уште еден мандат, иако не само кај партиските пријатели, туку и според анкета меѓу граѓаните, постои голема скепса за тоа поради неговата старост.