1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автократијата патува на запад

8 јуни 2023

Америка и ЕУ дваесет години ни наметнуваат отпадок и го рекламираат како злато. За сега, кога отпадокот засмрде до небеса, вината пак да биде префрлена ексклузивно врз наши плеќи. Е па, нема да може. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4SKMY
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Кој е најефикасниот начин за Западот, поточно САД и ЕУ, да се справи со експлозијата на корупција, криминал и етнонационализам во Западниот Балка? Навидум тежок, но всушност крајно едноставен за совладување предизвик. Сѐ што треба е надлежните институции во Америка и Европа да ги следат сопствените дипломати во регионот и да ги приберат имињата на сите политички, медиумски, невладини ликови со кои се среќават. Што поголема насмевката на дипломатите, тоа покорумпиран етнонационалист е ликот до нив. Што поголеми пофалбите за „реформскиот курс“, толку поантиреформски е имиџот на фалениот.

Ако не верувате на балканските очи, верувајте во зборовите на европските усти. Познатиот британски новинар Тим Џуда пред неколку дена пред камера изјави дека „западен амбасадор ми се пожали дека не можат да влијаат врз Албин Курти бидејќи е некорумпиран“. Оние со подобро сеќавање ќе се потсетат на тврдењата дека причината за рушење на Бранко Црвенковски од кормилото на СДСМ не беше поради тоа што не е корумпиран, туку поради тоа што не е корумпиран до она ниво на кое лесно може да биде уценуван од амбасадорите. Истите правила важат и за неговите генерациски партнери Сали Бериша, Мило Ѓукановиќ, Бакир Изетбеговиќ, жестоко жигосани од Вашингтон како олицетворенија на криминалот и корупцијата кои ги подриваат напорите на таквите „светци на западните вредности“ како Додик, Рама, Вучиќ и Абазовиќ.

Американските дипломати и балканските работи 

Редоследот на логиката се наметнува сам по себе. Доколку на Западот му пречи корупцијата на Сали, Мило, Бакир, не му пречи онаа на пријателите на Алекс Сорос и Крис Хил, колку ли ги избезумува некорумпираноста на Курти? И колкава е решителноста на Вашингтон, Брисел, Париз, Берлин да не дозволат никогаш и по никоја цена на политичките сцени во регионот да се појави кое било дрско, невоспитано, некорумпирано политичко суштествo, кое ја загрозува нивната колонијална интерпретација на подобноста? И ги прави послушните чомбиња и полтрони да се чувствуваат непријатно карши некој кој го расипува „просекот“?

Ден по изјавата на Џуда, следеше уште едно брутално разоткривање на подметнувањата на американската и европската дипломатија во регионот. И тоа од перото на Кристијан Шварц-Шилинг, кој без влакно на јазикот директно порача дека „американската политика во регионот го подржува етнонационализмот“ прекорно додавајќи низ прозивка? „Зошто ЕУ и Германија слепо ја следат Америка во таа политика?”. Не, не ве лажат очите, добро прочитавте. Тие исти американски дипломати кои навикнати на вперување прсти на обвинувања за тоа кој е, а кој не е етнонационалист, на крај самите завршија како обвинети за „правење балкански работи” и тоа на таков простачки начин од кој и самите Балканци би црвенееле.

Западната дипломатија е на пресвртница

Ниту за фалење ниту за кудење, ниту пак за срамење, но од лична гледна точка ниту Џуда ниту Шварц-Шилинг немаат кажано нешто што некои не го повторуваа со години, цела деценија. Битноста на нивното укажување се крие во нешто друго. Доколку некој од Западот тоа веќе го кажува јавно, значи дека вистината за срамниот дебакл на Америка и ЕУ на Балканите е веќе јасна за секој барем пристојно запознает со нас. И дека од нивна призма, секоја пофалба на овдешните амбасадори за „успесите и постигнувањата” не е ништо повеќе од безочна, кариерска, срамна лага над лагите. Западната дипломатија е сега на пресвртница – од попување за нивните стандарди кон попување за нашите некадарности. Со единствена цел - целата вина за фаворизирање на нашите некадарни, непорокопсани, за човештво недостојни полтронски „лидери” да се префрли на наши плеќи. И тоа не смее да се дозволи. Америка и ЕУ дваесет години ни наметнуваат отпадок и го рекламираат како злато. За сега, кога отпадокот засмрде до небеса, вината пак да биде префрлена ексклузивно врз наши плеќи. Е па, нема да може.

Но да продолжиме таму каде што застанаа Џуда и Шилинг во објаснување на она што беше и да се надоврземе, надградиме и прошириме со укажување на она што следи. Како последица на регионалното соочување со митот за „умешната западна дипломатија” изградена врз кормупирани, уценети „лидери”. Без кои, доколку ги нема, сета успешност и снаодливост се сведува на – нула. Затоа, зависноста на Америка и Европа од корумпираните и криминализираните нема да се намали, туку ќе се удвои во периодот пред нас.

Во тој период ќе се соочиме со една фантастично добра вест и две не толку добри реалности. Добрата вест е дека победата на Украина и нејзиното ослободување станува сѐ поизвесна реалност. Пред сѐ на радост на самите Украинци, и на задоволство на слободољубивиот свет, кој се солидаризираше и ја помагаше нивната борба.

Од друга страна, по крајот на војната неминовно ќе уследи возобновување на социјалните тензии кои беа ставени во мирување поради солидарноста со Украина, но и како последица на пандемијата. Гласачите кои солидарно или со мрморење беа согласни поради Vis Major причини да подзамолкнат за редица прашања од социјална или економска природа, веќе нема да имаат трпение или волја да одмолчуваат и понатаму. Притисокот врз националните водства ширум Унијата неминовно ќе расте, предизвикувајќи нови раслојувања во економските, политичките и надворешните политики на земјите членки. И онака непопуларната политика на проширување со нови земји членки ќе биде дополнително засилена од новите сознанија за длабоко корумпираните водства во регионот и сомнителните политики на евроатлантската дипломатија кон нив.

Одржување на привидот

Во пресрет на таа старо-нова дихотомија на желби и можности, веќе се преземаат чекори за рекалибрирање на понудите, пакувајќи ја пред Европејците новата Макронова конструкција наречена Европска Политичка Заедница (ЕПЗ) како деташиран, санитарно заграден дел на Унијата, додека пак членството во ЕПЗ пред балканските граѓани се пакува, украсува и продава како зачленување во ЕУ. Или како што би рекле евро-стратезите Ахмети и Маричиќ, „за три-четири години, ете нѐ во ЕУ”. Но во реалноста, за Западниот Балкан барем, смислата на ЕПЗ е да се стави ограда околу регионот, пластичен покрив над главите и троа позагреани седишта врз кои ќе седиме додека траат преговорите за членство во Утопијата. Е де, ќе се најде и некој сендвич плус сокче.

Одржувањето на тој привид, како и секој сличен привид во последните дваесетина години, неминовно наметнува потреба за послушни домашни изведувачи и покорни регионални општества. Што подразбира повторна ревалоризација на корумпираната административна стабилократија како нужно зло во одржувањето на привидот на реформи, интеграции и, се разбира, стабилност. Но, примерите со Курти во Косово, масовноста на протестите во Белград, но и предексплозивното незадоволство со новонасадените реформатори во Сараево, Подгорица, Скопје прецизно потврдуваат дека балканскиот желудник веќе не процесуира џанк-политики и фаст-фуд решенија. Следствено, одржувањето на социјалните кохезии ќе биде сѐ потежок предизвик како последица на пред сѐ социјалните и помалку на етничките или идеолошки разлики.

Американскиот политиколог Ендру Михта минатата недела ја потенцираше улогата на Володимир Зеленски во сочувување на кохезијата на нацијата и демократијата под закана, и праша „колку лидери на Западот имаат стомак за таква храброст и одлучност”. Надоврзувајќи се со уште побитното прашање: „Дали западните општества сѐ уште веруваат во обврските кои се фундаментални за демократијата?“ Читано помеѓу редови, или барем со уметничка дозвола за интерпретација, прашањето кое виси во воздух е дали сѐ уште некој на Западот е свесен за последиците од автоматската, по навика наследена политика на фаворизирање на автократи одржувани преку елиминирање на авторитети? Истокот преку Зеленски, Кличко, Санду, Курти, Вјоса, Калас покажува дека има лидери спремни за соочување со предизвикот и општества согласни на жртва за сочувување на фундаментите на демократијата. Од другата страна, Западот преку своите овдешни емисари, амбасадори, дипломати, упорно и упорно и настојчиво сака да ни каже дека на Западот нема водства спремни да прифатат вистински, автохтони авторитети и преферираат инсталирани, полтронизирани автократи. И настојчиво, упорно принудувајќи нѐ да се запрашаме: дали Западот е уморен од Западот?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема