1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратеникот Томас Вајц нов известувач на ЕП за Македонија

ДТЗ
23 октомври 2024

Повеќето политички групи во Европскиот парламент номинираа свои членови за известувачи за земјите од Западен Балкан. Австриецот Томас Вајц е нов известувач за Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/4m8Mq
Европратеникот Томас Вајц
Европратеникот Томас Вајц нов известувач на ЕП за МакедонијаФотографија: DW/Virtyt Gacaferri 

Австрискиот европратеник Томас Вајц е именуван за нов известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија. Вајц, кој доаѓа од Европските зелени, бил и копретседавач на Европската зелена партија.

Во февруари 2017 година, Вајц беше номиниран за член на одборот на Европската зелена партија и беше избран во март 2017 на конгресот на Глобалните Зелени и Европските Зелени во 2017 година во Ливерпул, како единствен австриски член на одборот на Европската зелена партија.

На оваа позиција тој е одговорен за соработка со Зелените партии во Чешка, Словенија, Полска, Унгарија и Албанија и го поддржува развојот на зелени партии во Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора и Србија. Во јуни 2022 година беше реизбран на 35-от Совет на Европската зелена партија за копретседавач на ЕГП заедно со француската сенаторка Мелани Вогел од француската Европска екологија – Зелени. 

Во претходниот Европски парламент, известувач за Северна Македонија беше бугарскиот европратеник, Илхан Ќучук.

Кои ќе бидат новите известувачи за земјите од Западен Балкан?

Повеќето политички групи во Европскиот парламент номинираа свои членови за позициите известувачи за земјите од Западен Балкан. 

Хрватскиот европратеник Тонино Пицула од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) ќе биде известувач за Србија, додека Австриецот Андреас Шајдер  ќе биде известувач за Албанија. Словенечкиот европратеник Марјан Шарец од Renew Europe ќе биде известувач за Црна Гора. 

Европската народна партија (ЕПП) ги доби позициите за известувачи за Косово и Босна и Херцеговина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема