1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реслер - шеф на делегацијата на ЕП за односи меѓу ЕУ и РСМ

4 октомври 2024

„Северна Македонија ја покажа својата силна посветеност на европскиот пат и покрај сите политички предизвици со кои се соочува“, изјави Реслер за РСМ, која „чека подолго од која било друга земја“.

https://p.dw.com/p/4lOuF
Европски парламент |  Карло Реслер
Карло Реслер е избран за шеф на делегацијата на Парламенотот за односи на Европската Унија и Северна МакедонијаФотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler-Fotopress/picture alliance

Хрватскиот пратеник во Европскиот парламент Карло Реслер (ХДЗ/ЕПП) вчера е избран за шеф на делегацијата на Парламенотот за односи на Европската Унија и Северна Македонија, се наведува во соопштението од кабинетот на европратеникот. Во него се потсетува дека - како тело формирано врз основа на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија - Делегацијата има клучна улога во обликувањето на односот меѓу Европскиот парламент и Собранието на Република Северна Македонија.

Делегацијата ќе има посебен фокус на помош во приближување на земјата до Европската унија, а Реслер ќе копретседава со Мешовитиот парламентарен комитет. За потпретседатели на Делегацијата се избрани неговата сонародничка Билјана Борзан (С&Д) и Бугаринот Ивајло Влчев од Има таков народ (ИТН).

Чека подолго од која било друга земја

Во соопштение се потсетува и дека Северна Македонија е кандидат за европско членство уште од 2005 година.

„Нејзиниот европски пат е обележан со напнати односи со соседите и политички застои, поради кои за почеток на преговорите чека подолго од која било друга земја. Поранешната југословенска република е членка на НАТО, а Европската унија е нејзиниот клучен трговски партнер, кој опфаќа повеќе од 75% од извозот на земјата и над 50% од увозот на земјата“, се наведува во описот за земјата.

Северна Македонија ЕУ знамиња
Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ уште од 2005 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Реслер во негова изјава по изборот, ја потенцира посветеноста на РСМ на европскиот пат.

„Северна Македонија ја покажа својата силна посветеност на европскиот пат и покрај сите политички предизвици со кои се соочува. Нашата цел е активно да придонесеме во напорите на Северна Македонија во јакнење на нејзините институционални капацитети и подготовка за полноправно членство во Европската Унија. Тоа вклучува и системско продлабочување на постоечките економски, научни и инфраструктурни врски со државите-членки. Во време на сè поизразени геополитички турбуленции, таквата сеопфатна соработка, европскиот ангажман и безбедноста на југоистокот на Европа ќе бидат поважни од кога било“, изјавил Реслер.

Како што е веќе познато, во 13-члената парламентарна делегација ЕУ- Северна Македонија се четворица бугарски европратеници:  Андреј Ковачев (ГЕРБ), Кристијан Вигенин (БСП), Ивајло Влчев (ИТН) и Христо Петров (ПП-ДБ).

Филипче бара седница, макар и затворена

И додека во тоа тело членовите на Европскиот парламент и на македонското Собрание ќе разменуваат искуства за јакнење на институционалните капацитети, дијалогот, соработката и партнерство, во Македонија на тест ќе биде можноста за внатрешен дијалог во Собранието. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера го повика премиерот Мицкоски на собраниска седница да го презентира планот за идните чекори во евроинтегративниот процес.

„Сметам дека премиерот има голема обврска, треба да го каже неговиот план и планот на Владата - како ќе продолжиме? Имаат ли план, во која временска рамка? Размислуваат ли можеби да сме дел од некој друг сојуз, размислуваат ли да нѐ остават да сме слепо црево на Балканот и да нѐ остават да живееме сами, изолирани и без помош“, праша Венко Филипче во гостување на ТВВ 21.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го повика премиерот Мицкоски на собраниска седница да го презентира планот за идните чекори во евроинтегративниот процесФотографија: Petr Stojanovski/DW

Доколку има сензитивни дипломатски информации, таа собраниска седница може да биде и затворена - сугерираше претседателот на СДСМ. Тој посочи дека со раздвојувањето од Албанија, државата ќе стои во место доколку Владата не преземе конкретни чекори.  

„Сега има еден серозен план на старо-новата претседателка на ЕК и на новиот состав на Европската комисија, во нивниот нов мандат од 2024 до 2029 година серозно да работат со земјите кои што се најнапред во процесот на преговори и нивниот мандат да заврши со прием на пакет-земји во којшто треба да бидат Црна Гора, Албанија и Македонија. Но тоа нема да се случи ако не го сработиме тоа што треба. Тоа значи дека нас нѐ чека сериозна работа во 2024, 2025 и 2026 година. Ако не почнеме сега, сме го пропуштиле тој воз, остануваме со Молдавија, Босна и Херцеговина и со Украина, каде што беснее војна“, рече Филипче.

Апелираше Владата што поскоро да ја информира јавноста, па и во Собранието - каков е нивниот план.

„Доколку тие не го направат тоа, таква седница на Собранието ќе иницираме ние од СДСМ“, најави Филипче.