1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арсовска: Скопје ќе има не една - туку шест елки

ДТЗ
21 декември 2023

„Им ветувам на граѓаните дека следна година од 20 септември ќе почнеме да украсуваме, за да биде навремено, порача градоначалничката на Град Скопје“, Данела Арсовска

https://p.dw.com/p/4aQxx
Скопје
Скопје ќе има не една - туку шест елкиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Новогодишното украсување на главниот град Скопје, како и елката која што деновиве беше поставена на градскиот плоштад „Македонија“ со денови ја брануваат јавноста во земјата, а се најдоа на места на критики и на медиумите во регионот. Додека се бара отчет за тендерот и фирмата задолжена за „разубавување“ на градот во новогодишно руво, градоначалничката Данела Арсовска порачува дека не е и јасно зошто покрај многу посериозни проблеми во земјата,  како „крадење 30 години, приватизација, бркање илјадници луѓе од работа - не е тема на разговор тоа што секој ден некој му ја цица крвта на народот, туку тема е елката и зошто чинела 30 илјади евра“. 

Арсовска тврди дека за разубавувањето на градот имало јавен оглас, но ни таа, ниту службите на Градот не објаснуваат кога и каде е објавен тендерот за кој се потрошени 30 илјади евра од градската каса. Од Oбвинителството порачаа дека Управата за финансиска полиција е надлежна да ги испита наводите за тоа каде завршиле парите од градската каса. Ако не го стори тоа, тие ќе оформат предмет и ќе ги извршат проверките.

„Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“, е ставот на Обвинителството.

Арсовска деновиве реагираше на критиките дека „Скопје е тажно“ и дека „Скопје нема да се накити“ за време на Новогодишните празници и најави дека градот и оваа година ќе биде украсен, но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки.

Но, она што граѓаните деновиве можеа да забележат во центарот на градот, е скромна елка, која отпрвин беше до пола украсена, за потоа да светнат уште неколку дополнителни светилки на неа. По бројните критики во јавноста, на плоштадот се појави уште една елка. Но, тоа не е се.

Скопје
Новогодишното украсување на главниот град Скопје, како и елката која што деновиве беше поставена на градскиот плоштад „Македонија“ со денови ја брануваат јавноста во земјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Не една - туку шест елки

Арсовска во гостување на поткастот „Тешки муабети“ рече дека „нема само една елка, туку има шест елки“. За неа е побитно како никој не прашал во изминативе 10 години за што се трошеле 300.000 евра за „половина од она што градот сега го има направено“.  

„Елката е 30 илјади евра, затоа што не е 300 илјади. Некој го боли тоа оти утре не ќе може да краде“, рече Арсовска.

„Како ќе оправдаат по мандатот, кога ќе треба да платат 300.000 евра за украсување за Нова година? Над 2 милиони евра земале изминативе години. Сега по јавен повик, украсувањето чини 30.000 евра. Ние славиме Божиќ на 7 јануари, секоја година во исто време. Јас им ветувам на граѓаните дека следна година од 20 септември ќе почнеме да украсуваме, за да биде навремено и да не се чувствуваат дека не сме почнале на време“, изјави во средата (20.12)  градоначалничката на Град Скопје.

Таа се пожали дека главниот град има буџет како просечна рурална општина во Србија. „И пазете, зборуваме за Град Скопјекој има 70.000 евра буџет, тоа е колку Чачак“, вели Арсовска. 

Изминатите денови социјалните мрежи беа преплавени со коментари и реакции, но и критики кон градоначалничката Данела Арсовска во врска со новогодишното украсување на градот. За изгледот на елката во Скопје пишуваше и српскиот портал Нова.рс. Тој објави вест со наслов „Кога ќе помислите дека сте во лоша состојба, сетете се на несреќната новогодишна елка во центарот на Скопје“.  

Данела Арсовска
„Елката е 30 илјади евра, затоа што што не е 300 илјади. Некој го боли тоа оти утре не ќе може да краде“, вели Данела Арсовска.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Шилегов контра Арсовска

Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов смета дека Скопје се наоѓа во процес на целосна девастација и побара градоначалничката Данела Арсовска да поднесе оставка. 

„Почитувана Арсовска, заминете си! Поднесете оставка!  Доблесно е да си признаете дека сте тотално неспособна и некадарна да го водите градот. А едноставно, Градот, Ви се случи. Непланирано. (Без визија и план што би работеле. Со сите мои и наши (партиски, политички и граѓански) грешки кои придонесоа за тоа)“, напиша Шилегов на Фејсбук.

Шилегов предлага на пролет да има избори и во Скопје. „Во мај секако имаме избори во Македонија. Нека се избори и во Скопје. Заради малку достоинство што секој од нас треба да го има. И заради Градот во кој што сите живееме. За душегрижниците: немам намера (ниту жал, носталгија за функција. Адвокат сум), но живеам во Скопје и го сакам овој град. И како граѓанин мислам дека овде ништо не е е во ред! За надворешните (а богами и внатрешните) душмани: функцијата не го прави човекот. Напротив! Човекот ја прави функцијата“, напиша Шилегов на Фејсбук. 

Арсовска, пак, му порача дека за четири години додека бил градоначалник не реализирал ниту пет отсто од сопствената програма. 

Иницијатива

И ЛДП најави иницијатива за отповикување на градоначалниците преку законски измени Порачувајќи дека „граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти“, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, вели дека партијата започнува граѓанска иницијатива за отповикување на градоначалниците преку измени на Законот за локална самоуправа и собирање потписи за референдум.

Оценува оти она што се случува во Скопје е знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците, а целта на ваквата иницијатива е создавање поспособна и проактивна локална самоуправа.

Мандатот на градоначалникот престанува по сила на закон доколку самиот поднесе оставка. Негово отповикување од функцијата не е можно.