Археолозите ја добија првата битка, но проблемите остануваат
18 април 2023Изградба на Коридорите 8 и 10 д предизвика потреба од измени во 9 закони. Од нив беше повлечен само предлогот за измени во Законот за заштита на културното наследство (ЗЗКН), и тоа по реакции на археолозите и на пошироката јавност. Дали повлекувањето на предлогот за законски измени го решава проблемот, не само во случајот со евентуални откритија на потенцијаните траси, туку и во актуелниот пристап кон заштита на културното наследство?
„Во 2006 година сме ја ратификувале Европската конвенција за заштита на археолошкото наследство, според која, како држава сме се обврзале да го зачуваме нашето археолошко наследство како светско археолошко наследство без разлика дали се наоѓа над земја и е видливо, или се наоѓа под земја или под вода“, вели Перо Арџанлиев, археолог од Археолошкиот музеј на Северна Македонија.
Во разговор за ДВ тој ги споделува неговите ставови околу потребата од целосна мобилизација на сите институционални ресурси во насока на заштита на археолошкото и културното наследство од една страна, и од друга - изнаоѓање на соодветни решенија за изградба на значајните инфраструктурни проекти.
ДВ: Какви неизвесности за вас археолозите предизвикува тоа што не е познато каде точно е планирана трасата на Коридорот 8 и Коридорот 10 д, особено кога не може да се предвиди што има под земја?
Неизвесностите кои произлегуваат од немањето информации за точниот правец на трасата се однесуваат само на веќе познатите и регистрирани локалитети. Но, имајќи го пред нас фактот за богатството на нашата држава со археолошки локалитети, особено во двата региони каде и минуваат дел од трасите на Коридорите 8 и 10д, тоа се охридско-струшкиот и пелагонискиот регион каде се регистрирани стотици археолошки локалитети, за очекување е да се откријат, односно при изградбата да се наиде и на досега непознати локалитети. За нив важат истите законски норми како и за регистрираните археолошки локалитети. Впрочем најголемиот број локалитети во минатото, но и сега се откриваат случајно при некои земјоделски или други инфраструктурни работи и тоа е пракса секаде во светот. Но, она по што се разликуваат развиените од помалку развиените земји, е како по откривањето државата и институциите ќе реагираат на едно такво откритие.
ДВ: За време на подготовките на теренот за експлоатација на јаглен, беа направени сериозни оштетувања на археолошкиот локалитет Влахо кај битолското село Живојно. Во колку случаи, при градежни, земјоделски и други постапки, се наишло на предмет од ваш професионален интерес?
-Да, за среќа по реакцијата на надлежните институции и целокупната археолошка фела оштетувањата на праисторискиот локалитет Влахо кај Живојно прекинаа, но тоа е повторно изолиран случај. Ние треба како држава и институции кои се надлежни за заштитата на културното наследство да изградиме систем кој при вакви појави навремено ќе реагира и од една страна ќе го заштитува културното наследство, а од друга страна ќе изнаоѓа решенија и за изведба на значајните инфраструктурни проекти. Тоа е можно со донесување на нов ЗЗКН и со поголема меѓусекторска и меѓуинституционална соработка.
ДВ: Предлогот за измени на ЗЗКН е повлечен, но дали тоа ги решава проблемите?
По огромниот притисок на стручната и пошироката јавност овие измени за среќа беа повлечени и првата битка е добиена. Но тоа секако не ги решава проблемите во заштитата на културното наследство. За системска и организирана заштита на културното наследство треба под итно донесување на нов Закон за заштита на културното наследство, кој ќе одговара на ова модерно време и во кој ќе бидат вградени сите меѓународни конвенции за заштита на различните видови културно наследство кои нашата држава ги прифатила и ратификувала. Како пример ќе наведам дека во постоечкиот ЗЗКН, во неговите општи одредби не се опфатени археолошките локалитети како недвижно културно наследство, туку таму стои дека недвижно културно наследство претставуваат споменичните целини, спомениците и културните предели што е спротивно на Европската конвенција за заштита на археолошките локалитети. Потоа, сегашниот ЗЗКН не ги третира заканите на културното наследство од климатските промени, иако тоа во светски рамки е најактуелна тема. Недостатоци има и во ингеренциите на институциите и во нивните капацитети да ги извршат основните задачи кои произлегуваат од овие ингеренции.
ДВ: Дали бројот на археолози во земјава е доволен за брз одговор во истражувања, при евентуални откритија до кои би се дошло при трасирање на патните делници?
За жал, мора да констатирам дека капацитетите на институциите кои треба да одговорат брзо со истражувања кои би произлегле од евентуални откритија се мали, и во однос на човечките ресурси, и во однос на опремата и потребните технички средства за да се одговори на такви предизвици. Голем број надлежни Заводи и музеи кои според ЗЗКН се надлежни за вакви истражувања, имаат мал број или воопшто и немаат археолози кои би ги воделе овие заштитни истражувања. А во однос на опремата, кога ќе споменам дека најголемиот број од овие институции немаат ниту теренски возила, ќе ви стане јасно колку се опремени со останатите потребни технички средства за изведување на модерни и брзи археолошки истражувања. Но токму ваквите големи инфраструктурни проекти се добра прилика овие состојби да се надминат. Преку финансирањето од овие проекти можат да се опремат и модернизираат институциите, а исто така овие истражувања би биле одлична можност за помладите генерации археолози да се оспособат и да го добијат потребното искуство и знаење за идните вакви предизвици. И токму со нив да се надополни и недостигот од човечки ресурси во споменатите институции.
ДВ: На што работите во моментов?
Во моментов работиме на подготовките на меѓународната изложба „105 години Требениште“, која во јули треба да се отвори во Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките, во Софија. Оваа изложба е дел од заедничкиот проект на трите водечки музејски институции - Археолошкиот музеј на Северна Македонија, Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките и Народниот музеј на Србија, со кој на еден модерен начин треба да биде презентрирана богатата и доста значајна архајска некропола „Требениште“. Во рамките на овој проект во 2019 година беше организирана изложбата „100 години Требениште“ која беше поставена во просториите на Археолошкиот музеј на РСМ, а во 2025 година изложбата треба да биде поставена во Народниот музеј на Србија, во Белград. Но изложбите не се единствените активности во рамките на проектот. Покрај нив тим од конзерватори со претставници од трите земји работат на конзервација на одредени артефакти од оваа позната некропола кои досега не добиле ваков конзерваторски третман, а во рамките на проектот се планираат и низа на други напредни лабораториски и теренски истражувања.