Ќе се врати ли дома културното богатство?
18 јуни 2012Кога ќе почне процес за враќање на македонското културно богатство, наместо да се добиваат копии од вредни предмети, кои денес се наоѓаат во музеите во Белград, Софија и многу други земји во светот? Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, за ДВ вели: „Пред неколку години започнавме со поготовка на каталог за изнесеното културно богатство од Македонија. Засега се подготвуваат само списоци, се вршат групирања на вредностите, се подготвуваат образложенија и валидна аргументација која правно ќе може да ги издржи процедуралните постапки, ако воопшто се возможни во нашиот случај. Нема посебна комисија која би се занимавала со реституционалната проблематика, освен онаа која беше формирана по распаѓањето на СФРЈ. Таа повремено се состанува и ги разгледува главно прашањата околу поделбата на имотот на заедничката држава, но тоа нема врска со суштинска реституција“, вели Кузман, кој на прашањето - што се‘ е однесено од земјата, нема прецизен одговор:
„Ги немаме сите податоци. Најголем број на културно-историски вредности се однесени во соседните држави Србија и Бугарија и тоа во времиња во кои нашата земја била во состав на тие држави. Забележано е дека преку 20.000 иконописни дела од македонските цркви и манастири се наоѓаат во разни колекции и музејски збирки во странски земји, а илјадници археолошки предмети се наоѓаат во депоата на големите музејски колоси и разни музејски збирки и колекционерски куќи во светот. Во Археолошкиот музеј во Софија, само од некрополота „Требеништа“, охридско, уште од 1918 година се наоѓаат 253 златни, сребрени, бронзени, керамички, стаклени и килибарни предмети, меѓу кои и двете златни маски и други златни предмети, еден бронзен волутен кратер, бронзени шлемови. Во Народниот музеј во Белград, од истата некропола уште од 1930 - 1934 година се наоѓаат над 180 археолошки предмети, меѓу кои и двете златни маски, бронзени шлемови и многу други вредни предмети. Во овој музеј е и археолошкиот материјал од Радолишта, струшко, многубројни археолошки артефакти од Стоби и други македонски археолошки локалитети. Икони и етнолошки материјали има и во музејот ’25 Мај’ во Белград, во Етнографскиот музеј, во Манаковата куќа. Старословенски ракописи и старопечатени книги од македонска територија се изнесувани и продавани во Софија, Белград, Петроград. Сите овие предмети биле однесени или преку редовни археолошки иакопувања, или како дарови или откупи.“
Ова се случувало главно кога Македонија не била правен субјект, односно немала своја држава, туку била во рамки на други држави. Суштината, вели Кузман, „секако е друга, но меѓународното право не ги познава таквите суштини.“ Според него, „реституција е можна, но во ’македонскиот случај’ само врз основа на пријателска ’размена’ на културните добра“. Се‘ друго е приказна, вели Кузман.
Медиумите во Македонија неодамна цитираа анонимен претставник на Министерството за внатрешни работи, кој оцени дека треба во секој случај да се направи обид за враќање на културното наследство, зашто „ниту Египет, ни Грција не биле правни субјекти кога им краделе културно богатство, но повеле иницијативи за негово враќање“.