Анкета: „Да“ за Украина, „можеби“ за Западен Балкан во ЕУ
12 декември 2023Европејците се поделени во однос на придобивките од проширувањето на ЕУ и имаат измешани чувства за потенцијалниот прием на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Украина, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Турција како земји-членки, покажува најновото истражување направено на барање на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), во пресрет на Самитот на Унијата на кој ќе се расправа за проширувањето.
Анкетата сугерира дека постои јасна поделба меѓу „старите“ и „новите“ членки на ЕУ за тајмингот на секое проширување на блокот - во Австрија, Данска, Германија и Франција преовладува мислењето дека ЕУ не треба да размислува за проширување со нови членки во моментов, за разлика од Романија и Полска, каде поддршката за проширувањето е силна.
Поделба меѓу стари и нови членки
Помалку од 30% од испитаниците изразиле поддршка за проширувањето на Унијата. Испитаниците во Австрија (53%), Германија (50%) и Франција (44%) кажале дека ЕУ не треба да прима нови членки. Спротивно на тоа, во Романија 51% и во Полска 48% од испитаниците веруваат дека ЕУ треба да се прошири.
Анкетата во шест земји-членки на ЕУ (Австрија, Данска, Франција, Германија, Полска и Романија), покажа поделеност за можниот прием на Северна Македонија во ЕУ. Па така, 26% од анкетираните сметаат дека земјата треба да се приклучи кон европското семејство, додека 27% велат дека „не треба да се приклучи“. Според анкетата, 25% од испитаниците „не знаат“, а 22% се индиферентни за ова прашање.
Испитаниците во Полска и Романија изразуваат најголема поддршка за членството на Северна Македонија во ЕУ. Па така, 35 % од анкетираните во Полска, и 32% од испитаниците во Романија сметаат дека земјата треба да добие шанса да се приклучи кон ЕУ, додека по 11 проценти од испитаниците во двете земји дале негативен одговор.
За и против
Во останатите земји преовладуваат негативните одговори. Во Австрија 39% се „против“, а 30% се „за“ Северна Македонија да влезе во Унијата. Во Франција 34% од испитаниците биле против, а 15% дале поддршка на идејата за влез на Македонија во ЕУ, додека во Германија - 36% велат „не треба“, а 22% треба Северна Македонија треба да е дел од Унијата. Слично е расположението и во Данска, каде 30% проценти имаат ладен однос кон пристапувањето на земјата кон европското семејство, наспроти 23 проценти кои имаат позитивен однос кон идејата.
Поддршката за пристапување на Косово е 20%, за Албанија 24% , за Србија 25% од испитаниците иамле позитивно мислење дека треба да се приклучи кон Унијата, додека за Грузија поддршката е 25% . Во однос на Босна и Херцеговина 28% сметаат дека „треба да можат да се приклучи“, наспроти 29 % кои велат - „не треба да се приклучи“.
Поддршка за Украина
Европејците генерално се отворени за идејата Украина да се приклучи на ЕУ, и покрај трошоците и ризиците. Поддршката за влезот на Украина е највисока во Данска (50%) и Полска (47%). Поделено мислење има во Романија (32% за, 29% против), во Германија (37% за, 39% против) и во Франција (29% за, 35% против). Најмала поддршка за Украина во ЕУ има во Австрија каде што 52 отсто од анкетираните се против.
Сепак, 45% од испитаниците се загрижени дека пристапувањето на Украина ќе има негативно влијание врз безбедноста на ЕУ, наспроти 25% кои сметаат дека тоа ќе ја подобри.
Многу Европејци не гледаат економска корист од членството на Украина. Додека 43% од испитаниците во Полска и 37% во Романија очекуваат позитивно влијание за економијата на ЕУ, 54% во Данска и 46% во Австрија предвиделе дека тоа ќе донесе зголемени економски трошоци. Полска со 43% и Данска со 35% се најоптимистични дека приемот на Украина ќе ја зголеми политичката моќ на ЕУ во светот, за разлика Австрија (42%) и Германија (32%), кои сметаат дека со тоа ќе се намали политичката сила на Унијата.