1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АХК: Пад на германските инвестиции во Северна Македонија

ДТЗ
16 мај 2024

Анкетата спроведена меѓу германските инвеститори покажува дека 69 проценти од компаниите повторно би инвестирале во земјата, додека 31% дале негативен одговор.

https://p.dw.com/p/4fv0N
АХК
Пад на германските инвестиции во Северна Македонија, недостига стручна работна силаФотографија: Boris Georgievski/DW

Има пад на германските инвестиции во Северна Македонија, но земјата и понатаму останува привлечна за германските инвеститори. Анкетата спроведена меѓу германските инвеститори и компании членки на Македонско- германското стопанско здружение (АХК) покажува дека 69 проценти од компаниите повторно би инвестирале во земјата, додека 31% дале негативен одговор.

Бизнис климата е добра, но...

Германските компании во Северна Македонија ја оценуваат бизнис климата како добра или многу добра, но има тренд на  намалување на планираните инвестиции. Една од причините е недостигот на стручни кадри. Околу 37 проценти од инвеститорите имаат намера да ги намалат планираните инвестиции, 33% да останат на исто ниво, а 30% да ги зголемат инвестициите, вели Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, надлежна и за Албанија и Косово.   

Еден од одлучувачките фактори е се поголемиотнедостиг на стручни кадри. Дури 70 проценти од германските компании во земјата сметаат дека еден од најголемите ризици е недостигот на стручни кадри. Тоа се одразува  врз тековното производство и на намалување на планираните инвестиции. Според резултатите од анкетата,  57% од инвеститорите сметаат дека и трошоците на работењето се еден од факторите за ризик, а за 47% влијание има и  полиитчко - економската ситуација.

„Но, во секој случај компаниите не седат со скрстени раце, туку на вработените се обидуваат да им обезбедат атрактивни услови за работа, и на тој начин да дојдат и до нови вработени“, велат од  АХК во Северна Македонија.

Корупцијата е еден од проблемите со кои се соочува земјата. Иако германските инвеститори досега немале добиено директна понуда да дадат мито, тие се соочуваат со други проблеми кои им го отежнуваат работењето - како пролонгирање на процесот на вадење работни дозволи за странци или други дозволи што им се потребни на компаниите.

Желбите на германските инвеститори

Германските инвеститори во земјава бараат продолжување на дијалогот со надлежните институции во земјава, консултации пред да се донесат законски измени кои би влијаеле врз нивното работење, зголемување на ефикасноста на администрацијата и завршување на инфраструктурните проекти. 

„Иако е рано за Нова Година, ние би сакале да ги доставиме нашите новогодишни желби до новата Влада, а тоа се продолжување на отворениот дијалог, консултации со економските тела како коморите и економските здруженија пред да се носат законски измени кои би се одразиле врз работењето на компаниите, зголемување на ефикасноста во делот на административните процеси, како што се издавањето на дозволи за престој, како и продолжување и завршување на веќе започнатите инфраструктурни проекти“, вели Ванделт.

Северна Африка станува се поатрактивна за инвеститорите

Во Северна Македонија има повеќе од 200 германски компании кои вработуваат над 20 илјади вработени. Во текот на 2023 година има и нови германски инвеститори, но и голем дел од компаниите реинвестирале во државата. Размената меѓу Северна Македонија и Германија во 2023 година била 5,1 милијарди евра. 

Иако регионот е се уште привлечен за германските инвеститори, факт е дека Северна Африка станува се  поатрактивна дестинација за нив.