1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ванделт: Македонија е многу интересен пазар за инвестирање

ДТЗ
25 октомври 2023

Фокусот за инвестирање од автомобилската индустрија се сели на производство на батерии, текстил, кабли и медицинска опрема...

https://p.dw.com/p/4Y0t8
Антје Ванделт
Ванделт: Северна Македонија нуди мошне интересни услови за инвеститоритеФотографија: Boris Georgievski/DW

Северна Македонија нуди мошне интересни услови за инвеститорите, смета директорката на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија (АХК), Антје Ванделт. Тоа, според неа, е една од причините поради кои германските инвеститори носат одлуки токму тука да ги префрлат своите фабрики и да реинвестираат, а не во својата татковина каде се нивните централи. Фокусот за инвестирање од автомобилската индустрија се сели на производство на батерии, текстил, кабли и медицинска опрема...

„Германските инвеститори токму сега во овие две години речиси сите реинвестираа во своите капацитети тука. Тие работат на проекти кои се долгорочни што значи дека сега сработуваат проекти кои ќе траат пет или четири години. Заради тоа Северна Македонија е мошне интересна како пазар за инвестирање и реинвестирање“, посочи Ванделт на бизнис настанот SUBEX - Suppliers Balkan Expo што се одржува во Скопје во организација на АХК.

Целта на овој бизнис настан е поврзување на домашните компании добавувачи од металната, електро, ИТ, текстилна, дрвна и прехранбена индустрија со компании купувачи од Германија, Романија, Албанија, Косово, Србија, Белгија и Австрија.

Диверзификација на секторите

Германските инвестиции на почетокот на годината најчесто беа фокусирани на автомобилскиот сектор. Но, бидејќи сега е тешко да се најде соодветна работна сила, големите инвеститори веќе не инвестираат. На нивно место доаѓаат помалите инвеститори кои можат да најдат работна сила со соодветни вештини. Германскиот заменик-амбасадор Ото Граф, смета дека тоа е добра можност за инвестирање, бидејќи овозможува диверзификација на индустријата.

Тоа го потврдува и министерот за економија, Крешник Бектеши. Вели дека нема веќе германски инвеститори само во делот на автомобилската индустрија, туку и од други сектори каде има развој како што се производството на батерии кое има нагорен раст и побарувачка на глобално ниво.

Според него, рецесијата во Германија ќе се одрази и на македонската економија, бидејќи Германија е најголем трговски партнер на земјата, но прогнозите за развој на македонската економија сепак се позитивни.

„Убеден сум дека  со мерките кои ги носи Владата до крајот на годинава бројките и податоците ќе бидат уште повисоки“, изјави Бектеши во рамките на бизнис настанот SUBEX - Suppliers Balkan Expo што се одржува во Скопје во Скопје во организација на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија (АХК).

Крешник Бектеши
Најважно од се е компаниите кои ќе решат да инвестираат да имаат предвидлива бизнис клима, вели Бектеши. Фотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Стабилност и сигурност

Бектеши смета дека со Законот за финансиска поддршка на инвестиции, освен стабилност и сигурност Северна Македонија нуди и предвидливост за инвеститорите за реализација на нивните инвестициски проекти, што во крајна цел ќе значи отворање на нови работни места и позитивен импакт на целата економија.

„Северна Македонија прави големи напори со институциите да овозможи најдобри услови за работа на македонскиот пазар. Најважно од се е компаниите кои ќе решат да инвестираат да имаат предвидлива бизнис клима“, вели Бектеши. 

Изминатите години македонските компании се соочуваа со предизвици при изнаоѓање на нови партнери за извоз, како и за проширување на своите бизнис активности надвор од границите на својата земја и регионот.

Според Ванделт, најновите случувања во Европа и светот доведоа до сериозни нарушувања во стопанството, кое секојдневно се соочува со предизвици како последица на војната во Украина која сериозно го наруши европскиот синџир на снабдување, но и екстремно ги зголеми цените на енергија и енергенси.

„Балканот е фокус во потрагата по стабилни компании добавувачи, но и пазари за инвестирање каде европските компании може да ги префрлат своите производствени капацитети“, вели Ванделт.

Извозот од Северна Македонија во Германија е зголемен за повеќе од трипати во последните 10 години и денес достигнува 4,8 милијарди евра. Во последните две години, повеќето германски инвеститори кои веќе работат во земјата енормно ги проширија своите производствени капацитети. Додека претходно германските инвеститори претежно беа од автомобилската индустрија, сега има се поголема диверзификација. Новите германски инвеститори се од други сектори, како што е најсовремено производство на батерии, текстил, кабли и медицинска опрема...