1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Американскиот пријател“ – Ши Џинпинг го пречека Бил Гејтс

ЖА / агенции
16 јуни 2023

Кинескиот претседател Ши Џинпинг во Пекинг го прими основачот на Мајкрософт и филантроп Бил Гејтс.

https://p.dw.com/p/4Sg9E
Бил Гејтс  Ши Џинпинг Кина
Бил Гејтс на средба со кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: Yin Bogu/Xinhua/AP/picture alliance

Ши Џинпинг истакна дека неговата земја постојано се надевала и се надева на „продолжување на пријателството меѓу народите на Кина и САД“, како што цитира кинескиот државен весник „Народен весник“.

Посетата на Гејтс кај Ши доаѓа во момент на силни тензии во односите меѓу Вашингтон и Пекинг. Односите се оптоварени меѓу другото и од засилениот агресивен настап на Кина кон демократски Тајван, како и од експанзионистичките кинески стремежи во Јужното Кинеско Море. В недела во Пекинг треба да пристигне американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен на разговори со кинеското раководство.

При средбата, според кинескиот „Народен весник", Ши го нарекол софтвер-пионерот и филантроп Бил Гејтс свој „американски пријател“, изразувајќи радост што го гледа. Гејт има големо учествои добар придонес во кинеската развојна работа и е „стар пријател на Кина“, истакнал Ши, чии средби со странски претприемачи се голема реткост.

Гејтс од своја страна ја пофалил Кина за „огромните напредоци“ во сузбивањето на сиромаштијата и пандемијата на коронавирус, давајќи со тоа „добар пример во светот“.

Фондацијата на Бил Гејтс, која го носи името на неговата поранешна сопруга Мелинда, во четвртокот најави дека ќе го поддржи со 50 милиони долари Институтот за борба против маларија и туберкулоза во светот со седиште во Пекинг. Во фармацевтскиот истражувачки институт ГХДДИ, во кој ќе се слеат парите, учество имаат градот Пекинг и Универзитетот Цингуа.

Гејтс последен пат ја посети Кина во 2019 година, пред избувнувањето на пандемијата на Ковид, и тогаш се сретна со сопругата на претседателот, Пенг Лијан, со која разговараше за борбата против ХИВ и сида.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема