80 години по „Денот Д“ - одбележување без руски претставник
6 јуни 2024Тоа беше најголемата операција на истоварување трупи во историјата. „Операцијата Оверлорд“, односно истоварувањето на сојузничките трупи во Франција, која беше окупирана од Германија, беше планирана со месеци и се вежбаше во Англија. Инвазијата, непосредно пред почетокот, беше одложена поради лошите временски услови. Но, на 6 јуни 1944 година, кој оттогаш се нарекува „Ден Д“, дојде време за акција: илјадници бродови, со поддршка од воздух, тргнаа од англискиот брег и на плажите во Нормандија однесоа околу 150.000 војници од САД, Велика Британија, Канада и други сојузнички земји. Нивната цел беше ослободување на Франција, а потоа напредување кон Германија за да се стави крај на нацистичкото владеење во Европа.
Кога Адолф Хитлер дознал за инвазијата, се вели дека со задоволство рекол: „Додека беа во Англија, не можевме да ги фатиме. Сега конечно ги имаме онаму каде што можеме да ги победиме“.
Навистина, германскиот Вермахт бил подготвен за инвазијата. Брегот на окупирана Франција бил силно обезбеден со бункери и систем на утврдувања, таканаречениот Атлантски ѕид. Но, најголемите германски воени единици чекаат на погрешно место, поточно во близина на Кале, каде Ла Манш е најтесен. Вермахтот е измамен.
Голем број на загинати
Тоа е битка со големи загуби - за двете страни. Германците од своите позиции пукаат кон сојузничките војници. Тешките борби продолжуваат зад плажите и околугместата и градовите во внатрешноста.
Единствениот адут на персонално и материјално инфериорните Германци е резервата на тенкови. Хитлер лично командува со нив. Но, тој им дозволува да интервенираат предоцна. Воениот историчар Петер Либ ова за ДВ го објаснува со многу банална причина: Хитлеровата навика да остане буден до доцна и да не станува до пладне. Така е и на 6 јуни 1944 година: „Утрото кога тенковите требало брзо да бидат распоредени, Хитлер сè уште спиел. Никој не се осмелил да го разбуди, а високата команда на Вермахтот немала храброст да ги стави во акција тенковите без наредба од Фирерот.“
Безусловната наредба на Хитлер никогаш да не се повлече, исто така се покажува како фатална: „Тука нема избегнување и оперирање, тука се работи за опстојување или умирање“.
Но, од тоа нема никаква корист, напротив - германските војници се сотрени. „Сојузниците победија“, објаснува Либ, „затоа што имаа надмоќ во воздухот, затоа што имаа надмоќ на морето, затоа што имаа елемент на изненадување и затоа што вежбаа за овој ден со месеци“.
На 25 август сојузниците успеаја да го ослободат Париз. Набргу потоа заврши германската окупација на Франција. Но, бројот на загинати во неколкуте недели по 6 јуни 1944 година беше исклучително висок кај двете страни - вклучително и меѓу француските цивили. Загинаа десетици илјади германски и сојузнички војници, како и илјадници цивили. А Втората светска војна оттогаш трае уште над девет месеци и ги чини живот уште милиони луѓе.
Одбележување со поранешниот непријател
Одбележувањето на „Денот Д“ има своја историја. За поранешните западни сојузници, 6-ти јуни наскоро станува фиксен датум. Церемониите во Нормандија редовно ги собираат ветераните, британската кралица, американскиот и францускиот претседател и други шефови на држави и влади.
Долго време таму нема место за германски претставници. Тие самите така гледаа на работите. Канцеларот Хелмут Кол во 1984 година рече: „Германскиот канцелар нема причина да слави кога другите ја слават својата победа во битката во која загинаа десетици илјади Германци“. Но, тој не е ниту поканет.
„Кол потекнува од генерација која била под големо влијание на војната“, вели воениот историчар Петер Либ. „Во исто време, тој сè уште беше тесно поврзан со воената генерација. А за неа, во 1980-тите, кога многумина уште беа живи, беше незамисливо да слават заедно со американските, британските, француските војници.“
Но, полека почнува да се прифаќа наративот „дека истоварувањето во Нормандија беше и почеток на крајот на Германскиот Рајх, а со тоа и почеток на демократијата во Германија“.
Првиот канцелар кој отиде на одбележувањето е Герхард Шредер во 2004 година. Денес учеството на шефот на владата на поранешниот непријател Германија веќе не е доведено во прашање. Да учествува сака и канцеларот Олаф Шолц.
Овојпат без Русија
Едно од најчувствителните прашања овојпат е прашањето дали таму треба да има претставник од Русија. Тоа порано се подразбираше само по себе. „Денот Д“ беше почеток на „вториот фронт“ во војната, на кој советскиот водач Јозеф Сталин по германскиот напад врз Советскиот Сојуз во 1941 година инсистираше сè повеќе, со цел да ја олесни ситуацијата во својата притисната земја. Советскиот Сојуз претрпе убедливо најголеми загуби од сите учесници во војната - околу 20 милиони загинати.
Во чест на советскиот придонес во победата над нацистичка Германија, француските домаќини го поканија рускиот претседател Владимир Путин на 60-годишнината, а потоа и на 70-годишнината во 2014 година, само неколку недели по руската анексија на украинскиот полуостров Крим.
„По 1989/90 владееше голема еуфорија дека светот ќе биде помирен и дека Русија како демократска држава ќе се приклучи на западниот општествен модел“- вака Петер Либ ја објаснува тогашната покана до Путин. „Но, најдоцна од 2022 година, основните предуслови се разбира станаа сосема поинакви“.
И покрај тоа, француските домаќини првично не сакаа да го поканат самиот Путин, туку, на пример, рускиот амбасадор во Париз. Ова предизвика некои несогласувања во Вашингтон, Лондон и во Берлин.
На крајот и Париз го смени курсот: Русија сега воопшто нема да има претставник. Причината наведена од Елисејската палата гласи: „Со оглед на руската агресивна војна против Украина, која се интензивираше во последните недели, условите едноставно не се соодветни“.
Наместо тоа, во Франција патува украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој во Нормандија ќе ја одбележи 80-годишнината од „Денот Д“ заедно со домаќинот, претседателот Емануел Макрон, американскиот претседател Џозеф Бајден, британскиот принц Вилијам, германскиот канцелар Олаф Шолц и други државници. И, секако, со некои од последните живи ветерани.