1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

60 години Елисејски договор

Луис Лиза
21 јануари 2023

Франција и Германија ја прославуваат 60-годишнината од потпишувањето на договорот за пријателство. Планирана е министерска средба. Очекувањата од неа се големи, не само поради јубилејот.

https://p.dw.com/p/4MTwW
Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, октомври 2022
Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, октомври 2022Фотографија: Sarah Meyssonnier /REUTERS

Дијамантската свадба на Германија и Франција во недела треба да биде свечен чин. Елисејскиот договор, преку кој двете земји договорија соработка во надворешната, безбедносната и културната политика, полни 60 години. На престижниот универзитет Сорбона во Париз се планира заедничка церемонија со шефовите на држави и влади на Франција и Германија, како и парламентарци од двете земји. Претседателите на парламентите треба да положат и венец на мавзолејот Пантеон. Потоа, во Елисејската палата ќе се одржи редовниот билатерален министерски совет. „Сето ова уште еднаш ќе нагласи колку е жива француско-германската врска и дека напредуваме заедно во Европа“, изјави портпаролка на Елисејската палата пред претставниците на медиумите. Но, експертите сметаат дека средбата пред сѐ мора да даде конкретни резултати. Не само поради шестдецениската годишнина.

Потписи на Елисејскиот договор на тогашниот германски канцелар Конрад Аденауер и тогашниот претседател на Франција, Шарл де Гол
Потписи на Елисејскиот договор на тогашниот германски канцелар Конрад Аденауер и тогашниот претседател на Франција, Шарл де ГолФотографија: AP

„Ќе разговараме за големите прашања на нашата билатерална соработка“, додаде портпаролката. Тука се вбројуваат одбраната, индустриската политика, енергијата, транспортот, реформите во ЕУ и имиграцијата. „Ги искористивме дополнителните месеци за да постигнеме конкретен напредок во овие области“, рече портпаролката. Затоа што министерскиот совет требаше да се одржи минатата есен, но беше откажан - или „одложен“ според Елисејската палата. Тоа беше кулминација на билатералниот политички спор кој претходно ескалираше. Меѓу другото, Берлин се одлучи за нов меѓународен систем за противракетна одбрана во кој Франција не е вклучена. Францускиот претседател Емануел Макрон, од друга страна, договори нов водороден систем и гасовод со Шпанија и Португалија, заобиколувајќи го проектот што го претпочита Берлин. А Макрон на самитот во Брисел рече дека не е добро ниту за Германија ниту за Европа што Германија се „изолира“.

Конрад Аденауер и Шарл де Гол заедно го создадоа Елисејскиот договор
Конрад Аденауер и Шарл де Гол заедно го создадоа Елисејскиот договорФотографија: Zuma/IMAGO

„Одложувањето“ на министерскиот совет беше повик за будење

Фактот што министерскиот совет не се одржа, беше како повик за будење, вели Штефан Зајдендорф, заменик директор на Француско-германскиот институт во Лудвигсбург (ДФИ). „Во Берлин имаше изненаденост од притисокот на јавноста што следеше“, изјави тој за ДВ. „Луѓето мислеа дека француско-германската врска е нешто што се одржува само по себе, но не е така.“

Билатералните средби и посетите на министрите се зголемија. Дипломатската машина се забревта и на ниво на заедничките работни групи, објаснува Зајдендорф. „Ова покажува дека Елисејскиот договор функционира - во ниту една друга билатерална врска не се гледа толку внимателно. Таму постои добро развиена, невидлива инфраструктура што може да се активира во време на криза“, вели политикологот.

Штефан Зајдендорф, заменик директор на Француско-германскиот институт во Лудвигсбург (ДФИ)
Штефан Зајдендорф, заменик директор на Француско-германскиот институт во Лудвигсбург (ДФИ)Фотографија: Lisa Louis/DW

Забревтаноста беше многу потребна, оценува Ерик Андре Мартин, генерален секретар на студискиот комитет за француско-германски односи во парискиот тинк-тенк Ифри. „'Одложувањето' изгледаше како неуспех. Набљудувачите сега имаат многу големи очекувања од годишнината“, изјави тој за ДВ. „Мора да се постигне договор за германско-француска мапа на постапки - на пример во однос на енергијата, економијата или одбраната. Ова треба да доведе до многу конкретни проекти.“ На крајот на краиштата, и покрај зголемениот број на состаноци во изминатите неколку месеци, двете земји досега - барем навидум - не успеаја повторно добро да се координираат меѓу себе.

Ерик Андре Мартин, генерален секретар на студискиот комитет за француско-германски односи во парискиот тинк-тенк Ифри
Ерик Андре Мартин, генерален секретар на студискиот комитет за француско-германски односи во парискиот тинк-тенк ИфриФотографија: Ifri

Заедничка економска или енергетска иницијатива?

Тоа повторно стана јасно на почетокот на јануари, кога Франција објави дека ќе испорача тенкови за извидување на Украина, која е под руски напад од февруари 2022 година. Германија и САД еден ден подоцна најавија дека ќе испратат германски и американски борбени оклопни возила. „Всушност, сите три земји требаше да дадат заедничка изјава, но Макрон предводеше затоа што мислеше дека во спротивно никогаш немаше да има никакви резултати“, вели Зајдендорф.

Според експертот, се чини неверојатно во недела да биде дадена толку конкретна најава во однос на одбраната. „Берлин и Париз би можеле повеќе да одговорат во врска со подалекусежен одговор на американскиот Закон за намалување на инфлацијата“, оценува тој. Овој пакет од 430 милијарди долари, за кој САД донесоа одлука минатата година, е мешавина од даночни намалувања и субвенции, кои првенствено се наменети за промовирање на одржливи компании. Од европска страна, регулативата се смета за протекционистичка, меѓу другото и затоа што сака да ги поттикне граѓаните да купуваат производи од американско производство. Германија и Франција уште во декември побараа европски одговор на ова. „Или може да се постигне договор за нова соработка во енергетскиот сектор - на пример иницијатива за европска водородна мрежа“, додава Зајдендорф. Според Елисејската палата, темата водород е на дневен ред на средбата.

Но, Барбара Кунц, истражувач и експерт за француско-германски односи на Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика на Универзитетот во Хамбург, нема големи очекувања од средбата - или од француско-германските односи. „Двете земји со децении се обидуваат да ја подигнат соработката на стратешко ниво, но без успех“, вели таа за ДВ. Недостига меѓусебно разбирање, а има и длабоки структурни разлики - на пример, Франција продолжува да се потпира главно на нуклеарната енергија, додека Германија одлучи постепено да ја укине нуклеарната енергијаи сака особено да ги прошири обновливите енергии. „Единственото нешто што можат да направат двете земји е управување со кризи, но сегашната криза предизвикана од војната во Украина само нагласува колку се оддалечени двете земји“, вели експертката. На пример, Германија бара стопроцентно враќање во НАТО. Франција, од друга страна, сака европско решение – во рамките на таканаречената „стратешка автономија“ на Макрон. „Старата идеја дека Европа е поделена на два табора и дека сите земји-членки се наоѓаат во компромисот меѓу Германија и Франција е застарена“, вели таа. „Во меѓувреме, 27-те земји-членки се наоѓаат во различни кампови, во зависност од тоа за која тема станува збор.“

Шарл де Гол и Конрад Аденауер во Бон, мај 1962 година
Шарл де Гол и Конрад Аденауер во Бон, мај 1962 годинаФотографија: picture-alliance/ dpa
Барбара Кунц, истражувач и експерт за француско-германски односи на Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика на Универзитетот во Хамбург
Барбара Кунц, истражувач и експерт за француско-германски односи на Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика на Универзитетот во ХамбургФотографија: IFSH

Германско-францускиот мотор „сè уште може да функционира“

Но, Џозеф де Век, европски соработник во американскиот институт за истражување на надворешната политика ФПРИ, смета дека Франција и Германија сè уште го поставувааткурсот за Европа. „Имаше многу недоразбирања во последните месеци, но тоа се должи и на различните структури на моќ - во Франција, Макрон сам одлучува многу, додека канцеларот мора да се координирасо коалициските партнери и парламентот“, изјави тој за ДВ. „Војната во Украина ги зближува двете влади. Според истражувањата, Французите и Германците се согласуваат во однос на санкциите против Русија и испораката на оружје.“

И експертот Зајдендорф продолжува да верува во германско-францускиот мотор. „Центарот на моќта на ЕУ не се помести кон исток - таму има многу актуелни прашања и важни делови од енергетската инфраструктура, но не и економската, воената и политичката моќ“, уверен е тој.