Германско-француски модел за помирување
22 јануари 2013Елисејскиот договор се смета за пресвртница во односите меѓу двете земји. Со него е договорено помирување кое многу придонесе Германија и Франција од непријатели да станат важни партнери во Европа.
Помирувањето беше важно и затоа што покажа дека Европа може да живее во мир, вели Жерар Фусие, издавач на „Документи“, списание за германско-француски дијалог. На почетокот на 60-те години од минатиот век имаше такви кои говореа за смртни непријатели од другата страна на границата.
„Беше нужно, барем двата најголеми народи во Европа да бидат во состојба да не говорат повеќе за непријателството, туку за пријателство и соработка“, вели Фусие.
Помирувањето како модел за други
Развојот на германско-француските односи се смета за модел. Другите европски држави, пред се’ оние кои во минатото војувале секогаш го истакнуваат ова помирување како модел. Со таа тема се занимава и книгата „Германско-француските односи како модел за мировен поредок“, која ја издаде Штефан Зајдендорф од Германско-францускиот институт во Лудвисбург. Во книгата се опишуваат фактите кои можат да се пренесат и на други судири и билатерални односи.
Како еден од тие елементи Зајдендорф ги наведува редовните политички консултации на сите нивоа кои се договорени со Елисејскиот договор. Тој објаснува дека состаноците се обврска, и тоа е особено важно во кризни ситуации, кога политичарите најрадо би се избегнувале едни со други, но не смеат да го кршат договорот.
На младите светот останува
Освен тие политички консултации, Зајдендорф како важна ја истакнува и соработката на ниво на цивилното општество. За него, визионерско значење има тоа што тогашниот француски претседател Де Гол и германскиот канцелар Аденауер ја сфатиле важноста на младите во повторното воспоставување на довербата. Во Елисејскиот договор е наведено и основање на „Германско-француската организација ДФЈВ“. Таа од 1963. година до денес секоја година овозможува средба на илјадници млади Германци и Французи. Од своето основање организацијата во рамките на околу 300 илјади програми посредуваше во размената на околу 8 милиони млади луѓе.
Во процесот на зацврстување на германско-француското пријателство беше потребно да се совладаат бројни препреки и да се отстранат предрасудите. Жерар Фусие затоа говори за искуство без преседан и вели дека другите земји треба да се водат од ова пријателство, токму затоа што неговиот почеток беше следен со бројни проблеми.
„Другите региони би можеле да кажат дека конечно можеби дојде време за размислување за, на пример, Израелците и Палестинците да можат да остварат ист ваков напредок“, заклучува Жерар Фусие.