1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

60 косовски Албанци со обвиненија за воени злосторства

ЖА / агенции
25 декември 2017

Околу 60 поранешни албански борци од Косово ќе одговараат пред новиот Меѓународен суд во Ден Хаг за воени злосторства извршени на крајот на 90-те години.

https://p.dw.com/p/2pviw
UCK-Kämpfer 1999 ARCHIV
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Slatensek

Информацијата дека 60-тина бивши косовски борци ќе се најдат на обвинителна клупа ја пренесе информативниот портал „Инсајдер“ од Приштина, повикувајќи се на извори од новоформираниот Специјален суд за Косово во Ден Хаг.

Меѓу оние против кои веројатно ќе биде покренато обвинение, според овие извори, е и косовскиот претседател Хашим Тачи, како и претседателот на парламентот, Кадри Весели. Против нив, како и за други денешни водечки политичари, постои сомнение за извршени воени злосторства против Срби за време на војната во крајот на 90-те години.

Во првиот бран обвиненија, според овој извештај, во февруари идната година би биле опфатени поранешниот командант на  УЧК,  Азем Сила, како и Даут Харадинај, братот на сегашниот косовски премиер Рамуш Харадинај. Заедно со нив во Ден Хаг би требало да бидат испорачани и поранешните бунтовнички команданти Шукри Буја и Сокол Добруна.

Новиот Специјален суд е дел од косовскиот правосуден систем, но е формиран од меѓународни судии и обвинители и седиштето му е во Ден Хаг, заради поголема независност и заштита на сведоците.

Минатата недела 43 од 120 косовски пратеници се обидоа да ја укинат пред повеќе години дадената согласност за формирање на Специјалниот суд, но иницијативата претпрпе неуспех од формални причини. 

Косово, поранешната српска покраина, по војната во крајот на 90-те години, прогласи независност во 2008. година,  но Србија тоа до денес не го признава. ЕУ со години се труди да посредува меѓу Србите и Косовците, но досега без успех.