Првиот парламент беше и единствениот слободен
25 ноември 2020Пред точно 30 години на денешен ден, 25 ноември 1990 година, се одржа вториот круг на првите парламентарни плуралистички избори во тогашна Социјалистичка Република Македонија, која се уште беше дел од СФРЈ. Од тие избори произлезе првиот повеќепартиски парламент кој, помалку од една година подоцна, го отвори патот кон самостојноста и независноста на државата.
Изборите изобилуваа со ентузијазам, но и неизвесност која се манифестираше во вториот изборен круг со големиот пресврт на ВМРО-ДПМНЕ и убедлива победа во однос на бројот на пратеници во Собранието. Во трката по пратеничко место се вклучија над 1.100 кандидати, а во избирачкиот список беа запишани 1.361.176 гласачи. Интересот на граѓаните, а со тоа и излезноста на изборите, беа рекордни: 84,8% во првиот, и 76,8 во вториот изборен круг.
-повеќе на темата: Гошев: „Најрегуларни беа првите избори“
Три децении подоцна, актерите на тие времиња со измешани чувства се сеќаваат на првите чекори во демократскиот, повеќепартиски систем.
„Со самиот чин на нивното одржување, тие избори се историски", вели за ДВ, Петар Гошев, тогашен претседател на СКМ-Партија за демократска преобразба, од која, со промена на името, подоцна се роди Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).
„Тоа е де-факто воведувањето на парламентарниот систем“, дополнува тој.
Големиот пресврт
За партијата на Гошев, изборите не минаа така како што тој се надеваше и посакуваше. По првиот изборен круг, СКМ-ПДП однесе убедлива победа освојувајќи над 234 илјади гласови- 80 илјади повеќе од главниот конкурент ВМРО-ДПМНЕ.
„Во интермецото меѓу двата круга, националистичките напливи од југословенскиот простор се пренесоа и кај нас и заедно со домашните националисти, и по етничка и политичка линија, направија амбиент во кој во прв план излезе прашањето на судирот меѓу Македонците и Албанците. Таа тема ја форсираше ВМРО ДПМНЕ и други националистички кругови, како некои писателски сместени во тогашниот МААК. Под тоа влијание имавме неверојатен пресврт, и во вториот круг мојата партија заврши втора“, вели Гошев.
По вториот изборен круг, ВМРО-ДПМНЕ извојува убедлива победа со освоени 238 илјади гласови и вкупно 38 пратенички места. Партијата на Гошев освои 31 место во Собранието, со нешто над 220 илјади гласови. На крајот, откако ни едната, ниту другата партија не успеа да обезбеди мнозинство за формирање влада, сите во Собранието се усогласија за експертска влада која во следните две години ја предводеше Никола Кљусев.
-повеќе на темата: Независна Македонија- историја во движење
Без оглед на резултатот, од денешна гледна точка, Гошев вели дека е сепак горд на еден друг аспект на изборите. Имено, одлуката изборите да се одржат шест месеци подоцна од првично планираното, за да им се дозволи на сите партии, од кои поголемиот дел биле сосема нови, да се подготват.
„Тоа покажува дека ни било важно да етаблираме вистински политички натпревар. Не сме имале намера да ги фатиме набрзина и неподготвени, иако се разбира предноста на една партија која функционирала повеќе од 40 години секако постоеше, но се обидовме да направиме амбиент колку е можно пофер“, вели Гошев.
Што научивме?
Во составот на првиот плурален парламент, од вкупно кандидирани 43, влегоа тројца независни пратеници: Димитар Трпеноски, Ефтим Манев и Тодор Петров. Од денешен аспект, вистинско чудо. Во тоа време, нормален резултат на демократските промени и волјата на граѓаните.
Еден од тие независни пратеници беше Димитар Трпеноски, хирург од Струга кој вели дека инспирација за учество на изборите му бил самиот факт што се одржуваат плурални избори, но и желбата да помогне во развој на здравствениот систем.
„Тој парламентарен состав ги постави темелите за идните правци на земјата: влез во безбедносните системи (НАТО) и приклучување кон развојните системи (ЕУ)“, објаснува тој.
-повеќе на темата: Киро Глигоров - личноста што ги поврза двата столба на македонската државност
Трпеноски денес вели дека основна карактеристика на тој прв парламентарен систем била подготвеноста, односно смисолот за компромис. А прашањата за кои се одлучувало биле тешки и клучни за иднината на земјата: изборот на првиот претседател, експертската влада, Уставот, одлуката да се оди на референдум...
„Првиот парламент имаше смисол за политички компромис за одредени прашања во одредени противречни состојби. Како на пример, при изборот на претседателот. Реков, да го напуштиме синдромот на македонското себе-негирање и да покажеме дека можеме да бидеме единствени", се сеќава Трпеноски.
Поранешниот независен пратеник вели дека разликата од тогаш до денес, 30 години подоцна, е огромна. Најпрво во делот на подготвеноста на компромис.
„Многу се изострени противречностите за клучните прашања. Разбирам јас да има различни ставови за некое прашање од економијата или здравството, но мора да има компромиси за клучните работи. Компромисите им припаѓаат на паметните луѓе."
Гласачка машина наместо парламент
Трпеноски вели дека во својот четиригодишен мандат се чувствувал, пред се, слободно.
„Јас бев независен и никој ништо не ми диктираше. Ми беа нудени трансфери, но одбивав. Гласав за работи кои ми се допаѓаа и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај СДСМ, така што се чувствував слободно."
„Денешните не се слободни. Тие се под тежок партиски диктат“, вели Трпеноски.
Од споредбите со актуелните состојби не бега ниту Гошев, напротив. За него, првиот парламентарен состав е токму слика на она како треба да изледа однесувањето и дебатата на народните избраници.
„Никогаш не сме добиле парламент со повеќе индивидуална волја од пратениците, отколку тој состав. Во тој парламент пратеници од сите партии се спротивставуваа на ставот од врвовите на партиите и гласаа независно од заклучокот на партиските раководства. Имаше вистинска полемика. Имаше многу не-калкулантска битка за она во што веруваа пратениците. Потоа добивме класични гласачки машини. Практично парламентарната власт веќе не постои, а целата концентрација на моќта е кај извршната власт“, вели Гошев.
Во слично светло, Гошев денес ја гледа и целата држава.
„Сега имаме попартизирана држава од онаа во еднопартискиот систем. Ништо не одлучуваат институциите, се одлучува во партијата. Никогаш немало поголем неквалитет во јавната администрација и поголема некомпетентност", резигнирано заклучува Гошев.