Бугарија и Романија - полноправни членки на Шенген зоната
1 јануари 2025Речиси две децении по пристапувањето во ЕУ, Бугарија и Романија сега се полноправни членки на Шенген зоната на слободно движење. Контролите на копнените граници на овие две земји беа укинати на полноќ на новогодишната ноќ, откако ЕУ донесе ваква одлука на 12 декември на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите членки на Унијата во Будимпешта.
Бугарија и Романија се членки на Европската унија од 2007 година и се пријавија за влез во Шенген зоната пред 13 години. На нивното влегување во Шенген зоната се противеа неколку земји, а најдолго Холандија и Австрија. Главниот аргумент беше дека преку тие две земји во Унијата пристигнуваат голем број илегални мигранти.
Во март 2024 година, по согласноста на Австрија, тие беа делумно прифатени и на Бугарите и на Романците им беше дозволено да патуваат без контрола, но само во воздушниот и во поморскиот сообраќај, додека контролите на копнените граници останаа. И Бугарија и Романија, чии граници се и надворешни граници на ЕУ, презедоа бројни мерки за зајакнување на надзорот на нивните граници.
Бугарија, особено во 2024 година, значително ја интензивираше соработката со европската гранична агенција Фронтекс и ги засили контролите на 259 километри долгата копнена граница со Турција, преку која влегуваат убедливо најголем дел од илегалните мигранти.
По пристапувањето, Бугарија и Романија целосно ќе ги укинат меѓусебните гранични контроли и оние на премините со соседните членки на ЕУ, односно Грција и Унгарија.
На премините со земјите кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи ги С. Македонија и Србија, граничниот режим ќе остане непроменет.
Бугарија ќе продолжи да спроведува фитосанитарни контроли и дезинфекција на трите премини кон Романија со цел да се спречи ширење на болести кај животните. На сила ќе останат и редовните контроли на бродовите кои пловат по Дунав, кој е и природна граница меѓу Бугарија и Романија.
Според извештајот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), советодавно тело на ЕУ, недостигот од полноправно членство во Шенген зоната досега ја чинеше Бугарија над 834 милиони евра годишно. Како резултат на тоа, Романија загуби 2,32 милијарди евра приход годишно. Романија е двојно поголема од Бугарија и има три пати повеќе население.
Шенген зоната која сега брои 29 земји членки ги вклучува сите држави од ЕУ со исклучок на Кипар и на Ирска, но ги вклучува и земјите од ЕФТА групата Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн.