1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија и Романија без клуч за Шенгенските порти

22 септември 2011

Холандија и Финска и натаму се против планираниот прием на Бугарија и Романија во Шенгенскиот простор. Министрите за внатрешни работи темата им ја препуштаат на шефовите на држави и влади на ЕУ.

https://p.dw.com/p/12elK
Фотографија: AP

„Не се согласуваме со прием на двете држави во Шенген зоната во овој момент“, изјави холандскиот министер за внатрешни работи Герд Леерс на ресорната средба во Брисел. Тој го одби и германско-францускиот предлог за прием во две фази: „Нашата позиција не е утврдување на конкретен датум“.

Гласањето за пристап на Бугарија и Романија во Шенген поради отпорот на Холандија и Финска е одложено. Темата министрите им ја препуштија на шефовите на држави и влади, соопшти германскиот државен секретар во Министерството за внатрешни работи Оле Шредер. Тој се надева дека на самитот на ЕУ на 17 и 18 октомври ќе биде подигната блокадата и прифатен компромисниот предлог, граничните контроли да бидат укинувани постепено, прво во авиосообраќајот и бродскиот сообраќај, а потоа да ги снема и контролите на границите.

Холандија останува на ставот оти нема да дозволи прием на Бугарија и Романија во безграничната зона, се‘ додека овие земји не ги подобрат перформансите во областа на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Романскиот претседател Трајан Басеску вчеравечер изјави дека холандската влада нема право да го „жртвува“ јакнењето на Европа за да ги задоволи своите десни екстремисти. За романската државна телевизија ТВР Басеску повтори дека Романија ги задоволува условите за влез во Шенген-зоната и побара расправа на самитот на ЕУ во октомври во случај Холандија да се противи и натаму на ширењето на Шенгенскиот простор. За прием во Шенген-зоната, инаку, е потребна согласност на сите земјите членки. Шенген-зоната ја сочинуваат 22 од вкупно 27 земји на ЕУ.

Автор: ЖА/АТ/ЕМФ/дпа/бета

Редактор: Александра Трајковска