1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долг пат до заздравување на извлечените од урнатините

ДТЗ
13 февруари 2023

Ова е доказ дека нема доволно сознанија за тоа колку човекот може да издржи и да се адаптира со цел да преживее, вели Алексеј Дума за ДВ. Главна улога во извлекувањето на преживеаните одигра пожртвуваноста на спасувачите

https://p.dw.com/p/4NPg5
Адијаман Турција
Шестгодишно девојче извлечено по 178 часа минати под урнатините во Адијаман, Турција Фотографија: Aytac Unal/Anadolu Agency/picture alliance

Серап Донмез е пронајдена живa 176 часа по разорниот земјотрес. Таа беше извлечена од под урнатините на зграда во градот Хатај во Турција. Ова се веројатно едни од последните успешни обиди да се извлечат преживеаните по разорниот земјотрес којшто ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари. Бројот на жртвите се искачи над 36 илјади лица, но осум дена по трагедијата од Турција се уште пристигнуваат вести дека спасувачите не се откажуваат се додека постои надеж дека може да се спаси уште некој човечки живот. 

Медиумите изминатите денови известуваа за бебиња коишто  преживеале пет дена под урнатините, за 42-годишен маж спасен по 170 часа, за момче коешто пиело урина за да преживее, но и за средношколец којшто ја снимал дупката во која бил приклештен по разорниот земјотрес во Турција. Извлекувањето на преживеани една недела по катастрофата за јавноста е вистинско чудо. Иако станува збор за ретки случаи, лекари за ДВ објаснуваат дека повеќе околности и фактори довеле до тоа од под урнатините во Турција и една недела по трагедијата се уште да се слуша детски плач или повици за помош. 

Турција земјотрес
Oд под урнатините во Турција и една недела по трагедијата се уште да се слуша детски плач или повици за помош.Фотографија: Kyodo/picture alliance

Топлотна брана под урнатините

Без храна, вода, на температури од минус 7 степени во текот на ноќта, затрупани под огромни бетонски блокови и урнатини - како успеаја десетици Турци и Сиријци да ја преживеат катастрофата и да бидат извлечени надвор од страна на спасувачките екипи, кои се помогнати и со кучиња трагачи? Иако прогнозите беа дека по пет дена драматично се намалуваат шансите да се пронајдат преживеани под урнатините, од разурнатиот регион и изутринава пристигна веста дека е извлечена 40-годишната Сибел Каја, која под урнатините на петкатната зграда поминала 174 часа. 

„Преживеаните под урнатините имале топлотна брана од надворешниот студ“, вели доктор Маја Мојсова Мијовска, раководител на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Во случај на ладно време и хипотермија, таа објаснува дека телото почнува да работи со намален метаболизам. Телото коешто функционира на „резерва“ и со побавно темпо помалку троши, но и се заштитуваат дел од органите, особено мозокот. 

Феноменот на преживеани бебиња 

Искуствата покажуваат дека човек може да издржи 24, па до 48 часа без вода, а без храна и подолго. Но, ситуацијата е сосема поинаква кај бебињата, чие тело побрзо дехидрира од возрасните. 

Експертот по судска медицина, Алексеј Дума вели дека е невообичаено бебиња да издржат толку долго без храна и вода под урнатините. „Бебињата се склони на брза дехидрација, трошење на шеќерот и брз метаболизам. Ова е само потврда дека нема доволно сознанија за тоа колку човекот може да издржи и да се адаптира со цел да преживее“, вели Дума за ДВ. Тој потенцира дека главна улога во спасувањето одигра пожртвуваноста на спасителите, кои се жртвуваат себеси за да извлечат што повеќе луѓе од под урнатините. Таа несебична битка да се помогне во Турција, всушност придонесе за толку голем број спасени луѓе од под урнатите згради и објекти. 

Аја, „бебето чудо“ родено под урнатините во Сирија

Дума вели дека ние всушност не знаеме што се случувало под урнатините, во какви услови успеале да преживеат луѓето за коишто секојдневно слушаме дека се спасени. Дел од преживеаните сведочеа дека успеале да го скршат бетонот и да направат неколку дупки за воздух.

„Успеав да направам празнина каде што ми се стапалата, ископав со врвот на раката и ја пополнив празнината, со камења да не се урне. Одоздола чувствувам ладен воздух, мислам направив дупка низ која можам да дојдам до кислород. Да видиме дали ќе го преживееме земјотресот?“, вели тинејџер кој со телефон снимаше низ што се поминува под урнатините.

Во дел од извештаите се пренесуваше и сведочење на момче коешто тврдеше дека преживеало и успеало да не дехидрира пиејќи ја сопствената урина. „Такви случаи се опишани во литературата, особено во сведочења на морнари, но сепак станува збор за исклучоци“, вели Дума. Тој се присетува на случаи опишани во литературата и за бебе извадено од вода по два дена кое повторно почнало да дише, но потенцира дека сепак станува збор за исклучоци. 

Турција земјотрес
Нема доволно сознанија за тоа колку човекот може да издржи и да се адаптира со цел да преживее, вели Алексеј Дума за ДВ. Фотографија: Umit Bektas/REUTERS

Долг пат до заздравување 

Вистинската битка за спасување на човечките животи всушност започнува откако тие ќе бидат извадени од под урнатините. Со инфузии, контроли, интензивна лекарска нега допрва почнува битката на преживеаните за да ги надминат последиците од деновите поминати без храна и вода. 

Лекарите велат дека без храна и вода се намалува циркулацијата на сите органи што доведува до нивно оштетување. Колкави последици може да остави тоа врз телото и здравјето - тоа никој не може да предвиди. 

„Најпрво треба да се регулира хипотермијата, постепено да се затоплува телото и да се внесуваат течности. Ако не мократ - тоа е сигнал дека настрадале бубрезите, бидејќи немале циркулација во телото“, објаснува доктор Мојсова Мијовска. 

Според неа, тоа не значи дека бубрезите нема постепено да ја вратат функцијата, но ќе биде долг патот за заздравување, а во некои случаи може да се јави потреба и за дијализа. Со добар лекарски мониторинг, кислород, постепено давање на храна во течна форма и во мали дози се зголемуваат шансите за побрзо заздравување на преживеаните од под урнатините. Колку брзо тие ќе заздрават зависи од нивната здравствена состојба и дали претходно имале други болести.  

Трка со времето во потрага по преживеани во Турција и Сирија