„Џонсон и Џонсон“ мора да плати отштета
27 август 2019Американски суд ѝ изрече казна од 572 милиони долари на фармацевтската компанија Џонсон и Џонсон (Johnson &Johnson ) поради нејзиниот удел во поттикнувањето на кризата на зависност од опиоиди во американската сојузна држава Оклахома. Веднаш по објавувањето на пресудата, компанијата соопшти дека ќе вложи жалба. Јавниот обвинител на Оклахома, Мајк Хантер, побара исплата на повеќе од 17 милијарди долари од Џонсон и Џонсон. Овие пари, според образложението на Хантер, требало да ѝ помогнат на државата во текот на наредните 30 години да се бори против т.н. опиоидна криза.
Ова е прв случај кој стигна до судовите од илјадниците тужби против производителите и дистрибутерите на опиоиди, препишувани за намалување на болките на пациентите. Опиоидите, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, се наведуваат во речиси 400 илјади случаи на предозирање во САД од 1999 до 2017 година.
Повеќе:
-Трамп прогласи вонредна здравствена состојба поради злоупотребата на дроги и лекови
Од 2000 година околу 6000 луѓе во Оклахома умреле од предозирање со опиоиди, соопштија обвинителите на оваа сојузна држава. Претходно годинава сојузната држава Оклахома постигна договор со производителот на Оксиконтин „Пардју фарма“ за отштета од 270 милиони долари и со компанијата „Тева Фармасјутикал“ за 85 милиони долари, така што „Џонсон и Џонсон“ остана единствената фармацевтска компанија обвинета за поттикнување на кризата на зависност од опиоиди во Оклохома.
За време на седумнеделниот судски процес, обвинителите на државата Оклохома изнесоа аргументи дека „Џонсон и Џонсон“ спроведувала повеќегодишна маркетиншка кампања во која бил намалуван ризикот од стекнување на зависност од лековите за намалување на болките и ги промовирала нивните добри страни.
Тие уште наведоа и оти лекарите препишувале премногу од тие лекови, што довело до скок на смртните случаи од предозирање во Оклахома.
Компанијата „Џонсон и Џонсон“ негираше дека правела што било незаконско, наведувајќи дека нејзините маркетиншки тврдења биле на научна основа и оти нејзините лекови за болка како Дураџесик и Нусинта, претставувале само мал дел од опиоидите препишувани во Оклахома.
Судијата на окружниот суд во градот Норман, Оклахома оцени дека компанијата „Џонсон и Џонсон“ со своето делување го загрозила здравјето и безбедноста на илјадници граѓани на Оклахома, за кои кризата со опиоидите претставува непосредна опасност и закана. Парите од казната ќе бидат употребени за лечење на зависници од опиоиди, истакна судијата.