Трамп прогласи вонредна здравствена состојба
27 октомври 2017Ова е најлоша криза предизвикана од конзумирање дроги во американската историја, оцени американскиот претседател Доналд Трамп. Поради масовната злоупотреба на хероин и други опиоиди во САД, американскиот претседател прогласи вонредна здравствена состојба. Време е Америка да се ослободи од заложништвото на зависноста. „Ние можеме да бидеме генерација која ќе стави крај на епидемијата на опиоиди“, рече Трамп во Вашингтон.
Здравствените власти во САД секојдневно регистрираат во просек по 91 смртен случај поради дрога. Американската агенција за прашања на дроги, ДЕА, извести дека од 2011 година од дрога годишно умираат повеќе луѓе отколку од сообраќајни несреќи, самоубиства или убиства.
Според извештајот на ДЕА, во 2015 година имало 52.404 починати од дрога, од кои околу 33.000 конзумирале опиоиди. За споредба: во истиот период во Германија имало 1226 починати од дрога. Во САД живеат 4 пати повеќе луѓе отколку во Германија, но бројот на смртни случаи е поголем 40 пати.
Според проценките, во САД од опиоиди се зависни околу два милиона луѓе. Особено лошо е во структурно слабите региони на североистокот на САД, во т.н. „Производен појас“ (најголемиот индустриски регион во САД кој зафаќа делови од сојузните држави Илиноис, Индијана, Мичиген, Охајо, Пенсилванија, Њујорк и Љу Џерси), како и во регионот на планинскиот венец Апалачи. Тоа се региони каде се промовира подем на средната класа и каде Трамп има многу приврзаници.
Голем дел од зависниците преминале на хероин по конзумирањето лекови против болка, кои од 1990-тите се препишуваат многу слободно.
Критики на сметка на Трамп
И покрај прогласената вонредна здравствена состојба, на располагање не се ставени дополнителни средства за борба против конзумирањето опиоиди. Наместо тоа, ќе бидат пренасочени средства до други фондови. Експертите и претставниците на Демократската партија критикуваат дека тоа не е доволно. „Прогласувањето вонредна состојба без значителни дополнителни финансиски средства нема да има успех“, изјави Беки Салај од здравствената организација ТФАХ (Trust for America's Health). Шефицата на пратеничката група на деморкатите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, потегот на Трамп го нарече „зборови без пари“.