1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што е следно во Брегзит-драмата?

Барбара Везел
9 септември 2019

Британскиот парламент веќе од вечерва заминува на принудна петнеделна пауза и ќе се состане повторно на 14 октомври, соопшти владата во Лондон. Денеска треба да стапи во силе и законот против тврд Брегзит. Што е следно?

https://p.dw.com/p/3PHFN
Schottland Boris Johnson Rinderfarmbesuch
Фотографија: AFP/A. Milligan

Оставката на Амбер Руд беше политички потрес од викендов. Многумина веќе се прашуваа како може министерката за труд од умереното крило на конзервативците воопшто да издржи во кабинетот на Борис Џонсон. Сега повлече линија и на заминување фрлаше „дрвја и камења“ – не можела веќе да гледа како „добрите, лојалните и умерените конзервативци се исклучени“. Акцијата на премиерот ја оцени како напад на „пристојноста и демократијата“ и „акт на политички вандализам“. Освен тоа, таа веќе не верува дека „еден договор (со ЕУ) е главна цел на владата“ бидејќи 90% од енергијата би се користеле за подготовка за истапување без договор. Се шпекулира дека ќе паднат уште четири оставки во кабинетот на Џонсон, а се чини и дека засекогаш е прекината врската меѓу него и умерените Ториевци.

Задоцнето патување во Даблин

Претпладнево Борис Џонсон отпатува во Даблин на средба со ирскиот премиер Лео Варадкар. Притоа изјави дека сака регулиран Брегзит до 31 октомври. „Сакам да се стигне до договор“, рече Џонсон на средбата со Варадкар. Договор, според британскиот премиер, би требало да е можен и без цврста граница помеѓу ЕУ-членката Ирска и британска Северна Ирска. Но, како тоа ќе се постигне, Џонсон не кажа. 

Досега на преговорите во Брисел на дневен ред беше ставено само едно прашање – регулативата за непречен транспорт на земјоделски производи. Но, според ЕУ, со тоа не е решен проблемот околу границата. Засега не се потврдени информациите дека британската влада би можела да се врати на старото решение, Северна Ирска да си остане во заедничкиот европски пазар и царинската унија. ЕУ го предложи ова пред подоцна да дојде британската желба за проширен „бекстоп“. Борис Џонсон би можел да си го дозволи тоа само доколку не му е потребна поддршката од северониската ДУП. Дали ќе биде така, ќе се дознае само по избори.

Irland Dublin Leo Varadkar empfängt Boris Johnson
Борис Џонсон (л.) и Лео Варадкар денеска во ДаблинФотографија: Getty Images/AFP/C. McQuillan

Што доколку премиерот не го почитува законот?

Попладне премиерот сака да се врати во Долниот дом за да поднесе повторно барање за нови избори. За тоа му е потребно двотретинско мнозинство. Опозицијата се заколна дека нема да му направи услуга на Борис Џонсон. Лабуристите, либералите, шкотската СНП и независните исто така сакаат да кажат не, сѐ додека не се сигурни дека ќе има нов датум за одложување на Брегзит во октомври. Тие не му веруваат на премиерот. Имаат повеќе причини за тоа, бидејќи како што во неделата во една дебатна емисија на Би-Би-Си нагласи министерот за финансии Саџид Џавид, премиерот во никој случај не би барал одлагање на датумот за истапување од Унијата. На прашањето дали сака да го прекрши законот, немаше јасен одговор. Министерот за надворешни работи Доминик Раб изјави дека ќе се испитаат сите законски можности за да се избегне одлагање. Владата се чини се надева на некаква правна дупка или ќе ризикува со тужба.

Повеќе:

Хаосот со Брегзит ги исцрпува Британците

И братот му го сврте грбот на Борис Џонсон

Брегзит - големата измама на Борис Џонсон

Најлош судир од 1688

Премиер да сака свесно да прекрши закон се нема случено во поновата британска историја. Од Даунинг стрит се слушаат гласини дека спорот пред највисокиот суд помеѓу парламентот и јавното обвинителство би се одолговлекувал сѐ додека Велика Британија автоматски не истапи од ЕУ на 31 октомври. Но овој план ќе ја турне Велика Британија во обновена и уште посериозна конститутивна криза. Ова е „најлошиот судир од 1688 година“, пишува „Тајмс“.

Минатиот четврток Џонсон во еден говор во Јоркшир изјави дека попрво „ќе цркне“ отколку да побара продолжување на датумот во ЕУ. Но досега не даде никакви индикации што ќе направи наместо тоа. Подоцна само додаде дека ќе се држи до својата „моќ на убедување“ и ќе ги убеди шефовите на држави и влади на самитот на ЕУ да постигнат нов договор. Постои опасност дека британскиот премиер повторно не им ја кажува вистината на Британците. Бидејќи на самитот првите луѓе на 27 земји членки нема да преговараат со британскиот премиер, туку само меѓу себе. Секаков договор за истапување ќе мора дотогаш да биде завршен и да се најде на масата.

London House of Lords
Парламентот во Лондон на 6 септември донесе закон против тврд БрегзитФотографија: AFP/PRU

Ќе каже ли Франција не?

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан викендов изјави дека нема напредок во преговорите во Брисел. „Ова е веќе загрижувачки. Британците мора да ни кажат што сакаат“. Не може рокот „да се продолжува на секои три месеци“. Досегашните преговори на тимовите во Брисел се сметаат за фарса. Главниот британски преговарач Дејвид Фрост досега не донесе никаков конкретен предлог. Освен тоа ЕУ е алармирана, затоа што одеднаш сака да ги релаксира обврските од политичката декларација која по Брегзит треба да гарантира „рамноправен терен за игра“ меѓу двете страни. Ова ќе го направи речиси невозможен договорот за слободна трговија.

Веќе при последното продолжување на рокот за Брегзит, претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск предупреди дека Британците треба добро да го искористат времето, а не да го „потрошат“. Ова предупредување како да остана неслушнато. Уште тогаш француската влада беше скептича во однос на одлагањето. Но, не треба да се очекува Париз навистина да каже не, ако од Лондон дојдат добри аргументи за ново продолжување на рокот, како на пример - втор референдум и можби уште нови избори. Но целта не е на Велика Британија да ѝ се даде уште време за нови расправии и политички хаос.

UK Brexit l House of Lords - Britisches Oberhaus
Фотографија: Getty Images/D. Kitwood

Што друго може сега да направи Борис Џонсон?

Што му преостанува на премиерот? Може да си побара нему лично да му се гласа доверба. Но, советниците засега го отфрлаат ова, а премиерот нагласи дека сака да остане дел од владата. Но, планот Б во Даунинг стрит е сепак Борис Џонсон да си поднесе оставка. Со тоа би се отворил патот за преодна влада со претставник на опозицијата, која потоа ќе мора да побара одлагање на датумот во Брисел, наместо неговата влада. Во меѓуврме Џонсон би влегол во изборна кампања со сите популистички средства. Основната тема е јасна: народот се крева против парламентот поради Брегзит. Терминот за избори во таков случај би бил во ноември, по можно одлагање на рокот за истапување од ЕУ.

Другата можност е Џонсон навистина да дозволи да дојде до правен спор и да не го почитува законот против истапување без договор. Процесот и последиците од оваа опција се сѐ уште непредвидливи. Искусни правници веќе предупредија дека во таков случај Џонсон може да заврши во затвор.

И конечно премиерот може да го сврти курсот и сериозно да се обиде да постигне договор со ЕУ. Но, времето за тоа е премногу кратко: до датумот за Брегзит остануваат уште точно 52 дена.