Црн ден за Полска
15 јануари 2019Црн ден за полската историја. И тоа токму во Гдањск, каде започна мирната демонтажа на комунизмот во Европа. И тоа токму за време на хуманитарен настан, кој требаше да ги обедини луѓето преку партиските граници. И тоа токму еден политичар, кој повеќе од 20 години го предводеше градот и пред кусо време повторно беше избран на функцијата. И сето тоа во една земја, која со право беше горда на тоа што во нејзината историја никогаш немало убиства на кралеви, а единственото политичко убиство - она на претседателот Габриел Нарутович се случи пред повеќе од 100 години. Кошмар.
Ништо не менува тоа што атентаторот имал криминално минато и очигледно страдал од психички болести: неговото признание на самото место на убиството не остава никаква дилема дека убиството има политичка заднина. Политичката одговорност за оваа смрт е кај сите оние кои во политиката не се залагаат за компромис и дијалог, туку за поделби и конфликти.
Омразен меѓу десните популисти
Павел Адамович беше водечка личност во либералното општество и им беше трн в око на десните популисти и националистите. Тој храбро се залагаше за прием на бегалци и им нудеше место во неговиот град. Беше прв градоначалник во Полска кој формираше тело за советување на странци. А откако национално-конзервативната влада во 2016 одби да го слави јубилејот на Уставниот суд, тој самиот организираше прослава во Гдањск.
Во последниве години, популарниот политичар (кој не е дел од ниту една партија од 2015 година) стана цел на кампања на медиумите блиски до владата, кои го обвинуваа Адамович за корупција. Нивната политичка цел доживеа неуспех: во ноември 2018 Адамович по шести пат едноподруго беше избран за градоначалник на Гдањск.
Тоа беше типична пркосна реакција на граѓаните во овој либерален и отворен град. Сепак, Адамович беше стилизиран како омразена фигура. Трагичната разврска на оваа кампања сепак се случи.
Смртта на полскиот политичар е предупредување и веројатно и последниот аларм за Полска и Европа. Поделбите и омразата веќе не смеат да бидат основа на политиката. Мора да почнат да се почитуваат поинаквите политички мислења и да се прават компромиси. Националната жалост за Адамович ќе треба да ги вразуми и полските популисти.