1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Полска гореше европското знаме

Моника Ширацка
12 ноември 2018

200.000 луѓе во Варшава ја одбележаа стогодишнината од крајот на туѓото владеење во земјата. Владата првпат го славеше Денот на независноста заедно со националистите и десните радикали. Гореше знамето на ЕУ.

https://p.dw.com/p/3857X
Polen Demo zum Unabhängigkeitstag | Präsident Duda
Полскиот претседател Анджеј Дуда зборуваше пред почетокот на маршотФотографија: picture-alliance/dpa/C. Sokolowski

Со завршувањето на Првата светска војна Полска повторно се појави на европската карта. Завршија 123 години туѓо владеење. Традиционалниот марш по повод денот на независноста кој го организираат полските националисти на овој ден, националконзервативната влада на ПиС (Право и Правда) го искористи за големи симболични демонстрации. Ова е првпат заедно да маршираат оние што се на власт со десните екстремисти. Претходните полски влади не сакаа да ги легитимираат радикалните групи.

И годинава во радикалниот дел од маршот постојано се слушаа пароли полни со омраза. Притоа „непријатели“ се постојано „црвените“, малкуте поранешни комунистички апаратчици во полската администрација, како и европските левичарски либерали на кои се гледа како на закана за традиционалните вредности.

„Ние сакаме голема католичка Полска“, извикуваа дел од демонстрантите. Други пак бараа уништување на „црвената банда со срп и чекан“. Минатата година можеа да се видат уште поагресивни транспаренти и да се слушнат уште похушкачки пароли. Владата на ПиС беше обвинета за преголема толеранција кон националистите.

Polen Demo zum Unabhängigkeitstag
Десни радикали на маршот во ВаршаваФотографија: picture-alliance/dpa/C. Sokolowski

Не може без насилство

Иако годинава маршираа заедно со владата, националистите сепак си имаа свои теми. Нивното мото гласеше „Господ, чест, татковина“. Членовите на радикалната „Сеполска младина“ го запалија европското знаме и скандираа „Доста со ЕУ“. Освен тоа, кон полицајците и левичарските контрадемонстранти фрлаа со шишиња и пиротенички материјали.

Видени се и знамиња на италијанската Форца Нуова. Нејзиниот шеф Роберто Фиоре, кој самиот себеси се дефинира како фашист, минатата година зборуваше во Варшава. Членовите на полскиот Национално-радикален камп (ОНР) се појавија како секогаш со свои знамиња, иако годинава владата повика да се носат само бело-црвени нацонални знамиња.

Polen Demo zum Unabhängigkeitstag
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Keplicz

Политички тензии

Полска не била никогаш толку поларизирана како во мандатот на актуелната влада, која сега се обидува да го обедини општеството. „Цврсто сум убеден дека под полското знаме има доволно место за сите, независно од сопствените определби“, изјави претседателот Анджеј Дуда во текот на свеченоста на Гробот на незнајниот јунак во Варшава. Притоа, набројувајќи ги гостите, без око да му трепне го изостави претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, кој стоеше во третиот ред.

Повеќе: Кавга во Полска - како да се одбележи независноста

Тоа би можело да се третира како реванш за острите зборови кои Туск претходно ги изрече на една манифестација во Лоѓ. Тој таму евроскептичните популисти ги нарече „денешни болшевици“ кои претставуваат опасност за независноста на земјата, но кои може да бидат поразени. Тоа е јасна најава за борба упатена во насока на ПиС. Истовремено, неговата партија Граѓанска платформа за 2019 година најави сопствен марш по повот независноста на Полска. Значи, бројот на манифестации може да се зголемува.

Иако политичарите од левицата и десницата го нагласуваат обединувачкиот карактер на Денот на незваисноста, 11 ноември веројатно уште долго ќе остане празник кој повеќе ја разделува отколку што ја обединува Полска.