Хојт Ји: обвинувањата за влијанието на Сорос се претерани
18 мај 2017„Низ целиот регион национализмот е во пораст, а домашната политичка реторика води кон раздор. Иако Балканот повеќе не доминира на меѓународната сцена како порано, регионот сѐ уште се соочува со огромни предизвици кои, доколку останат отворени, претставуваат закана за интересите на САД во Европа“, рече заменик помошник државен секретар во американскиот Стејт Департмент, Хојт Брајан Ји во сведочењето во Поткомитетот за надворешни работи на Конгресот.
Со седницата на поткомитетот раководеше Дејна Рорабакер, републиканец кој предизвика шок во јавноста со изјавата од февруари годинава дека Македонија треба да се укине како држава. Во своите прашања до Ји, Рорабакер во најголем дел се концентрираше на активностите на Сорос во Македонија и го обвинуваше Ји дека американската дипломатија се мешала во внатрешните работи на земјата со поддршка за либералните сили.
Хојт Ји ги отфрли таквите обвинувања.
„Последните приказни и обвинувања за активностите на Фондацијата Отворено општество на Балканот се претерани. Да расчистам дека напорите на владите на САД и ЕУ се нивни, а не под влијание на било која личност или фондација. Напротив, обратна е ситуацијата, поединци во НВО-секторот ја поддржуваат политиката на ЕУ и САД која се залага за владеење на право, почитување на човековите права и слободни медиуми во овие земји“, рече Ји.
„Имаше соработка со ЕУ и САД за некои проекти од Фондацијата Отворено општество, но на многу помало ниво од она што се претставува“, дополни американскиот дипломат.
Ји посвети дел од своето обраќање и одговорите на прашањата за да ја критикува улогата на Русија во регионот. Неговата оценка е дека „растечкото влијание на Русија е со цел да се обесхрабрат земјите од Западниот Балкан на патот кон ЕУ и НАТО и да креира поголема зависност на тие земји од Русија. Тоа е опортунистички пристап“, рече Ји.
Хојт Ји оцени дека давањето на мандатот за формирање влада од страна на претседателот Ѓорге Иванов е прв чекор кон излез од длабоката политичка криза во Македонија. На тезата на Рорабакер дека САД директно се мешале во внатрешните работи во земјата влијаејќи врз изборот на новата влада, Ји одговори дека целта е да ѝ се помогне на земјата на евро-атлантскиот пат.
„Македонија сака да се приклучи кон ЕУ и НАТО, и ние како партнери ја помагаме таа цел. Се залагаме за владеење на правото, човековите права и слобода на медиуми. Тоа не секогаш е поддржано од владите“, рече Ји.
„Во секоја нормална држава мнозинството требаше да добие мандат од претседателот. Ние се залагавме кај претседателот да го почитува Уставот и да дозволи формирање на влада, да го даде мандатот на мнозинството. Сега откако го стори тоа, тоа е следниот чекор за излез од кризата“.
На крајот, Ји уште еднаш предупреди дека етничките тензии на Балканот повторно се во пораст и дека политиката на САД мора да биде поактивна.
„Доколку Западот продолжи да му го врти грбот на Балканот, земјите од регионот ќе почнат да гледаат кон алтернативи како Русија или Кина“, предупреди тој.