1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хојт Ји замина, Македонија се врати во „тензична нормала“

3 мај 2017

Наместо состојбата во Македонија да се движи кон смирување и дијалог, таа повторно е препуштена на растечката „култура на длабока поделеност“

https://p.dw.com/p/2cGIX
Proteste in Skopje
Фотографија: DW/P.Stojanovski

Еден ден по заминувањето на американскиот функционер Хојт Брајан Ји, кој ја истакна потребата од дијалог, меѓупартиските обвинувања продолжуваат со несмалена жестина, а на новиот спикер не му е дозволено користење на претседателскиот кабинет. По крвавиот четврток, наместо состојбата во Македонија да се движи кон смирување, таа повторно е препуштена на растечката „култура на длабока поделеност“. 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржал седница на која расправал за актуелната политичка состојба, и како што соопшти партијата, го осудил нелегалниот обид за избор на претседател на Собранието, со насилство врз Уставот, законите и деловникот. ЦК смета дека обидот за воспoставување на нелегални институции би направил преседан кој во иднина може да се злоупотреби, да стане вообичаена практика и на тој начин да се суспендира волјата на граѓаните изразена на избори. Од седницата е испратен апел до СДСМ „јасно, недвосмислено и во целост да се откаже од Тиранската платформа, создадена, промовирана и прифатена во соседна држава“.

„Непочитувањето на Уставот е непочитување на државата Република Македонија и може да претставува опасен вовед во нова практика на девалвирање на државата и институциите. ЦК на ВМРО-ДПМНЕ го осуди и шверцерското и нелегално постапување на пратениците Горан Мисовски и Ферид Мухиќ кои со своите незаконски дејствија испратија провокација кон граѓаните на Македонија и тие за ваквото однесување мора кривично да одговараат. Само строгото казнување на ваквото антидржавно однесување ќе спречи да се повторува газењето врз Уставот и законите“, се вели во соопштението.

Мачна вечер на насилство во Скопје

Мухиќ: Сѐ е во согласност со Деловникот!

Пратеникот Ферид Мухиќ вели дека тоа може да се очекува од ВМРО-ДПМНЕ, но дека нема правна основа за кривична одговорност.

„Согласно со деловникот, член 10 став 1, предвидено е право на највозрасниот пратеник да претседава со седницата за избор на претседател на Собранието. 

Од друга страна, и САД и ЕУ сигурно добро го провериле правото што го даваат деловникот и законите на Република Македонија, пред да донесат одлука дека го признаваaт Талат Џафери како легитимно избран претседател на парламентот“, вели Мухиќ.   

Ставовите на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ не се изненадувачки, бидејќи нив претходно ги најави пратеникот Антонио Милошовски. Тој и пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ вчера денот го поминаа во чување на кабинетот на поранешниот претседател Трајко Вељаноски, не дозволувајќи таму да влезе Талат Џафери, чиј легитимитет не го признаваат. За време на одбраната на претседателскиот кабинет во законодавниот дом, тие „реафирмирале неколку позиции“, меѓу кои и следната: „За пратениците Мухиќ и Мисовски, кои презедоа неделовнички дејства и предизвикаа политичко насилство, ќе поднесеме кривични пријави до надлежните институции“.

Милошоски попладнето пред Собранието изјави дека како политичка коалиција тие треба да ги застапуваат интересите на граѓаните и на народот, бидејќи имаат мандат за тоа.

„Имаме добиено мандат, ќе продолжиме да го правиме тоа со два приоритети. Првиот е интересот, стабилноста и напредокот на Република Македонија, а вториот - унитарна, стабилна и демократска Македонија во која интересот на граѓаните е на прво место“, истакна Милошоски.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Новоизбраниот спикер на Парламентот Талат Џафери засега обврските ги извршува во неговата канцеларијаФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Заев: Не ги продавам националните интереси!

И додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие „имаат добиено мандат“, новото парламентарно мнозинство очекува демократските процеси да се движат во согласност со Уставот, деловникот и законите на Македонија.

„Тоа значи новоизбраниот претседател на Собранието да добие печати, да биде прогласен за избран во 'Службен весник', а потоа да испрати писмо до претседателот Ѓорге Иванов за давање мандат на новиот кабинет (...) Сѐ што имам е Македонија и нема да ги продавам националните интереси. Македонија е татковина на Македонците и на другите заедници - тука имаме Бугари, има Срби, Роми, Власи, Турци, имаме и Албанци. Таа е наша татковина“, рече Заев во интервју за бугарската агенција Бгнес.

Генералниот секретар на Собранието и заменикот секретар, вчера под разни изговори не одговориле на барањата со кои требало да се овозможат услови за работа на новиот спикер, па Талат Џафери засега обврските ги извршува во неговата канцеларија. Повеќе простории во зградата на законодавниот дом не се во функција поради оштетувања, а вчера припадник на собраниското обезбедување на првиот кат во Собранието пронашол импровизирана експлозивна направа. И додека на ѕидовите во парламентот сѐ уште стојат траги од крв по насилството во минатиот четврток, и пред Собранието и во повеќе градови вчера продолжија протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“.

„Се уплашија од нашата цврстина и сплотеност, затоа некој се обидува да провоцира, да нѐ деморализира, да нѐ сатанизира. Не смееме да подлегнеме на таквите епитети и провокации. Не смееме да им дозволиме да победат на оние кои безочно газат преку сѐ, преку Устав, Закон, Деловник само за да кажат дека тие нешто си избрале“, рече Богдан Илиевски, еден од организаторите.

Учесниците во протестот скандираа со барање „Избори, избори!