1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпигел: Груевски ја жртвува својата земја

БГ
2 мај 2017

Никола Груевски некогаш важеше за модернизатор на Македонија. Потоа се претвори во ултранационалистички владетел, кој сака да ја втурне својата земја во хаос- за да избегне затвор, пишува германскиот магазин Шпигел

https://p.dw.com/p/2cF55
Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Онлајн изданието на тиражниот германски магазин Шпигел во денешната анализа посветена на состојбата во Македонија ја опишува метаморфозата на експремиерот Никола Груевски, од надежен економист до ултранационалистички популист.

„(...) Груевски се претвори во ултранационалистички- популистички владетел кој владее во земјата со криминални методи: од безобзирни изборни измами преку корупција и шпионирање до сомнителни политички убиства. Македонија од земја за пример, стана најексплозивната земја во регионот“.

„Нов климакс, речиси тригодишната криза, доживеа минатиот четврток: По повеќенеделни националистички протести вооружени групи упаднаа во парламентот и започнаа со една брутална насилничка оргија против опозициските пратеници. Многу набљудувачи се убедени дека Груевски е главен организатор на нередите.
Македонскиот публицист Сашо Орданоски верува дека Груевски е подготвен „да ја жртвува цела Македонија за своето политичко преживување. Тој сака да ја фрли земјата во хаос, а потоа себеси да се профилира како стабилизатор. Единствената алтернатива за него е: затвор“.

Неуспешен обид

Доколку Груевски со насилствата од четвртокот се обиде да започне една спирала на насилства за на крајот да дојде до прогласување на вонредна состојба, а тој да владее со неограничена моќ, ваквата тактика не успеа, пишува натаму магазинот.

„(...) Бруталните сцени во парламентот во поголемиот дел од јавноста предизвикаа ужаснатост. Притоа, делови од армијата и безбедносните служби индиректно се дистанцираа од Груевски и кругот околу него. Парламентарното мнозинство на Социјалдемократите и албанските партии ја има поддршката на САД и ЕУ. Во следните денови треба да почнат со составување на владата. 'Веројатно одредено време во Македонија ќе имаме паралелни институции'“, прогнозира Орданоски за Шпигел.

Австрискиот политолог и експерт за Југоисточна Европа, Флоријан Бибер за магазинот објаснува дека западните демократии и институции мора да прифатат дека нивниот концепт на „Стабилократии“ на Балканот, со партнери како Груевски, пропадна. „ЕУ и нејзините земји-членки предолго пасивно набљудуваа, а проблемот го толкуваа како судир меѓу владата и опозицијата, а не како криза на демократијата. Притоа, соработката на Груевски во бегалската криза му донесе дополнителен политички капитал“, вели Бибер.

„Македонскиот актуелен и де-факто владетел, притоа не остава сомнеж за тоа каде оди патот со него. Кога репортерот на еден провладин весник го праша која книга последна ја прочитал, Груевски ја наведе „Повторно голема“ од Доналд Трамп: 'Многу интересна книга. Ја препорачувам. Ми се допаѓаат издржливоста, енергијата и одлучноста“, пишува Шпигел.