Хашим Тачи- проблематичен гостин во Берлин
9 мај 2018Германија е за Косовците најсилниот политички, воен и финансиски помагач- после САД. Берлин е еден од главните спонзори на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а германската канцеларка Меркел повеќе од една деценија и лично го познава косовскиот претседател Тачи. Но, тој досега само еден единствен пат, како дел од делегацијата на претседателот Иса Мустафа, беше кај канцеларката и еднаш и беше домаќин во Приштина.
Хашим Тачи е повеќе од 20 години најважен политичар во Косово. Многу Косовци во него гледаат херој, не само поради неговата улога во отпорот кон Србија, туку и затоа што како премиер на 17 февруари 2008 година ја прогласи независноста на Косово.
Но, ветувањето на Тачи дека Косово „многу брзо“ ќе го признаат сите светски држави и дека ќе стане членка на ОН, сѐ уште не е остварено, иако во меѓувреме Косово го признаа 115 држави.
Во меѓувреме, расте и незадоволството на граѓаните во земјата од неговото владеење. Тачи не успеа да собере доволно гласови за членство во ОН, Унеско и Интерпол. Косово е најсиромашната земја во Европа, со стапка на невработеност поголема од 30 проценти. Во актуелната влада, најмалку пет министри се осомничени за корупција, а земјата тоне во организиран криминал. Критичарите на Тачи тврдат дека тој е „кум“ на илегалните махинации на Косово.
До „судирот“ меѓу Тачи и германската политика дојде во 2005 година кога германската тајна служба БНД објави извештај во кој актуелниот косовски претседател се означува како „една од клучните фигури“ која ги поврзува организираниот криминал и политиката на Косово. Извештајот наведува дека Тачи има „директни контакти со организираниот криминал во Чешка и Албанија“ и дека бил „вмешан во сеопфатни зделки со дрога и оружје“.
Уште потешко обвинувања уследија во 2010 година. По двегодишна истрага на Советот на Европа која ја предводеше Швајцарецот Дик Марти, Тачи и други членови на ОВК се обвинети за вмешаност во трговија со органи и други воени злосторства. Тие обвинувања требаше да ги истражи и Специјалниот суд во Хаг. Но досега нема обвинение. Прашање е дали Тачи ќе биде обвинет за воени злосторства- но сомнежите остануваат. Тие не би требало да фрлат сенка врз разговорите на Тачи со канцеларката Меркел. Неговата главна цел во Берлин е да обезбеди визна либерализација за сограѓаните на Косово.