1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставка на Нирзбах, Бекенбауер под засилен притисок

СН/дпа/ртр/сид10 ноември 2015

По оставката на претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Волфганг Нирзбах, фокусот во скандалот околу наводно купената организација на СП во 2006, засилено се префрла на германската фудбалска легенда Франц Бекенауер

https://p.dw.com/p/1H3K1
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Endig

Германскиот фудбал го доживува можеби најголемиот скандал во својата историја. Прва жртва во аферата за наводно давање мито за добивање на организацијата на Мундијалот во 2006 е Волфганг Нирзбах. Тој повеќе не е претседател на Германскиот фудбалски сојуз. Нирзбах вчера поднесе оставка на функцијата, преземајќи како што рече „политичка одговорност“ за случувањата околу организацијата на Светското Првенство во Германија. Нирзбах повторно истакна дека цело време работел чисто и совесно и оти до пред кусо време не знаел за наводниот „црн фонд“ за купување на гласови за добивање на организацијата на СП. Меѓутоа државното обвинителство веќе води истрага и против Нирзбах поради сомневање за прикривање данок од страна на ДФБ, а магазинот „Шпигел“ објави документ кој наводно потврдува дека претседателот на ДФБ уште во 2004 година знаел за спорни финансиски трансакции,

Се’ се врти околу сумата од 6,7 милиони евра која ДФБ му ја исплатил на Роберт Луј-Драјфус, поранешен шеф на германскиот производител на спортска опрема Адидас. Тој претходно истата сума и’ ја платил на ФИФА (светската фудбалска асоцијација - н.з.), наводно за покривање на покачени трошоци за програмата на свеченото отворање на СП 2006.

Со потпис на Бекенбауер?

Но и по оставката на Нирзбах и новите информации кои се појавија во јавноста веднаш по неа , само се засилија барањата за одговор на прашањата :Дали германскиот Организациски комитет купувал гласови пред доделувањето на организацијата на Светското првенство во фудбал во 2006 година? И дали притоа можеби главен актер бил претседателот на ОК, Франц Бекенбауер? Скандалозниот документ, кој стана достапен во екот на аферата за наводното купување на гласови за добивање на организацијата на Мундијалот во 2006 година и кој го доведува Германскиот фудбалски сојуз под тежок притисок, изгледа бил потпишан од страна на Бекенбауер. Вака барем гласи извештајот на германскиот весник „Билд“, во кој меѓутоа не се наведени конкретни извори. Агенцијата која го застапува Бекенбауер, МХМ Груп од Кицбил не сакаше да ги коментира ваквите наводи. Весникот „Зиддојче Цајтунг“, вчера непосредно по оставката на претседателот на ДФБ, Волфганг Нирзбах објави дека за време на истрагата достапен станал нацрт-договор од 2000 година (значи непосредно пред доделувањето на организацијата на СП 2006) во кој на еден член на Извршниот комитет на ФИФА му биле понудени значајни поволности за неговиот Фудбалски сојуз. Според „Зиддојче Цајтунг“, станувало збот за Џек Ворнер од Тринидад и Тобаго, поранешен претседател на Фудбалскиот сојуз за Северна и Централна Америка како и за Карибите -КОНКАКАФ.

Ворнер од септември годинава е доживотно суспендиран од страна на ФИФА за секакви активности во фудбалот. До суспензијата дојде врз основа на истрагата на Етичката комисија на ФИФА за доделувањето на организацијата на Мундијалите во 2018 и 2022 година. Комисијата смета дека „Ворнер ги влечел конците во системот кој содржел гарантирање, преземање и прифаќање на тајни и нелегални исплати“.

„Шанса која можеби се нуди само еднаш“

Згора на тоа претседателката на Комисијата за спорт на германскиот Бундестаг, Дагмар Фрајтаг го повика Франц Бекенбауер да придонесе за разјаснување на аферата со СП во 2006 година. „Многу е важно, да се разјасни дека , Волфганг Нирзбах бил само една од вклучените личности“, изјави политичарката по оставката на претседателот на ДФБ.

Wolfgang Niersbach und Franz Beckenbauer
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Augstein

„Вчера дојдоа првите барања од ДФБ од страна на привремениот претседател Рајнер Кох до Франц Бекенбауер да се откаже од преголемата воздржаност и да испорача одговори. И не може поинаку. Има други кои знаат многу повеќе од Волфганг Нирзбах, порача Фрајтаг.

Во оставката на првиот човек на германскито фудбал, претседателката на Комисијата за спорт во Бундестагот гледа шанса за ДФБ. „ Сојузот се наоѓа на пресвртна точка. Сега има голема шанса да ги разјасни работите, поинаку, понеоптоварено отколку што беше можно вчера. Меѓутоа, има шанси, кои се нудат само еднаш“, порача Фрајтаг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема