1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен: имате уникатна шанса

20 септември 2018

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен беше последната во редицата високи германски државни функционери која ја посети Македонија. Нејзината порака за референдумот: искористете ја шансата.

https://p.dw.com/p/35E0p
Mazedonien Verteidigungsministerin Ursula von der Leyen in Skopje
Фотографија: Verteidigungsministerium Mazedonien

Германската министерка за одбрана е длабоко убеденa дека референдумот на 30 септември на кој треба да се потврди договорот меѓу Македонија и Грција ќе биде успешен. Урсула фон дер Лајен од Скопје порача дека Македонија сега има шанса што не смее да ја испушти.

„Од нашето искуство со повторното обединување можам да ви кажам дека ова е уникатна шанса“, порача фон дер Лајен.
Таа рече дека е свесна колку е важно името на државата за идентитетот и културата на граѓаните, но референдумот е сепак голема шанса.
„Се надевам дека граѓаните ќе земат активно учество. Дека ќе бидеме заедно во обединета Европа“. Посетата на Скопје, фон дер Лајен ја започна со билатерална средба во министерството за одрбана со нејзината домаќинка Радмила Шекеринска, а ја продолжи со дебата во организација на фондацијата Конрад Аденауер.

Mazedonien Ursula von der Leyen zu Besuch in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski

Повеќе:

-Мас: не ја пропуштајте оваа историска шанса

-Рeтген: Референдумот е одлука за културниот идентитет на државата

-Меркел: Не седете дома на историскиот 30. септември


Таму таа се осврна и на причините за бројните посети на највисоките германски државни функционери во Македонија во изминативе недели, вклучително и канцеларката Ангела Меркел.
„Посетите се јасен сигнал за нашето пријателство и за нашата желба во иднина поблиску да соработуваме во обединета Европа“. Фон дер Лајен потсети и на пораката на Меркел за време на нејзината посета на Скопје дека „историските шанси не доаѓаат секој ден“.
„На 30 септември е важно многу луѓе да излезат и да гласаат. Знам што значи кога луѓето во земјите имаат можност слободно да ја изразат својата волја. Тоа е кралската дисциплина на демократијата, со својот глас да одлучувате за иднината на државата“, рече фон дер Лајен.
Првиот човек на фондацијата Конрад Аденауер во Македонија, Јоханес Рај оцени дека на референдумот не се работи за избор меѓу две политички партии, туку за националните интереси. Тој сепак критикуваше дека во пресрет на референдумот, „премалку се зборува за договорот меѓу Македонија и Грција, особено околу пооследиците и предностите кои тој ги носи во однос на членството во ЕУ и НАТО“, рече Рај.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја заокружи дебатата со повик до сите да го дадат својот глас на референдумот, со став дека на 30 септември „секој од нас има средба со нашата иднина и со својата одговорност“.
„На Македонија никогаш не и беа наредени картите, секогаш требаше да се мачиме за да го добиеме тоа што го сакаме. Сега или државата влегува во НАТО и ЕУ или сите ќе останеме маргинализирани. Влезот во најмоќните сојузи на денешнината ќе не направи посилни“, рече Шекеринска.

Mazedonien Ursula von der Leyen zu Besuch in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski