1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставниот суд ја отклучи вратата на Собранието

Катерина Блажевска18 мај 2016

Времената мерка со која се запрени сите дејства што произлегуваат од Одлуката за распуштање на Собранието, ги отвора вратите на парламентот, велат правни експерти.

https://p.dw.com/p/1Ipi1
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Обезбедена е можноста за отворање на вратите на Собранието и за одложување на изборите на 5-ти јуни. Ова (ин)директно произлегува по одлуката на Уставниот суд, кој денеска едногласно и експресно ја прифати иницијативата на ДУИ за оценување на уставноста на Одлуката за распуштањето на Собранието со одложено дејство. Следната недела Судот ќе ја донесе конечната одлука, а дотогаш во сила е времена мерка со која се запираат сите дејствија кои произлегуваат од оценуваната Одлука, што значи дека запираат и активностите поврзани со изборите на 5 -ти јуни и други дејства.

Trendafil Ivanovski Verfassungsrichter Mazedonien
Трендафил ИвановскиФотографија: MIA

„Со тоа што Уставниот суд решил да поведе иницијатива за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието, тој изразил сериозен сомнеж во уставноста на таа одлука“, вели поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски.

„Изрекувањето времена мерка за запирање на сите дејства што произлегуваат од таа Одлука, значи дека не може да продолжат активностите поврзани со избори на 5-ти јуни. Кога ќе се донесе времена мерка, вообичаено е веднаш потоа на наредната седница, да се поништи актот кој бил предмет на уставносудска оценка. А штом еден акт се поништи, се смета како тој воопшто да не бил донесен“, објаснува Ивановски.

Правната последица од времената мерка практично значи дека од денеска роковникот на ДИК не игра никаква улога, односно запира и изборната кампања.

Не е преседан

Пред три месеци, Судот отфрли ваква иницијативата поднесена од Павле Трајанов и Тодор Петров. Мнозинството судии тогаш одлучи дека Судот не е надлежен да расправа за поединечен акт, каков што е Одлуката за распуштање на Собранието. Последнава иницијативата беше поднесена од пратеникот на ДУИ, Талат Џафери. Претседателката на Судот, Елена Гошева, денеска посочи дека ќе гласа за Иницијативата иако тоа го смета за преседан во одучувањето. Според неа, сепак преовладал јавниот и државниот интерес да се расправа за веќе распуштено Собрание, во време кога се случува институционална блокада.

„Ова не е никаков преседан, туку исправна одлука на Уставниот суд“, вели Ивановски.

„Добро е што проработе совеста на судиите. Донесена е исправна одлука. Минатиот пат кога ја отфрлија иницијативата, во правната фела имаше многу жестоки реакции и јасна аргументација дека одлуката за распуштање на Собранието со одложено дејство е противуставна. Добро е што сите судии сфатија дека ситуацијата е апсурдна и дека дополнително ја нарушува и онака нарушената состојба во земјата“, вели Ивановски.

Според авокатот Александар Тортевски, со ова се навестува првиот чекор што води кон одложување на изборите.

„Дури и ако Уставниот суд идната недела реши ја отфрли иницијативата, нема да може да се поправат последиците што ќе ги предизвика изречената времена мерка, а тоа е скратување на изборните рокови за една недела. Според тоа, јасно е дека ова е прв чекор кон поништување на Одлуката за распуштање на Собранието, а со тоа и на одлуката за избори на 5-ти јуни“, вели Тортевски.

Отворена врата на Собранието

Времената мерка не му наложува на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да го свика парламентот, но му дава најдиректна причина тоа да го стори, со оглед дека се запрени сите дејства на Одлуката донесена на 23 февруари: не течат изборните рокови, а запрено е и дејството што го има Одлуката за распуштање на парламентот, односно, нема пречка пратениците повторно да заседаваат.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Али Ахмети прв ја поздрави одлукатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Али Ахмети, лидерот на ДУИ, прв преку Фејсбук ја поздрави денешната одлука.

„Ја поздравувам денешната одлука на Уставниот суд да се овозможи враќање на Собранието, како прв чекор, неопходен за решавање на сериозната политичка криза. Ги повикувам сите лидери, медиумите и граѓанското општество да дејствуваат со целосна одговорност во однос на ситуацијата во која е земјата и да придонесат за враќање на безбедноста, стабилноста и силно да се заложат за сериозната агенда на реформи“, напиша Ахмети.