Уставниот суд ќе го пресече Гордиевиот јазол?
17 мај 2016Уставниот суд може да ги скрати „маките“ на Трајко Вељаноски и да ги отвори вратите на Собранието, откако ќе се изјасни по иницијативата поднесена од ДУИ, за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието. Според оваа информација која деновиве интензивно се врти во политичките кругови, можно е за иницијативата на ДУИ да се расправа веќе на утрешната седница на Уставниот суд (18.05) и веднаш да се донесе одлука, поради итноста на прашањето во овој политички миг. До утрово на сајтот на Уставниот суд за седницата со утрешен датум се најавени сосема други иницијативи, но извори од партиската четворка неофицијално велат дека „тоа не мора ништо да значи“. Од ДУИ не сакаат да коментираат дали утре е „денот Д“ за одлучување по нивната иницијатива, а од Уставниот суд не беа недостапни да одговорат на ова прашање.
Доколку Уставниот суд утре расправа за иницијативата на ДУИ, прашањето е каква одлука би донел, со оглед дека на 18 февруари годинава, тој со мнозинство гласови веќе отфрли таква иницијатива (една поднесена од Павле Трајанов и друга од Тодор Петров). Според Решението, основното образложние беше дека Одлуката на Собранието не претставува пропис, односно акт подобен за уставносудска оценка.
Издвоени мислења
По таквата одлука, тројца од четирите судии кои гласале против, доставиле две издвоени мислења, кои можат да се прочитаат на сајтот на Уставниот суд. Едното издвоено мислење е на судијата Исмаил Дарлишта, а второто на судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска и Сали Мурати.
„Спротивно на искажаниот став на мнозинството, сметаме дека оспорената Одлука може да биде предмет на уставносудска оценка и тоа по повеќе основи, повикувајќи се на членовите во Уставот на Република Македонија наведени во иницијативите: член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 63 ставовите 3 и 6 и член 51“, пишува во издвоеното мислење на Габер и Мурати.
Во опсежното образложение на ваквиот став, двајцата посочиле дека Уставниот суд при донесување на одлуката, требало да одговори на прашањето - дали постои уставна можност Одлуката за распуштање на Собранието да има одложено дејство? Тие потенцираат дека во Уставот не е уредено прашањето за одложено важење на Одлуката за распуштање на Собранието. Со оглед на непокриеноста на прашањето со конкретна регулатива, не може да се толкува дека таквото решение е дозволено, а какво било одлагање на распуштањето на Собранието, а со тоа и одложено губење на мандатот на пратениците, го оцениле како „неспорен преседан“.
„Од самата содржина на Одлуката е евидентно дека со неа се врши дополнително регулирање надвор од Уставот, всушност 'креативно' дополнително нормирање на уставните одредби кои се однесуваат на распуштањето на Собранието кои како такви воопшто не се предвидени во Уставот. Ова претставува основна причина зошто ваквиот преседан ни најмалку не ја исклучува надлежноста на Уставниот суд да навлезе мериторно во оспорениот акт, особено во делот кој евидентно се разликува од она што Уставот јасно го нормира“, потенцирале Габер и Мурати.
Дали Уставниот суд при оценувањето на иницијативата на ДУИ, сега ќе се раководи од аргументите кои еднаш ги отфрлил, а се клучни во овој случај: дека одложеното дејство на распуштањето на Собранието, не може да се поистоветува или компарира со одложеното дејство на закони или други нормативни акти кои всушност самото ги носи, бидејќи се работи за неспоредливи категории?
Почеток на расплетот?
Ако Уставниот суд утре расправа за оваа иницијатива, и распуштањето на Собранието го прогласи за противуставно, тогаш одлуката ќе биде ништовна и парламентот ќе треба да продолжи со работа. Со тоа ќе се отвори можност и за исполнување на еден од клучните услови за обновување на преговорите меѓу лидерската четворка - одржување на седница на која ќе се поништи одлуката за избори на 5-ти јуни. За вториот услов, повлекување на аболицијата, во оптек се две можности: автентично толкување на претседателската одлука од страна собраниската Законодавно-правна комисија или одлука на Уставниот суд. Од граѓанин до Уставниот суд веќе е поднесена иницијатива за оспорувањето на членот 11 од Законот за помилување, но засега не е извесно кога ќе се расправа за неа.
Експертската јавност е уверена дека не постои друг излез од кризата, освен одложување на изборите и поништување на одлуката за аболиција. Деновиве се актуелизира и прашањето за финансиските импликации од неразумното трошење на 7,5 милиони евра буџетски средства, колку што ќе чини организирањето и спроведувањето на изборите, а на кои ќе учествува само една коалиција.
Драган Малиновски, поранешен претседател на Државната комисија за спречување криминал и корупија, смета дека со право се актуелизира тоа прашање.
„Особено што и од страна на ВМРО-ДПМНЕ, како единствен учесник на овие 'избори', веќе отсега се најавува дека веднаш по нивното одржување, Собранието би се самораспуштило, по што би следеле нови избори. Ако е тоа така, се поставува прашањето - зошто тогаш изборите по секоја цена мора да се одржат на 5-ти јуни, и дали сега владејачката партија, знаејќи дека таквите избори се однапред пропаднат проект, свесно предизвикува огромна штета на државниот буџет? Во едни такви околности, јас не би ја исклучил можноста и за кривична одговорност на оние кои со своите неодговорни постапки ќе ја предизвикаат таквата штета“ вели Малиновски.
Според него, тезите дека не постои уставна и законска можност за повторно свикување на Собранието и одлагање на изборите, претставуваат невешт изговор на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи целиот корпус на норми, кои го регулираат изборниот процес, базираат на принципите на плурализам и компетитивност на политичката понуда.
Одговорот на овие дилеми можно е веќе утре експресно да дојде од Уставниот суд, доколку се точни информациите што доаѓаат од четирите партии- потписнички на Договорот од Пржино.