1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија и Полска против ЕУ: Орбан во Варшава

Паул Фликигер
22 септември 2017

Унгарскиот премиер Орбан денеска е во посета на Полска. Од кабинетот на полската премиерка Шидло е соопштено дека ќе се разговара за „притисокот на ЕК врз нашите две земји“.

https://p.dw.com/p/2kVlR
Polen Beata Szydlo und Viktor Orban in Warschau
Фотографија: picture alliance/Pacific Press Agency/J. Ratz

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата полска колешка Беата Шидло се среќаваат уште пред изборите во Германија, поради тоа што во двете земји победата на Ангела Меркел се смета за сигурна. Двајцата шефови на влади неуморно го критикуваат Берлин - за неговите наводни хегемонистички стремежи во ЕУ и улогата во бегалската криза.

Најважната точка на судир со Брисел за двајцата премиери е распределбата на бегалците во сите земји членки на ЕУ. На почетокот на септември Унгарија и Словачка доживеаја неуспех пред Европскиот суд со својата тужба (која подоцна беше поддржана и од Полска) против квотите за распределба на бегалци во ЕУ.

Еврокомесарот за внатрешна и бегалска политика Димитрис Аврамопулос на Будимпешта и Варшава, кои досега немаат примено ниту еден бегалец од камповите во Грција и Италија, им се закани со постапка поради прекршување на договорот доколку не го променат ставот во наредните недели. Во двете земји се вели дека е подобро да се соочат со финансиска казна, отколку да се однесуваат согласно пресудата на Европскиот суд.

Polen | Ministerpräsidenten der Visegrad-Staaten in Warschau
Премиерите на земјите од Вишеградската група: Соботка, Шидло, Орбан и Фицо (Варшава, 2 март 2017)Фотографија: Reuters/K. Pempel

Орбан во меѓувреме најави дека во Брисел ќе се бори за промена на бегалската политика. И во тоа има поддршка од Полска. Двете земји постојано нагласуваат дека надворешните граници на ЕУ мора подобро да се штитат и тоа на лице место.

Можностите на Брисел за дејствување против двете непослушни држави досега се покажаа како неуспешни. Во случај да биде активиран членот 7 од Европскиот договор, врз чија основа може да се откаже членството на одделни држави на ЕУ, Унгарија и Полска си ветија дека ќе се заштитат со меѓусебно вето на одлуката. За откажување на членството на некоја држава, имено, неопходна е едногласна одлука на сите 28 држави на ЕУ.