Квотите за бегалци мора да се почитуваат
7 септември 2017Европскиот суд на правдата целосно ги отфрли жалбите на Словачка и Унгарија против распределување на бегалци и баратели на азил во сите ЕУ земји. Словачка, Унгарија, Чешка и Романија во септември 2015 се изјаснија против одлуката на Советот на министри во Брисел. Одлуката која беше донесена во екот на бегалската криза се однесуваше на тоа 120.000 луѓе од Грција, Италија и исто така и Унгарија да бидат распределени во сите земји членки. Одлуката е законска, одлучи највисокиот суд во Луксембург. Фактот што членките на ЕУ, со неколку исклучоци, бавно ја спроведуваат распределбата на бегалците, не ја прекршува правната валидност на квотата за бегалци, сметаат судиите.
Судот ги отфрла аргументите презентирани од Словачка и Унгарија. Исто така и Полска, која до сега одбиваше да прими ниту еден бегалец и ја поддржа жалбата, по одлуката на судот е обврзана да ја смени својата политика.
По овој тежок пораз за социјалдемократскиот премиер на Словачка, Роберт Фицо и национал-конзервативниот унгарски премиер Виктор Орбан, Европската комисија може во Брисел да ја продолжи постапката против земјите кои се против одлуката. Комисијата веќе отвори постапка за прекршување на договорот против Унгарија, Полска и Чешка. Можно е да следат постапки и против други земји. Постапката може да се развие во нови жалби до Европскиот суд на правдата кои ќе завршат со парични казни. На пример, и Австрија досега нема примено ниту еден бегалец врз основа на бегалската квота. Исто така и Германија, Франција, Велика Британија и Шпанија не ги исполниле своите квоти.
За Унгарија пресудата е „неодговорна“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан досега го отфрлаше приемот на бегалци со аргументот дека миграцијата е „тројански коњ на тероризмот". Источноевропските општества се традиционално против доселување. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на вчерашната прес-конференција ја отфрли одлуката од Луксембург оценувајќи ја како „нечуена и неодговорна". „Унгарија ќе продолжи да се залага за изнаоѓање правни средства со кои ќе може сама да одлучува кој може, а кој не може да дојде во земјава." Еврокомесарот Димитрис Аврамопулос, кој е задолжен за прашањата поврзани со бегалците, побара од Унгарија да ја почитува независноста на судиите во Луксембург.
Словачкиот премиер Роберт Фицо во Братислава изјави дека ќе ја почитува одлуката на судот, но генералниот став на неговата влада против бегалци нема да се смени. Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел ги повика сите земји членки, по пресудата од Луксембург да го почитуваат европското право и да ги преземат квотите на бегалци од Грција и Италија, за да може овие земји да се олабават од овој товар. „Очекуваме дека сите европски партнери ќе ја почитуваат одлуката и ќе донесат одлуки без двоумење," изјави Габриел во Берлин.
Брисел бара спроведување на пресудата
Во Брисел, европратеничката Франциска Келер од Зелените, која е задолжена за распределба на бегалците, изјави дека одлуката на Европскиот суд на правдата е „пресвртница“ во европската политика на азил. „Сега повеќе нема изговори. Земјите членки, кои до сега ја бојкотираа распределбата, ќе мора да ја спроведат." Оваа пратеничка побара од Европската комисија да продолжи со постапките против Словачка и Унгарија. „Лудо е, многу ЕУ земји и две години по донесувањето на првичната одлука се уште да заостануваат."
Портпаролот на социјадемократите во Европскиот парламент за внатрешно политички прашања, Биргит Зипел, ја критикуваше жалбата на Словачка и Унгарија против бегалската квота како „национална изборна кампања и мачкање очи." Оваа европараламентарка додаде и дека по оваа пресуда е потребна итна реформа на Даблинските регулативи, односно на европските постапки за азил, кои ќе резултираат во една „долгорочна фер распределба по клуч." „Се надевам дека конечно ќе дојде до поместување во преговорите. До сега најмногу ја кочеа работата таканаречените Вишеградски држави, Полска, Чешка, Словачка и Унгарија," критикува Биргит Зипел.
Фиксни квоти
Европската комисија уште пролетоска предложи фиксни квоти за бегалци, за да се ослободат од товарот Италија и Грција кои се први на удар на бегалските бранови. Принципот на „Даблинската регулатива", дека оние земји, во кои мигрантот за првпат стапува на европско тло, се одговорни за можно барање за азил, треба да се задржи. Европскиот суд на правдата во една пресуда во јули донесе одлука дека „Даблинскиот принцип" важи и за бегалски криза и при големи мигрантски бројки. Министрите за внатрешни работи на ЕУ сакаат во следниве недели да се занимаваат со бегалските квоти и рутите на мигрантите. До сега ЕУ се залагаше само да се запрат илегалните мигрантски рути. Луѓето треба да бидат запрени во Турција, Либија или другите транзитни земји за да не можат да дојдат до територијата на ЕУ ни по копно ни преку водни патишта. Само малку баратели на азил би можеле директно да се преселат во ЕУ од Турција или Северна Африка.
Италија, Грција, Унгарија и останатите земји добиваат финансиска помош за заштита на надворешните граници на Унијата. Европската комисија во моментов одбива да и плати половина од трошоците на Унгарија за поставување на скапата жичана ограда на границата. Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во вторникот му пиша на унгарскиот премиер Виктор Орбан, „солидарноста не е еднонасочна улица."