1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три историски референци за денешницата

26 октомври 2017

Тензичноста на сегашната поставеност на политичката сцена се диктира токму од оваа современа манипулација како последна етапа на пост-југословенскиот приод на македонската политика кон Албанците, пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/2mYqd
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Албанската референца

Албанското општество во Македонија во овој момент минува од една во друга историска и развојна етапа. Како што се навестуваше, пред нас во тек е процесот на трулеење на генерацијата и мислата на 1981 персонализирана во ликовите на Али Ахмети, Теута Арифи, Мендух Тачи и останатите им мастодонти на политичкиот и духовен атавизам деградиран во алабанофонско папагалство. Во основа, станува збор за групација на политички живи мртовци оптоварени од стравот и немирот за истекот на душата која им ја држат со затнат нос македонските служби и западната дипломатија.

Историската референца за опис на нивното трулеење е паралелната споредба со партизанската генерација на Фадил Хоџа, Сание Хисени, Синан Хасни од средината на 80-те години на минатиот век кога истите се најдоа во заложништво помеѓу диктатот на Белград и презирот на Албанците. Современиците паметат како говорите на албанските комунисти во тоа време се примаа со презир, одбивност и гадење, додека нивните штапски мегафони полека згаснуваа сред општо игнорирање. Паралелно со рушењето на нивниот слугански имиџ се одвиваше процесот на уважување и возвишена почит кон новата генерација и нивниот слободарски вокабулар.  Ова е аналогијата која ја дешифрира поставеноста на Алиа, Теута, Мендух како наследство на Фадил, Сание, Синан, рака под рака со презирот и подсмевот на граѓаните кон партиските им мегафони заплеткани во стратегијата за рушење на опозицијата поради недостаток на имање убедливи аргументи за импонирање на прогресивни идеи.

Македонска референца 

Токму таа стратегија на разорување на опозицијата како компензација на недостатокот на прогресивен дух ја докажува суштината на не-албанскиот ментален склоп на групацијата Али, Теута, Мендух. Во основа, станува збор за стратегија позајмена (или импонирана) од македонската политика, јазично модифицирано прилагодена кон албанскиот политички вербализам. Поточно, звучи албански, но во основа станува збор за македонски политички ум. За да подобро ја разбереме смислата на таа дихотомија, може да послужи наводот од најновата книга на Стојан Андов во која детално се објснува како Љубомир Данаилов Фрчкоски инсистира во разговор со една поранешна македонска министерка дека треба безусловно да се уништат помалите македонски партии, а по полза и во прилог на апсолутната контрола поделена помеѓу ВМРО и СДСМ. Андов исто така дава опис за политиките на СДСМ и Фрчкоски вперени против албанскиот политички камп, со уште поизразена деструктивна матрица. Примери кои се доволни за опис на политичкиот и морален компас на Али Ахмети, за менталниот и политички концепт и потекло на Теута Арифи како студентка и следбеничка на Фрчкоски и алтер-его на интригите на Ахмети. А сето заедно доволно да послужи како потсетник и прирачник во разбирањето за политичкото педигре на ДУИ и ДПА, кои иако под албански префикс, се всушност албанска верзија на македонската политика на фрчковистичка деструкција. Која недостатокот на прогресивен политички интелект го компензира со шизофренично ништење на ривалите. И за последица ја гарантира перпетуалната статус-кво состојба и ја осакатува секоја усилба кој цели да поведе напред кон модернизмот.

Во овој шизофрен опис лежи и дво-децениската хаотичност на Албанците во Македонија, благодарение на фаталистичката психа, деструктивна жар и ретроградната сервилност на тројката Али-Арифи-Тачи кои поради 19-вековски клановски интереси (не)свесно промовираат анахрон македонски концепт диктиран од интелектуалната немоќ и духовна деструкција на идеолошките мозоци. За Македонците таквиот пристап е можеби логична резултанта која ја одразува нивната поставеност и регионална битност, но апсурдот следи кога тој менталитет – во основа туѓ за Албанците – се вметнува вештачки во поголемо и попропулзивно тело како што е албанскиот политички кампус. Користејќи ја духовната бедотија и ментална закржлавеност на албанската тројка со вграден фрчковистички контролен чип. 
Тензичноста на сегашната поставеност на политичката сцена се диктира токму од оваа современа манипулација како последна етапа на пост-Југословенскиот приод на македонската политика кон Албанците. Одлуката на македонската политика да во име на лажни реформи и фингиран соживот промовира соработка со крим-миљето на Албанците во очите на истите веќе не се смета како исклучок, туку како константа на лицемерието започнато уште од Крушевската република, АСНОМ, независноста на Македонија, па заклучно со Шарената Револуција, Протестот од 17 Мај и пост-изборниот шовинизам на Зоран Заев. Како траекторија во замирање на македонската политика да во за нив најтешките часови секогаш апелира на најдоброто, најхуманото, најпрогресивното и најморалното кон Албанците во борба портив заедничкиот непријател. За да по крајот на битката дегенерира во цинизам, хипокризија, омраза и претпочитување и фаворизирање соработка со најдолните слоеви на криминалци, коруптократи и силеџии од албанската петта колона, денес и овде персонифицирана во ДУИ.
Оттаму, појавата на новата и млада албанска политичка класа се смета како алармантна непогода за фрчковистички психо-патолошки детерминираното македонско политичко братство на СДСМ и ВМРО, кои прецизно ги детектираат опасностите од зародишот на автентична и автохтона албанска политичка генерација. Затоа, не е воопшто случајно што координираниот насилен гнев на СДСМ, ВМРО и ДУИ е вперен тому кон ликовите на Зијадин Села и Зекирија Ибрахими, чии биографии не само што не можат да се најдат по полициските фиоки и заевистички бомби, туку и излегуваат надвор од рамката на македонски дозиран и политички предвидлив "инсцениран албански патриотизам” на Ахмети и Арифи.
Клучниот мотив за овој гнев и патолошка омраза кон Села-Ибрахими се базира врз нивното идентификување како реална сила за искоренување на дефанзивно-деструктивниот фрчковистички концепт на "газење, ништење, уништување, мртво-бебисување” од албанската политичка мисла. И уште побитно, негова замена со национал-либерален и прогресивен концепт на политика базиран врз факторите напуштени од страна на македонската политика – борбата против криминалот, корупцијата, непотизмот и клановското политиканство како споделен аморален компас на Пактот на Неказнивост помеѓу СДСМ и ВМРО и нивните албански пудлици. Накратко, оживувањето на албанскиот национал-либерализам вперен против македонскиот манипулативен концепт на соживот преку криминал, е најава за неминовниот колапс на декадентната филозофија на фрчковизмот, првично кај Албанците, а потоа и кај самите Македонци. Следствено, борбата која денес се води од страна на Заев, Фрчкоски, Шеќеринска, Груевски за спас на тројката Ахмети-Арифи-Тачи не е  мотивиран од спас на албанската тројка на криминал и корупција, туку за спас на излитениот и со истечен рок на траење македонски политички концепт заглавен во однапред корумпираниот Заевизам.

Меѓународна Референца 

Меѓународната политика кон Македонија, посебно западната, веќе има доживеано само-нанесен пораз и апсолутна капитулација. Апсурдно и смешно е да очекуваме да оваа констатација и реалност се искаже од устите на западните дипломати. Кои премолчано – и комично! - се приклонуваат кон деструктивноста во надеж за конструктивен излез надвор од од нив исцртаниот пеколен круг на зависност од домашната крим-клиентела. Неможноста и тешкотијата на западните дипломати да ја признаат нивната загуба извира од неволноста да се признае дека нивните политики, нивните ставови и нивните согледувања за нашата земја се децениски диктирани од презервирање на македонскиот политички концепт и усилбите да истиот се наметне како граѓански и над-етнички. Што неминовно се вклопува во менталитетот на самопрогласено  "балканско јагне опкружено со волци”, според филозофијата на Фрчкоски од 90-те и надворешно-политички одраз на внатре-политичката наметната етно-манипулација. Странците предоцна почнаа да разбираат дека колку и да таквата матрица звучи разумно, всушност е долгорочно нај-ефикасниот рецепт за македонско само-уништување на македонскиот народ и идентитет.
Иронијата на приодот е во тоа што аргументот и лекот предложен од Фрчкоски и некритички и беспоговорно прифатен од западната политика на крај се преврте во контра-аргумент и отров за самите Македонци, со никаква вина од страна на Албанците, но со соучесништво на западњаците. Сепак, тешко е да се очекува од западните дипломати и политичари да направат отклон од нивната сопствена деструктивност, посебно доколку се земе во предвид нивата кич-визуелна опседнатост со стиропор-европеизмот на Груевски или пак имитацијата на модернизмот од атавистичката клика на соросоидството како последен бастион на црвената буржоазија. На западната дипломатија и е совршено јасно дека прогресивната енергија во Македонија денес цути во новата албанска политичка елита на Алијансата и Беса. Но нивната оптовареност со визуелно протоколаштво, супремацистички религиски менталитет и зависност од криминалната стабилократија, не дозволува ослободување на визијата и храброст за подршка и ослободување на нормалниот развој на албанската национал-либерална политичка сцена во која се развива вистинскиот граѓански концепт на идеолошка динамика, за разлика од строго контролираната и полициски диктирана лажна лево-десна манипулација СДСМ-ВМРО. Инсистирајќи на тековниот статус-кво, западните дипломати се повеќе наликуваат на советските генерали кои со присила и пропаганда на лагата се обидуваат да го запрат историскиот прогрес и социјална еволуција промовирајќи и наметнувајќи ефтини имитации на фалш-соживот, фалш-демократија, фалш-антикриминал. Со што ја идентификуваат Македонија не како епизода на апсурдот, туку како мимикрија на причините за крах на Советскиот Сојуз и минискулен микро-космос во кој се прекршуваат и разоткриваат сите контрадикции, конфликти и колапси на западната политичка мисла на глобално ниво.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема