Зборот си е збор! Зоран е со Али!
5 октомври 2017Генералната оценка за предизборието е дека е одбележано со летаргија, апатичност, незаинтересираност и рамнодушност на граѓаните кон опционалните политички понуди на големите партии. Во склад со таквата атмосфера, доминантниот коментар по социjалните мрежи и муабети е дека на партиите не треба да им се верува и дека не може да се очекува промена на подобро. Сето соткаено во, за мене, најпроникливиот коментар на сезоната: „Партиите го киднапираа и кампањизираа оптимизмот и пресвртеа во празен збор. Што повеќе го користат оптимизмот, сѐ подепресивно се чувствуваме”. Тешко е да не се согласиме.
Куриозитет на овие избори е и воздржувањето на партиите од хистеричните еуфории на колнење до седмо колено на неопределените и неутралците, како што екс-опозицијата квичеше во предвечерието на минатогодишните избори. Би сакале да веруваме – иако не со убедување – дека на партиските хистерици конечно им светнало дека доминантната неутралност и неопределеност во оваа земја не е во однос помеѓу партиите, туку во заземање цврст и принципиелен став во однос кон корупцијата и криминалот. За разлика од самите партии, кои љубат да попуваат против неутралноста во гласањето, но во праксата се докажано сосема неутрално неопределени во односот кон крим-корупцијата.
Излитени фрази
Секако дека по изборите ќе уследат многу мудри дебати на мудри глави преполни со мудри зборови за дешифрирање на апатичната состојба на духот на нацијата. Која баш и не се потресува од драматичните повици на големите партии за изборите како уште една „судбинска рунда, историска шанса, можност за пресврт, решителен исчекор” и останатите излитени фрази и плачливи мољакања на партиските talking heads. Посебно не од превртливите побратими во владината коалиција кои си имаат замислено и се имаат убедено дека навистина капацитетот на меморијата на нацијата е сѐ уште со големина на флопи-диск од 1990-тите години.
СДСМ и ДУИ имаат проблем во ширењето на нивниот оптимизам. Што е многу помал дел од маката во споредба со епидемијата на постмев и презир кон сите нивни ветувања и заложби пред граѓаните. Колку навистина може да им се верува на СДСМ и ДУИ во нивната спремност да стојат на сопствената „Зборот си е збор“-отчетност? Искрениот одговор за тоа секако нема да го најдете низ вмровските соопштенија и курирските спинови. Напротив, причината за недоверба во ветувањата на партиите на Заев и Ахмети ќе ги најдете во нивните најдоверливи извори: од нивни усти. Од кои се нижат бисерите на непринципиелност, превртливост, лажливост и цинична манипулација. Како впрочем да се верува на двата лика на надежните реформи, кои час до вчера го изјавуваа следното:
„Нема разлика помеѓу СДСМ и ВМРО во однос кон Албанците ", Али Ахмети, 2016 г.
„Груевски бара 63, Зоран Заев бара гласови од Албанците. Ниту првиот ниту вториот да не сонуваат за тоа” – Али Ахмети. 2016 г.
„На оној консензуалниот претседател, истакнат од македонската страна заедно со оние Албанци само по име, но немаат албанска крв, со ваше неизлегување на избори ќе докажеме дека сме сплотен народ” – Шкодране Дардишта, пратеник на ДУИ, 2014 ..
„Јавно тврдам, корумпирани се и ДУИ и тие не можат да избегаат од тоа. Заедно со ВМРО-ДПМНЕ делеле пари“ - Зоран Заев, септември 2016 г.
„Али Ахмети и ДУИ се составен дел на оваа власт и имаат незаконски дејства. Дел од нив, како и дел од гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ, имаат незаконски и криминални дејанија“ - Зоран Заев, мај 2015 г.
Верувале вие или не, колку и да ви наликуваат како одвратни примери на политичко лицемерие од страна на дотичните, тие се само исечоци од долгата листа изјави од минатото како причина за недоверба во нивните уверувања за иднината. До таа мерка што ретко кој би се посомневал во можноста истите овие ликови час утре да почнат да си ја колнат клетата судбина што морале дури и да прозборат со скотовите од другата партија. Како? Па онака како што сега Шкодране ќе трча да собира гласови за Шилегов.
Нарцисоидна самобендисаност, аздисаност и провинцијалност
Да не се лажеме, единствено партиските солдатески и сателитските им медиуми, меѓународната дипломатија и криминалците сакаат да веруваат дека од оваа коалиција може да се очекуваат сериозни и одржливи реформи, сериозен рез на крим-корупцијата и придвижување на земјата кон интеграциите. Само горенаведените имаат причина да замижуваат со верска верба пред ослободувањето на насилниците и враќањето на насилството во предизбори, пред тивкиот мобинг низ институциите за обезбедување зомби-гласачи, пред трансферот на криминалци и коруптократи во нови благословени одори на „дечки кои ветуваат и не треба да се горат“, пред дебаклот на шарм-офанзивата во обезбедување упад во НАТО низ мала врата или заживување на вербата во евроинтеграции.
Оваа влада секако не е полоша од онаа на Груевски-Ахмети од проста причина што претходната администрација е шампион во сопствена лига на морален олош и омраза. Но сироти вие, ние и сите доколку мерилото за нашиот оптимизам и успешност е споредбата со таква влада. Невесело, но отрезнувачко е сознанието дека вистинското обвинување за коалицијата СДСМ-ДУИ е дека таа е продолжение на истата матрица на нарцисоидна самобендисаност, аздисаност и провинцијалност според теркот од 1990-тите и формулата – не е важно колку крадеш, важно е колку гладни новинари и интелектуалци имаш на синџир за да ти ја покријат или глорифицираат смрдеата. Но и во таа наследна формула на мувлосаната Бихаќка јазбина има една новина – мракобесието од 1990-тите е сега надополнето, надградено и проширено со интригашењето, лигавоста и подлоста на ДУИ.
„ДУИ не смее да падне”
Клета судбина, пријатели, да штом ја увидовме голата мизерија на ВМРО-ДПМНЕ, сега сме принудени во живо да се потсетиме на бедата на СДСМ од 1990-тите, и притоа ја следиме напрекинатата еволуција на ДУИ од една во друга лигава форма на безрбетно менување кошулка. Во таква состојба, апатијата и летаргичноста не се феномен, туку природна реакција на самоодбрана и сочувување на барем тронка достоинство. Апатија не како затупеност, туку како созреаност и блазирана способност да се предвиди однапред дека на таа и таа телевизија тој и тој ќе го каже тоа и тоа, дека во тој весник тој и тој повторно ќе советува и морализира за она кон што самиот не се придружува, дека САД и ЕУ се ептен принципиелно против крим-коруптакратијата со која легнуваат и се будат катадневно, дека НАТО сака ама Грција не дава, дека слободољубивите интелектуалци на реформата се подеднакво корумпирани како и мегафоните на режимот. Жална е демократијата, слободата, дипломатијата и силно светнатиот ден во кој единствената константа по преминот од режим во слобода е заљубеноста на Македонците и Западњаците во криминалците на ДУИ.
Таа определба на некогаш ВМРО, сега споделена од СДСМ дека „ДУИ не смее да падне” однапред ја обесмислува неизвесноста на изборите и ја дефинира неизбежната политика која ќе уследи по нив – независно кој ќе победи во македонскиот политички кампус. Инсистирањето на промовирање на најкриминогените структури кај Албанците од страна на македонските партии и западната дипломатија е предвестие дека реформите се ставени ад акта во интерес на одржување на стаус-кво. Навидум, во склад со предвидувањето (маскирано во предупредување) на Прибе за замена на една заробена држава со друга. Но она што Прибе заборава да го предвиди е дека тензиите во албанскиот кампус, предизвикани од лицемерието на Заев, сосема извесно ќе предизвикаат нови читања на формата на заробеност на државата. Не според партиски аршини, туку како етничка заробеност на државата со фингирана етнича скрама на претставителност. И тоа ќе биде последицата на лицемерието на Заев и неговата политика за цинична експлоатација на граѓанскиот концепт и манипулација со довербата на Албанците. Со цел за промовирање на лево-центристички пресликан модел на триумфиратот Заев-Груевски-Али, според формулата измислена од претходниот десно-центристички режим. Опција која нема да ја најдете на гласачките листи, но и тоа како ќе продолжиме да ја чувствуваме врз сопствена кожа.