1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеЕвропа

Што ќе се случи кога Ковид ќе се сретне со сезонскиот грип?

20 јули 2020

Комбинација од Ковид-19 и сезонскиот грип која се заканува од септември го вклучи алармот кај експертите во светот. Ниската свест за вакцинација и преоптоварениот здравствен систем во С. Македонија се рецепт за проблеми

https://p.dw.com/p/3fbmq
Symbolbild Corona-Virus Impfstoff
Фотографија: picture-alliance/dpa/Geisler-Fotopress

Надежите дека ќе спласне силата на коронавирусот во текот на летните месеци одамна се распрснаа, но веќе расте стравот од тоа што ќе се случува наесен кога карактеристичните сезонски грипови ќе се измешаат со Ковид-19?
Експертите во Велика Британија и Германија веќе предупредуваат од нови бранови уште во септември. Северна Македонија е во уште полоша ситуација. 
„Ги имаме сите услови за да се искомплицира ситуацијата наесен“, предупредува директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, епидемиологот Александар Стојанов. Таквата проценка доаѓа од комбинацијата на непочитување на мерките во земјата, но и од ниската свест на граѓаните за потребата да се вакцинираат за сезонски грип. Дополнителен проблем, според Стојанов, е што грипот и коронавирусот имаат многу слични симптоми на почетокот на болеста, па ќе биде тешко да се разликуваат. 
Стравот во западните европски држави, но и во Северна Македонија, е дека напливот на новозаразени со коронавирус и сезонски грип може да ги затрупа болниците со нови пациенти. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека веќе се работи на зголемување на болничките капацитети.
„Очекувањата се дека бројот на заболени кога луѓето повеќе ќе бидат внатре ќе се зголеми, но ќе има и пациенти од сезонски грип и други вообичаени инфективни заболувања и затоа ни е потребно зголемување“, вели Филипче за ДВ.
„Имаме план за надградување на инфраструктурата, зголемување на бројот на болнички кревети со модуларни монтажни болници заради целосно физичко одделување на ковид пациентите од останатите пациенти за да не се компромитира вообичаената работа на болниците, со триажни центри, инфективни одделенија и мини лаборатории за брзо тестирање". Планот е тоа да се направи во 16 болници низ државата по примерот на модуларната болница кај Инфективната клиника во Скопје.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Министерот за здравство Венко ФилипчеФотографија: DW/P. Stojanovski

Ќе се отворат ли училиштата? 

Секоја есен се случува предвидлива серија на појава на респираторни вируси, кои деновиве беа детално објаснети во британскиот весник Гардијан. Сезоната започнува со риновирусот, главниот причинител на обичната настинка, кој се појавува во септември кога децата започнуваат да одат на училиште. Откако ќе се активира имунолошкиот систем на децата, риновирусот почнува да опаѓа, а по него доаѓа респираторниот синцицијален вирус, или РСВ. Овој вирус е најактивен во октомври и ноември и предизвикува лесни настинки кај луѓето од сите возрасти, но понекогаш и тешки инфекции на белите дробови кај најмладите и најстарите. Многу бебиња секоја година завршуваат во болница со пневмонија од овој вирус. 

- повеќе: Филипче: Есента ќе донесе многу поголеми предизвици

Смирувањето на РСВ вирозата не значи и крај на сезонските опасности затоа што некаде од почетокот на зимата, па се до пролетта настапува годишната епидемија на грип. Нејзината трансмисија започнува од децата, но најмногу ги погодува постарите.

Клучното прашање во тој дел е дали и како ќе се заштитат децата во училиштата. Протоколите се во фаза на изработка, иако никој со сигурност не може да каже дали училиштата и градинките ќе се отворат од септември. Во Министерството за здравство велат дека тоа ќе зависи од состојбата со коронавирусот во последните недели од август. Во Комисијата за заразни болести се разговарало на оваа тема, а според епидемиологот Стојанов, иако протоколот не е готов, она што со сигурност ќе се заговара е поделба на учениците во смени.
„Идејата е да се преполоват одделенијата. На пример, доколку има 30 ученици, 15 да одат во прва, а другите 15 во втора смена, и секој да седи сам во училишната клупа", објаснува Стојанов кој смета дека училиштата мора да се отворат заради доброто на децата.

Ни лекарите не се вакцинираат

Странските и домашните епидемиолози велат дека е „прашање од милион долари“ дали и како сезонските вирози ќе влијаат врз состојбата со Ковид-19. Сезонскиот грип најчесто го пренесуваат деца, додека коронавирусот го шират постарите. Доколку двата вируси се шират паралелно, тоа ќе значи значителен пораст на бројот на заболените и проблеми во болниците. Но, во Австралија и Филипините веќе постојат евидентирани случаи и на лица кои истовремено заболувале од сезонски грип и Ковид-19, во нешто што виролозите го нарекуваат ко-инфекција.
„Мораме да се подготвуваме за најлошото, а да се надеваме на најдоброто“, вели за Гардијан, германскиот виролог Аб Остерхаус. 
Неподелено е мислењето дека најдобрата подготовка во таа насока, во недостаток на вакцина за Ковид-19, е вакцинацијата од сезонски грип. Се разбира таа вакцина не нуди никаква заштита од коронавирусот, но со голем опфат на населението, може да заштити многу луѓе од дополнителни компликации и преоптоварување на здравствениот систем. Но, додека западно-европските држави најавуваат есенска вакцинирачка офанзива, македонските епидемиолози се длабоко скептични дека граѓаните ќе ја сфатат сериозноста на ситуацијата. 

Ковид-19: Импровизирани прегради за безбеден училишен ден

- повеќе: Филипче: Антивакциналните кампањи се темелат на псевдонаука

Министерството за здравство ја удвоила количината на нарачани вакцини за сезонски грип за годинава од 28 на 60 илјади. Бројката, сама по себе, е мала, доколку се земе предвид дека СЗО препорачува вакцинација на најмалку 20 проценти од населението. Но, епидемиологот Стојанов, кој 40 години работи на имунизација на населението, вели дека е прашање дали и тие количества ќе се искористат.
„Се плашам дали ќе го потрошиме и тоа количество. Замислете, минатата година во Скопје, од околу 15,000 здравствени работници, се вакцинираа само 1,300. На бесплатно вакцинирање не дојдоа!“, вели Стојанов. Кога свеста кај здравствените работници за вакцинирањето е толку ниска, не е изненадување односот на останатиот дел од населението.
Во ризичните групи за кои е потребно редовно годишно вакцинирање од сезонски грип, меѓудругите, спаѓаат лицата над 65 години, хронично болните, децата под 5 години и бремените жени. Лани, само две (2) трудници се вакцинирале од грип. 
„Кога ќе ги повикаат граѓаните во Словенија или Шведска да се вакцинираат, ќе послушаат. Кај нас нема. Повеќе ќе му веруваат на Иван Исцелителот одошто нам здравствените работници“, резигнирано заклучува Стојанов.