1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стандард:Во ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се дистанцираат од Груевски

БГ
16 март 2017

Австриски „Стандард“ во репортажа од Македонија денеска пишува за протестите во земјата, стравот од двојазичноста и судирот меѓу авторитарните и либералните гледишта.

https://p.dw.com/p/2ZHSF
Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„На протестите против новите јазични права за Албанците во Македонија се работи за судир меѓу авторитарните и либералните гледишта“, пишува во репортажата од Скопје, новинарката на „Стандард“, Аделхајд Велфл.

Таа разговара со 52-годишниот Бојан, кој долетал специјално од странство за да учествува на протестите против воведувањето на двојазичноста.

„Со новиот закон за јазикот луѓето ќе бидат принудени да учат албански, а ќе се вработат и уште повеќе Албанци во администрацијата“, објаснува Бојан за „Стандард“.

Демонстрантите не сакаат да дозволат Македонија да стане „бинационална држава“.

„Веќе 20 години тие се заштитувани од меѓународната заедница и добија сѐ што побараа. Сега е доста. Хилари Клинтон ги загуби изборите, а Трамп не е дел од таа проалбанска политика“, вели соговорникот на „Стандард“.

„Откако Македонија во 2015 година западна во внатрешнополитичка криза“, пишува натаму „Стандард“, „ЕУ и САД работат на тоа да се врати владеењето на правото. ВМРО-ДПМНЕ, која се плаши од судски процеси, се обидува со помош на претседателот Иванов, да го спречи овој процес“.

„Но, не се работи само за власт, туку и за идеологија. Делови од ВМРО се антилиберални и се борат агресивно против сите кои се залагаат за 'западните вредности'. НВО и новинари се напаѓани и следени. Целта не се само групите финансирани од Џорџ Сорос, туку и оние кои добиваат пари од УСАИД. Инспектори на финансиските служби, на Министерството за внатрешни работи и на јавното обвинителство се обидуваат да докажат нерегуларности во речиси 20 невладини организации“.

„Но и во самото ВМРО-ДПМНЕ има движења за промени. Многумина не сакаат веќе да го следат шефот на партијата, Никола Груевски, туку се обидуваат во рамките на смената на власта, која може да се случи во наредните денови, да се дистанцираат од неговите махинации“, пишува австриски „Стандард“ во репортажата од Македонија. Истиот весник пред неколку дена прогнозираше дека и Али Ахмети наскоро би можел да биде сменет од претседателската функција во ДУИ.