1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

„Срдечни честитки“ од Ердоган: Света Софија ќе стане џамија

ЖА / агенции
10 јули 2020

По одлуката на Врховниот управен суд, турскиот претседател издал налог Света Софија повторно да се отвори за муслимански богослужби.

https://p.dw.com/p/3f8JC
Türkei Fotoreportage Istanbul
Фотографија: DW/U. Danısman

Врховниот управен суд денеска даде зелено светло музејот Света Софија да се пренамени во верски објект. Веднаш потоа, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потпишал декрет со кој објектот се отвора за муслимански молитви, за што се вршат неопходни подготвителни работи. Освен тоа, управата со него се пренесува врз верските служби, како што напиша Ердоган на Твитер. „Искрени честитки", дополни турскиот претседател во твитот.

Со одлуката на Врховниот управен суд се анулира статусот на музеј на поранешната црква и се отвори патот за нејзина пренамена во џамија. Во образложението на одлуката, според новинската агенција Анадолу,  судот наведува дека Света Софија е сопственост на фондацијата основана од султанот Мехмед Втори. По освојувањето на тогашен Константинопол, денешен Истанбул, во 1453 година, Османлиите тогашната црква ја присвоиле и ја претвориле во џамија.

Кога објектот фактички ќе профункционира како џамија, уште не е јасно. Во медиумите како датум се наведува 15 јули, годишнината од обидот за пуч во Турција.

Повеќе:

Планот на Ердоган - Света Софија да ја претвори во џамија

Света Софија: денес музеј, утре џамија?

Статусот на објектот одамна е политизиран. Приврзениците на исламско-конзервативната владејачка партија АКП одамна инсистираат Света Софија да ја пренаменат во џамија. Контра промената на статусот се првенствено Грција и Русија, имајќи го во предвид значењето на објектот за христијанството. Одлуката на судот има потенцијал да ги продлабочи тензиите меѓу Турција и соседот Грција, кои моментно се во конфликт поради експлоатација на земен гас во источниот дел од Средоземно Море.

Света Софија (на грчки: Света мудрост) е изградена во шестиот век по Христос, служела како главен храм на Византиското царство, во неа биле крунисувани царевите. На иницијатива на основачот на Турската република, Мустафа Кемал Ататурк, во 1934 година е поништена одлуката на султанот Мехмед Втори и Света Софија е претворена во музеј.

Според официјалните податоци, Света Софија со 3,7 милиони посетители лани, е најомилен музеј во Турција кај туристите. Таа е позната првенствено по 56 метри високата купола, која се чини лебди над главната просторија. Во внатрешноста ѕидовите се украсени со византиски мозаици и мермер. Согласно на правилата во исламот за забрана на слики, мозаиците би морале за време на исламските молитви да бидат покривани.