1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија - Косово: Спуштање на топката

Марина Максимовиќ
25 јануари 2017

Уште една рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел заврши со надеж во подобри денови за односите меѓу Србите и Албанците. Она на што и натаму се чека, е реализација на конкретните договори.

https://p.dw.com/p/2WLlz
Brüssel EU Dialog Belgrad Pristina
Фотографија: European Union

Зголемени тензии меѓу Белград и Приштина, загубена меѓусебна доверба и бројни договори, постигнати со посредување на ЕУ, останати само на хартија - сето тоа се причини поради кои шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини реши уште еднаш да ги седне на заедничка маса во Брисел највисоките претставници на Србија и Косово. Надежта на Брисел е зачувување на макотрпно стекнатиот, но како што се виде последните денови, лесно кршлив напредок во нормализација на односите меѓу Србите и Албанците. Судејќи според соопштението на високата претставничка, издадено по синоќешните разговори, европската надеж и натаму е присутна.

„Двете страни се договорија да продолжат со дијалогот во духот на почитување, соработка и меѓусебно разбирање. Разговорите на двете страни во идните денови ќе се интензивираат. Решивме во следниот период да одржиме серија состаноци во рамките на дијалогот на високо ниво“, порача Федерика Могерини.

Нејзината оценка, дека Србија и Косово се договориле „да ги остават зад себе тензиите и да се фокусираат на претстојната работа“, ја потврдува и изјавата на српскиот премиер, Александар Вучиќ. „Договорот е сите да ја спуштат топката, да се обидеме да се однесуваме одговорно и - или за тоа да не зборуваме, или да зборуваме сериозно, не говорејќи ништо лошо за другата страна“, изјави Вучиќ во Брисел.

Иако европскиот домаќин на овие разговори однапред најави дека од оваа рунда на дијалогот не очекува одговор на одделни отворени прашања, туку решение за односите на Србија и Косово во „поширок контекст“, се поставува прашање дали уште едно српско и косовско ветување дека ќе „продолжат со продолжувањето“ на нормализацијата на односите и европската надеж во тоа, се доволни за доаѓање до фактички промени. 

Српско-албанска рашомонијада

Ситуацијата, како и толкупати досега, изгледа сосем различно од аспект на различните страни во дијалогот, за што потврда се и изјавите на српскиот претседател Томислав Николиќ и косовскиот, Хашим Тачи, дадени синоќа во рамките на истиот состанок во Брисел. Николиќ го повтори својот став дека Србија нема да разговара за независност на Косово, на што косовскиот претседател има свој одговор: „Мислам дека веќе се почна со признавањето на Косово, тоа ќе се случува чекор по чекор, низ преговори“. 

Хашим Тачи, по разговорите во седиштето на Европската служба за надворешни работи, порача дека косовските институции на територијата на Косово ќе одговорат во иднина на српските провокации во согласност со своите закони, додека пак Николиќ изјави дека „не им препорачува“ на Албанците да го загрозуваат мирот и безбедноста никаде на територија на Косово, а посебно не во северниот дел. По ваквите изјави, двајцата сложно подвлекуваат: „дијалогот има смисла“ и е „без алтернатива“.

Контрадикторните изјави на претставниците на Белград и на Приштина, проследени со неутрален став на ЕУ, веќе се познат „фолклор“ на бриселскиот дијалог. Често повикувани да кажат „кој ја говори вистината, а кој не“, европските функционери објаснуваат - Белград и Приштина треба на своите граѓани на најдобар начин да им ги претстават резултатите од дијалогот за нормализирање на односите. По речиси пет години разговори, се поставува прашање дали Белград и Приштина сфатиле на најдобар начин дека делата говорат повеќе од зборовите и дека секој процес има свој крај и сметка која треба да се плати. 

Dialog Belgrad-Pristina
Неколку години преговори, а резултатите најчесто изостануваатФотографија: DW/Marina Maksimovic

Сидро и едро за Западен Балкан

Без оглед на разликите во ставовите и очекувањата, останува да се види како ќе изгледа иднината која им е заедничка и на Белград и на Приштина, како и на Брисел. Не е тајна оти земјите-членки на ЕУ се нервозни и нестрпливи да видат конкретна примена на договореното во рамките на процесот на дијалогот, кој во различни формации, трае уште од март 2011. година. Само на исполнувањето на првиот Бриселски договор се чека од 2013. година, а притоа голем дел од договореното и потпишаното не е спроведено во пракса.

Пораката на ЕУ е јасна: без конкретен напредок во внатрешните реформи и меѓусебните односи, нема да им ни конкретно приближување кон членство во семејството на европските земји. Од друга страна, јасно е дека и на земјите во процес на трансформација им е неопходна јасна и конкретна европска перспектива, нешто налик на сидро и едро кое дава сила и правец. Останува да се види колку се Белград и Приштина подготвени да го исполнат она на што се обврзаа и своите меѓусебни односи да ги усогласат врз база на европските основни принципи, врз кои е изградена и самата ЕУ, а тоа се добрососедски односи и соработка, па и меѓу поранешни конфликтни страни.

Прашањето кое останува отворено за Србија и за Косово и по синоќешниот состанок, по новите ветувања и надежи, но може да се примени и на други земји во регионот, е: дали европската перспектива на мир и просперитет ќе надвладее над тесно политичките и националистички интереси? Зашто, за разлика од поединци, на народот на Балкан веќе му е премногу од маки.