1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров: Тензиите на Балканот во остар подем

БГ
17 јануари 2017

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупредува од нова ескалација на Балканот. Повод се последните инциденти меѓу Белград и Приштина.

https://p.dw.com/p/2Vua1
Russland Sergei Lawrow in Moskau
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kolesnikova

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изрази надеж дека сите ја разбираат потребата од избегнување на насилна конфронтација на Балканот.
На годишната прес-конференција, Лавров изрази загриженост од растот на тензиите на Балканот, а повод за тоа беа последните препукувања меѓу Србија и Косово околу возот кој Белград го испрати кон Косовска Митровица.

„За жал, Балканот повторно станува извор на многу сериозни конфликти. Се надевам дека овојпат сите ќе разберат дека постои потреба да се избегне воен судир, иако тензиите се во голем пораст“, рече Лавров.

Според него, виновни за тоа се оние политики кои наметнуваат, како што рече, „т.н. европски вредности“.

„Политичките провокации ги создаваат оние кои на балканските народи им ги наметнуваат т.н. европски вредности во нов, модернизиран, постхристијански пакет“.

Лавров ѝ порача на ЕУ дека е должна да посредува за смирување на состојбата.
„ЕУ мора да ја деескалира состојбата. Таа мора да обезбеди дека договореното меѓу Белград и Приштина со посредство на Брисел ќе биде исполнето“, рече Лавров, дополнувајќи дека безбедносните сили на етничките Албанци не треба да бидат присутни во регионот со српско население на северот на Косово.

Во понеделникот, секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев го критикуваше и планираното проширување на НАТО во земјите од Западниот Балкан. Тој оцени дека НАТО „на сила ги вовлекува Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Алијансата“.